Што претставува забраната за порекнување на геноцидот во БиХ?

Фото: EPA/FEHIM DEMIR

Одлуката на Високиот претставник во заминување од БиХ, Валентин Инцко, е добра и добредојдена, по повеќе од една деценија од неговата во голема мера самонаметната ирелевантност

Неколку дена пред истекот на неговиот мандат како Висок претставник во Босна, Валентин Инцко конечно го покажа својот политички мускул. Дванаесетгодишниот мандат на милозвучниот Австриец како Висок претставник ќе беше во голема мерка безначаен, ако не беше оваа одлука од 23 јули годинава. Откако претседаваше со падот на влијанието на Канцеларијата на Високиот претставник – меѓународно тело што ја надгледува цивилната имплементација на Дејтонскиот мировен договор во БиХ – Инцко беше предодреден да биде запаметен како можеби добронамерен, но секако непосакуван европски бирократ.

Неговата одлука на 23 јули да воведе закон за забрана на негирање геноцид во Босна е неговата најзначајна одлука во изминатите дванаесет години.

Затвор од 6 месеци до 5 години

Негирањето на геноцидот во Босна е голема пречка за придвижување напред во земјата. Во текот на последната деценија, имаше значително зголемување на напорите за негирање на геноцидот извршен врз Бошњаците. Неколку обиди на бошњачките членови на парламентот на државно ниво да усвојат ваков закон беа спречени со вето од пратениците на босанските Срби. Дејтонскиот мировен договор им даде право на вето на пратениците на парламентот на Република Српска на државно ниво врз одлуките на ова федерално тело. Во суштина, тоа значеше дека законот за забрана на негирање геноцид немаше да се донесе во догледна иднина.

Инцко сега го наметна законот. Оваа историска необичност – Високиот претставник е во состојба да наметне закон и одлуки во Босна, заобиколувајќи ги домашните политичари – не беше применета повеќе од една деценија.

Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина го изменува членот 145а со кој се вклучува следното:

„Кој јавно оправдува, негира, грубо тривијализира или се обидува да оправда злосторство геноцид, злосторства против човештвото или воено злосторство утврдено со конечна пресуда во согласност со Повелбата на Меѓународниот воен трибунал додаден на Лондонскиот договор од 8 август 1945 година или од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија или Меѓународниот кривичен суд или судот во Босна и Херцеговина, насочен против група лица или член на таква група дефинирана со повикување на раса, боја, религија, сродство или национално или етничко потекло, кога однесувањето се изведува на начин што може да поттикне насилство или омраза против таква група или член на таква група, да се казни со затвор во траење од шест месеци до пет години.“

Важи и подалеку од Сребреница

Ова е првпат да се наметне законски акт на државно ниво за криминализирање на негирањето на геноцидот и да се применува на целата територија на Босна и Херцеговина. Во суштина, одлуката на Инцко значи дека амандманите се обидуваат да ја зачуваат судски утврдената вистина и на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (ICTY) и на домашните судови во Босна. Подеднакво важно, секој негирач кој ги минимизира или ги негира судски утврдените злосторства против човештвото и воените злосторства може да биде гонет според овие нови амандмани. Додека неколку медиуми објавија дека ова законодавство забранува негирање на геноцидот во Сребреница, законодавството на Инцко вклучува и судски утврдени вистини кои се протегаат и подалеку од Сребреница.

Одлуката на Инцко беше поздравена од здруженијата на жртви и преживеани од геноцид, бошњачките политичари, муфтијата на Босна, канцеларијата на ЕУ во земјата и низа интелектуалци. Членот на босанските Срби во трипартитното претседателство Милорад Додик одржа прес-конференција на која го отфрли законот на Инцко, го негираше геноцидот во Сребреница и се закани дека ќе се отцепи од Босна.

Додик објави дека парламентот на ентитетот Република Српска ќе се состане следната недела за да одлучи за понатамошните чекори. Противниците на Додик, вклучително и младиот градоначалник на Бања Лука, исто така го критикуваа новото законодавство. Ставот на наводната умерена опозиција кон овој закон укажува на тоа дека разликите помеѓу Додик и неговите помлади политички ривали се, во најдобар случај, занемарливи. Интересно е што еден врвен босанско-хрватски политичар, исто така, ја осуди одлуката – како одраз на политичкиот сојуз со Додик – додека министерот за надворешни работи на Хрватска ја поздрави.

Како до имплементација

Додека новите измени на законот се сега на дело, останува да видиме дали и како ќе се имплементираат. Клучната улога ќе ја имаат Државното обвинителство и Судот на БиХ. Многу аналитичари и новинари остро го критикуваа Обвинителството, тврдејќи дека неговиот пристап е селективен и политички пристрасен. Сега, Државното обвинителство ќе има задача да го спроведе новото законодавство.

Сѐ на сѐ, одлуката на Високиот претставник во заминување е добра и добредојдена по повеќе од една деценија во голема мера самонаметната политичка ирелевантност. Наследството на Инцко како Висок претставник сега ќе биде најмногу обележано со оваа забрана за негирање геноцид. Останува да се види како ќе се спроведе новото законодавство и дали Државното обвинителство ќе одговори на предизвикот.

Преземено од „Анадолу агенција“ од Анкара

(Авторот е професор на Факултетот за политички науки во Сараево)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот