Што прави денеска: Наталија Теодосиева, актерка

Наталија Теодосиева/Фото: Ерина Богоева/Приватна архива
Наталија Теодосиева/Фото: Ерина Богоева/Приватна архива

Театарската и филмска актерка Наталија Теодосиева оствари неверојатно впечатлива улога во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. Талентираната актерка зад себе има десетици улоги како на нашата така и на меѓународната сцена.

Својата кариера ја гради чекор по чекор, а еднакво се појавува и на театарската сцена и на филмското платно.
Наталија има освоено и неколку значајни награди. Една од нив е и наградата за главна женска за неколкуте ликови во „Мојот маж“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“.

„Врба“ неодамна беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a Наталија беше наградена за најдобра споредна женска улога. Таа, исто така е добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ (Across the Globe Film Festival) во Њујорк.

Овој пат Наталија ни долови како изгледа едно нејзино секојдневие.

„Моите утра се рани утра не од одамна. Иако не сум утринска персона, во недостаток на време и енергија ја сменив мојата рутина. Па така денот го почнувам со долгото ѕвонење на алармот и по неколку одложени станувања, но сепак, околу 07:30 сум на нозе во деновите кога имам тренинг. Тогаш станувам, пијам две-три чаши вода, облекувам опрема за вежбање, ставам една банана во џеб и влегувам во автомобилот. По напорниот тренинг едвај чекам да дојдам дома и да му се посветам на појадокот, кој ми е, всушност, омилениот оброк во денот.

Наталија Теодосиева/Фото: Гоги Полизов, театар „Комедија“

Моите денови прилично се разликуваат еден од друг – ако немам проба или некој состанок, тогаш останувам дома. Седењето дома ми е нов ритуал, тогаш сигурно нешто убаво и превкусно ќе изведеме во кујна со мојот дечко, всушност, во повеќето случаи тој сам го приготвува ручекот, а јас само ќе исчистам после него.

Наталија Теодосиева/Фото: Приватна архива

По ручекот речиси задолжително излегувам од дома, нема шанси да издржам да не „пуштам“ нога до некаде.
Ако имам претстава вечерта, тогаш се подготвувам за настап. Го повторувам текстот, се загревам, а по претставата со ќеиф останувам во бифе да испијам некој пијалак.

Наталија Теодосиева/Фото: Приватна архива

А, ако немам професионални ангажмани, тогаш на сцена настапуваат моите другари, со кои не пропуштам да се сретнам секогаш кога можам, па дури и кога не можам. Со нив поминувам доста квалитетно време, тоа е вистински собир на советници-другари со кои многу често избираме место за собирање надвор од Скопје, на некоја планина или викендица во село, загарантирано тоа се најдобрите журки во пандемијата. Денот го прогласувам за успешен кога со Кики (мојот гореспомнат дечко со кујната) се сместуваме пред телевизор и се радуваме дека конечно сме избрале добар филм. И се разбира, денот нема да е мој ден кога не би заспала на зелениот кадифен тросед среде филм.“

Наталија Теодосиева/Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот