Што прави денеска: Златко Јовановски – JZJ, моден дизајнер

Фото: Приватна - архива

Попознат како „JZJ“, под името што го носи и неговиот моден бренд, Златко Јовановски важи за еден од најхрабрите модни дизајнери на македонската сцена. Како перфекционист во својата работа и дизајнер за кого не постојат граници во креирањето, ги преплави светските магазини, а негови креации носат светски познати имиња.

Фото: Приватна – архива

Јовановски со своите креации им дава храброст на дамите да го носат на себе она што отсекогаш го посакувале. Негови креации носеа и многу познати дами од балканската сцена како Светлана Цеца Ражњатовиќ и Јелена Карлеуша.

Златко ни долови како изгледа еден негов ден…

„Секогаш се будам помеѓу 8 и 9 часот наутро, без разлика дали сум заспал во 1 или во 5 по полноќ. Секогаш ми е наместен алармот, но најчесто сум разбуден пред да ѕвони. Мразам лежење во кревет по будењето, затоа што ме нервираат перниците, истутканите прекривки, собраниот чаршаф. Затоа веднаш станувам откако ќе се разбудам. Мијам лице, ставам кремови и серуми и правам кафе. Додека водата се топли, облакам пењоар. Обожавам пењоари…

Фото: Приватна – архива

Првото кафе ми е нескафе стронг, 3 лажички кафе, половина лажичка шеќер, вриена вода и малку ладно млеко и денот може да почне. Денот го започнувам со телефонот во рака. Отворам социјални мрежи, одговарам на пораки. Прво ги отворам приватните, па службените. Не појадувам, но затоа пијам протеински шејк за да останам ваков згоден и со вретенесто тело.

Фото: Приватна – архива

Се спремам за во ателје. Од дома излегувам најчесто околу 11 часот, а од 12 имам закажани термини во ателје. Се спремам многу брзо. Јас знам што ќе облечам и без многу мислење пред гардеробер, се облекувам за 5 минути. Нагрнувам бунда и излегувам.

Во ателјето во Тетово пробувам да пристигнам навреме и не сакам да доцнам на термините, но некогаш ми се случува поради проблемот со паркинг во градот. Ако најдам од прва паркинг кај мене во Тетово – бинго! А во спротивно пцујам… и така во круг… секој ден… Во ателје пијам кафе и работам со клиенти. Некогаш се тоа проби, а некогаш консултации.

Фото: Приватна – архива

Околу 16-17 часот се враќам во Скопје. Јадам. Тоа е мојот прв оброк. 99 отсто тоа е надвор, во ресторани. Дома ниту сакам да готвам, ниту имам желба ниту ме бива. Сметам дека времето поминато во кујна е изгубено време.

Фото: Приватна – архива

Потоа следува посета на работилница каде што се случуваат сите корекции и консултации со тимот. Секогаш со многу позитивна енергија, барем така ми велат. Во работилница останувам до кај 20-21 часот.

Фото: Приватна – архива

По напорната работа одам дома. Се туширам, ги фенирам моите 5 влакна за да имаат волумен како 10, се спремам и одам на некое фино место. Јас го сакам животот, мислам позитивно и верувам во себе. Тоа е тоа!

Фото: Приватна – архива

Дома, кога ќе дојдам околу полноќ, мијам лице, ставам серуми и 1.000 други препарати за лице, бидејќи сум ги платил па мора да се искористат – без разлика дали имам јас подобрување или не. Едноставно, тетовец сум си и со душа и со срце. А знаете како… ние тетовците и јајцата купени од пазар на кантар ги мериме, а камоли серум што сме го платиле – фира да иде – нема шанса. Меѓу другото, мислам дека таа нега ќе ми помогне да не морам со ботокс да почнувам на млади години.

Фото: Приватна – архива

Навечер дома уживам во мојата самотија. Сам со себе – раат. Пијам најчесто топло какао, скицирам, дизајнирам, правам дизајни од апликации и монисти. Доцна во ноќта сум попродуктивен и многу покреативен. Кога создавам, ако комшиите се караат, викаат, плачат и што уште не, а се случува сѐ почесто, за жал, во тој случај пуштам гласно музика.

Фото: Приватна – архива

Околу 2 или 3 часот по полноќ си легнувам. Тогаш повторно нешто „скролам“ на телефон. Ќе прочитам хороскоп, а потоа гледам некои слики – видеа на социјалните мрежи.

Ви посакувам убав ден и живејте го животот онака како вие што мислите дека е правилно.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот