Што се случува со ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Манчо Митевски / Слободен печат/Архива

Партијата се однесува како „вејка на ветрот“. Лови во матно и се фаќа за сламки. Напорите и успесите на институциите на државата ги релативизира со извртени тези, а често се обидува и самата да си припише дел од заслугите. Преку нафрлени лажни вести и шпекулации удира на сите страни како грогиран боксер и негира сѐ што власта прави во интерес на граѓаните.

Иако не е време за политика, бидејќи сега е најбитна борбата за заштита на здравјето и егзистенцијалните прашања на луѓето и на државата, сепак, кога политиката, односно политиканството, проследено со лажни вести кои нанесуваат штета, го одвраќаат вниманието од примарното, се товарат на претоварените плеќи и ги затегаат веќе истенчените нерви на луѓето и на институциите кои со натчовечки напори ги водат овие битки, треба да се кажат некои работи како апел за вразумување.

Повеќе од половина век сум активен проследувач на политиката. Меѓутоа, ваква состојба со некоја партија: на дезориентираност, погрешна стратегија, изгубен наратив, стихијност и скокање од тема на тема, отсуство на општествена одговорност, пласирање огромни дози негативна енергија, а сето тоа само поради една и единствена цел – да се ќари некој евтин политички поен кој повторно би ги вратил на власт – елементи што последниве неколку месеци ги манифестира опозициската ВМРО-ДПМНЕ – не паметам. Многу партии и лидери биле во кризи, манифестирале хаотичност, правеле грешки, но по некое време или се консолидирале или ги снемувало од политичката карта.

Фатени во сопствената стапица

ВМРО-ДПМНЕ во бркањето брзи избори, со домашен есап калкулираше дека лесно ќе ги добие и на тој начин самата се доведе во сегашната речиси безизлезна состојба. Прво, сурфајќи на бранот на фингираната „сапунска опера Рекет“ за создавање перцепција без покритие кај луѓето за „невидени криминали“ на власта, која брзо се покажа како нискокапацитетна за намената, особено што дополнително беше обременета со фактот што како мува на капата за ишкање си ја имаше и другата веројатност дека, всушност, станува збор и за поткуп. Второ, ставајќи ги сите пари на картата на негативната кампања базирана врз примесата „Заев и СДСМ се криминалци и виновни се за сé лошо во државата“. Трето, на традиционалниот изборен адут во последните петнаесетина години – „името не го даваме“, од преклани – Преспанскиот договор ќе го поништиме. Четврто, протести против смогот и маглите, кои оваа зима, најчесто, ги растеруваше ветрот и други дневнополитички реакции. Петто, со помошта за создавање антивладина перцепција од електронски и социјални медиуми платени од странство се претера…

Меѓутоа, коронавирусот и одложувањето на изборите, во прв план, но и двата стратегиски успеха на државата – станувањето членка на НАТО и безусловната одлука за почнување преговори за членство во ЕУ – им ги расипаа плановите. Функционирањето на пржинската влада, која требаше да биде инструмент за отворање однатре од владините кабинети и коридори на наводни криминали на владејачката коалиција на СДСМ, што се виде од првичното дејствување на техничката министерка за труд и социјала Мизрахи (за што таа брзо беше разрешена) и другите заменски министри потпомогнати од огромните партиски инсталации во институциите – ги уништи сите планови и надежи на опозиционерите. Не е во игра ни добитната комбинација – поделба на патриоти и предавници. Во битката за здравје и егзистенција на луѓето и државата (вирусот не препознава партиска припадност), се сменија нештата – сега патриоти се оние што се во првите редови, а не оние од „јорган планина“ што профитираат со политиканство, критицизам и нихилизам.

Во ситуација на сменети општествени услови, приоритети, вредности и изјаловени адути, партијата се однесува како „вејка на ветрот“. Лови во матно на дневна политика и се фаќа за сламки. Напорите и успесите на институциите на државата ги  релативизира со извртени тези, а често се обидува и самата да си припише дел од заслугите. Преку нафрлени лажни вести и шпекулации од страна на платената медиумска (јавна и социјална) логистика удира на сите страни како грогиран боксер и негира сѐ што власта и институциите прават во интерес на граѓаните и на државата. Забележливи се неколку работи кои што ја карактеризираат сегашната состојба на духот и дејствување на ВМРО-ДПМНЕ. Пред сѐ, иако постгруевистичко раководство вети, не ја реформираше партијата. Напротив, партијата која прва беше заробена од Груевски и раководството, за потоа како партија да ја зароби државата (констатација на ЕУ), и натаму е заробена и затоа не може да се реформира. Тоа е резултат на забележливото раководење од две глави и локации: од почесниот претседател, срамно пребеганиот осуденик во Будимпешта и од него октроираниот актуелен претседател од Скопје.

Во овој контекст треба да се сврти вниманието на уште еден елемент. Веќе не е видлива долго потенцираната и самофалена експертска, но и поширока кадровска структура и база на партијата. Последниве месеци во јавноста нагласено се присутни само неколку функционери од најтесното раководство и три-четворица портпароли кои ги пласираат и бранат актуелните политики и потези. И толку. Како да е прекината врската со пониските ешалони и базата, меѓутоа и со нивните интереси како граѓани. Да не зборуваме за лидерот и неговиот заменик, кои си дозволија да кажуваат разни небулози, да шират огромни дози негативна енергија, обвинувања за лоши здравствени и економски стратегии, воено профитерство, недостиг на тестови во услови на епидемија…, други ноторни лаги и нудење мерки кои се популистички и се косат со вонредната состојба, Уставот и законите…

Посебно за потенцирање е една теза со која опозициската партија сака да приграби дел од успехот за приемот во НАТО и за отворањето на преговори за влез во ЕУ. И покрај фактот што октроираниот лидер зборуваше дека позитивниот извештај на ЕУ е лажен и незаслужен, од партијата се обидоа да фатат приклучок, изјавувајќи дека за влезот во НАТО и за почнувањето на преговори со ЕУ се заслужни и – сите претходни влади. Оваа релативизација мора да се разобличи. Точно е дека ВМРО-ДПМНЕ како партија беше една од иницијаторите на Резолуцијата во Собранието, веднаш по осамостојувањето, за влез на Македонија во НАТО како стратешка цел, дека беше на власт кога се потпишуваше спогодбата за Партнерство за мир, но точно е и дека ВМРО-ДПМНЕ на Груевски го исклучи поранешниот лидер на партијата што ја застапуваше оваа политика, отстапи од изворната партиската идеологија и се претвори во акционерско друштво за богатење на поединци и на партијата која го носи епитетот – најбогата во Европа.

Декларативно – за здравје, практично – за изборни поени

Затоа се наметнуваат неколку логички прашања: како оваа партија стана заслужна за приемот во НАТО и за одлуката за почнување преговори за прием во ЕУ? Дали поради незаконски прислушуваните повеќе од 25.000 домашни граѓани и странски дипломат? Дали поради „Скопје 2014“ и антиквизацијата, кога на споменици, стиропор, леарници и уметници се потрошија повеќе од 800 милиони евра за создавањето нов и „подлабок“, антички национален идентитет од словенскиот? Дали поради растурањето на сите државни системи – здравство, образование, безбедност, економија, егзодусот на младите што сега се враќа како бумеранг… Дали поради заробувањето и ограбувањето на државата, за што се донесени судски одлуки, а во тек се судски и обвинителски процеси и постапки против околу 300 функционери од тогашниот раководен партиски и владин врв на ВМРО-ДПМНЕ? Дали поради бојкотот на референдумот за Преспанскиот договор и спогодбата со Бугарија кои широко ги отворија вратите на НАТО и ЕУ…

Од сево ова, нормално е да се постави уште едно прашање: има ли некој во оваа партија да му каже на раководството дека изборите се откажани за друго време, како и дека Македонија и светот се соочуваат со пандемија и дека сите ресурси – институционални, стручни и човечки – треба да се спрегнат во оваа егзистенцијална борба, глобално на човештвото, и локално на нашите граѓани и татковината. Пристапот на оваа партија кон изборите и пандемијата наликува на онаа дека волкот ги менува влакната, ама не и карактерот. Декларативно, најважни им се здравјето и животите на луѓето, меѓутоа, во ниту еден случај не забораваат да кажат дека по изборите, на кои сигурно ќе победат (!?) – брзо ќе нѐ внесат во ЕУ, ќе ги расчистат сите криминали, ќе ја реформираат државата, ќе тече мед и млеко…

Сега е време за соочување со реалноста, за збивање на редовите, за човечност, солидарност и помош на оние на кои им е потребна, а не за поделби, ширење негативна енергија, лажни вести и дезавуирање на институциите во време кога мнозинството граѓани почнаа да ја враќаат довербата во нив. Всушност, на крајот на краиштата, и ВМРО-ДПМНЕ, преку пржинската влада, на која толку инсистираа, е дел од власта и треба да се концентрира преку тој инструмент што повеќе да им помогне и да им го олесни животот на луѓето и на бизнисот, на кои партијата толку се повикува. А мегданот за политички битки, кампањи и избори ќе дојде кога за тоа ќе се создадат здравствени, законски и политички услови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот