Што прави денеска: Тина Иванова, директорка на Филхармонија

Фото: Тина Иванова/ Приватна архива/Маја Аргакијева

Музикологот Тина Иванова, која стои на чело на Филхармонија, претходно како новинарка 20 години ревносно и континуирано ги следеше состојбите на музичката култура во Македонија преку бројни рецензии, интервјуа, проблемски текстови…

Во Филхармонија работи од 2014 година како продуцент, а во моментов е на функцијата в.д. директор. Инаку, Иванова е добитничка и на највисоката државна награда за новинарство и публицистика, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, за монографијата за култното скопско музичко радио Канал 103.

Досега објавила текстови во повеќе македонски списанија за култура, а во последно време и на веб-страницата на Центарот за музикологија, здружение на кое се јавува како еден од основачите. Член е на Сојузот на композиторите на Македонија.

Иванова овој пат ни раскажа како изгледа едно нејзино секојдневие.

„Денот ми почнува во 6.30, за да ги подготвам децата за на училиште, а тоа значи да ги разбудам, да им подготвам храна и ако треба нешто да испеглам. Откако ќе ги испратам, се подготвувам и јас и пред да тргнам на работа, правам мала прошетка со моето куче Бланш.

Фото: Тина Иванова/Приватна архива

Работата ми е претежно канцелариска (доколку нема оркестарски проби во сала) и речиси во текот на целото работно време имам врзани состаноци, се разбира, за дејноста на Филхармонија. Сакам да ја пофалам Бранкица, која секое утро ми прави кафе, а потоа и чај, и навистина ми го разубавува денот.

Фреквентно е кај нас, но и убаво. Опкружени сме со музика и разговори за музика, така што, мислам дека не постои поубава работа од оваа нашава. Иако, работата најчесто си ја носам и дома, па така до вечерните часови сум постојано на телефон. Но, се релаксирам додека го подготвувам ручекот и тоа е задолжително, затоа што првото прашање на децата кога ќе се вратат од училиште е: „Мамо, што има за ручек?“

Фото: Тина Иванова/Приватна архива

До крајот на денот, наоѓам време и да тренирам, фитнес или јога, понекогаш одам на Водно или возам велосипед, ако е потребно, им помагам во учењето на Макс (11) и Луна (15), следам часови по италијански јазик, пишувам по малку, се случува да отидам некаде на кафе или на салата со драги луѓе, или да правиме колачи со децата… Дома ми е најубаво и тоа не би го менувала за ништо на светот. Кога со Макс и Луна разговараме на различни теми и гледам колку брзо растат, колку брзо созреваат и како се развива денешната генерација. Интересни ми се темите и се трудам да не испуштам ништо од нивните животи.

Ако не сум изморена, пред да заспијам, читам книга. Во моментов ја дочитувам „40 правила на љубовта“ од Шафак, иако имам куп непрочитани книги што чекаат на ред.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот