Што научивме оваа недела: Во зората мрзне

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Дипломатската „вожња“ допрва влегува во најтешката фаза, а ние ќе ги доживуваме трауматично и болно сите нагорнини, удолнини и дупки на тој нерамен пат. Една демонстрација на тоа имавме оваа недела.

Знам дека Бугарија, побргу или подоцна, ќе попушти и ќе го тргне ветото, само не знам дали дотогаш македонскиот народ нема да попушти – нервно! Имено, дипломатската „вожња“ допрва влегува во најтешката фаза, а ние ќе ги доживуваме трауматично и болно сите нагорнини, удолнини и дупки на тој нерамен пат. Една демонстрација на тоа имавме оваа недела.

Бугарската влада соопшти дека на состанокот на Советот за општи работи на 14 декември, на кој ЕУ ќе решава за преговорите за Скопје и Тирана, ќе се придржува до Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година, како и до Рамковниот став од Министерскиот совет на 9 октомври истата година. Нивниот технички премиер Стефан Јанев појасни дека, накусо, нема промена во ставот на Бугарија по ова прашање, со тоа што овој пат Бугарија нема да се противи Албанија да ги почне преговорите со ЕУ, сама, без Македонија.

Информацијата имаше ефект на студен туш врз надежите во македонската јавност дека нешто ќе мрдне од место, малку подгреани по силната дипломатска активност на која бевме сведоци претходната недела, која кулминираше со посетата на новиот американски „тешкаш“ Габриел Ескобар. И веднаш тргнаа изливите на разочараност, малодушност, гнев, сè до нескриена радост дека ете, „на Заев“ ќе му пропадне планот „да ја предаде Македонија“. Кога вицепремиерот Артан Груби се обиде да ги смири страстите со изјави дека ништо не е пропаднато, дека нема тоа да оди така брзо, а меѓувладината конференција може да се очекува дури напролет, беше доживеан како расипувач на забави. Груби уште кажа дека Македонија ги доставила своите „пет плус еден одговори“ и категорично тврдеше дека има француска иницијатива да се реши прашањето. Но, од бугарското МНР набргу дојде некаков полудемант дека „немаме информација за таква дипломатска иницијатива“ што беше пренесено со голем ќеф од нашата тврдокорна јавност. Истата не знаеше на што повеќе да се радува – дали на „добрата вест“ дека и натаму ќе бидеме блокирани, или на „доказот“ дека Заев, сепак, „сè ќе потпише за да си ја спаси политичката кариера“(?!) Левица побара под итно да се прекинат сите преговори со Бугарија, што за неа не е изненадувачки, бидејќи „не е од овде“, а ВМРО-ДПМНЕ брифираше дека на претстојниот конгрес ќе донесе „доктрина“ во која ќе стои дека партијата нема да потпише и да поддржи евентуален договор со Бугарија што би излегол од рамките на Резолуцијата изгласана во јули годинава во Собранието. Ништо ново, ама сега во ново пакување и ново име – доктрина.

Од каде ми е уверувањето дека нашата опозиција џабе се радува? Прво, од тоа што старо-новата позиција на бугарската влада ја соопшти техничкиот премиер Јанев, а не победниците на изборите Кирил Петков и Асен Василев, кои ја привршуваат новата влада. Јасно е дека тие ќе имаат тешка задача да обезбедат „меко атерирање“ за спорот, кој не по нивна вина ѝ носи само штета на Бугарија, а како отежнувачки околности го имаат закоравеното јавно мислење (според Галуп, дури 70 отсто граѓани го поддржуваат ветото), некои од коалициските партнери („Има таков народ“, БСП), како и самиот претседател Румен Радев. Но, како што оваа недела убаво напиша Флоријан Бибер, еден одличен познавач на балканската гастрономија, нема друг излез од овој спор освен да се бара начин како Бугарија да се повлече од него, а притоа да си го спаси угледот. А Македонија речиси и нема што да понуди на тој план, зашто бугарските барања се спротивни на европските принципи и неприфатливи. Можни се некои „механизми“ на симболичен компромис, во вид на изјави или декларации, но во суштина не треба Македонија да го смени ставот, туку Бугарија.

Дека ова не е субјективен впечаток на овој аналитичар покажа и добро темпираниот текст на угледниот германски „Вест алемајне цајтунг“, кому особено внимание му привлекло бугарското противење на нашиот термин „бугарски фашистички окупатор“. „Софија денес тврди дека се работело за ‘говор на омраза’ кога во Северна Македонија спомениците или спомен-плочите потсетуваат на времето на ‘бугарската фашистичка окупација’. Што воопшто уште може да се нарече фашистичко, ако така не смее да се опише еден режим што активно учествувал во холокаустот?“, пишува ВАЦ, алудирајќи на депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка и заклучува: „Ако Скопје сакаше да ги исполни сите барања на Софија, тогаш навистина ќе ја фалсификуваше историјата“.

Накусо, Бугарија, сакајќи да ја избрише формулацијата од нашите спомен-плочи, ризикува таа да ја „вреже“ во модерната јавна слика за себе. Можеби затоа бугарската политика реши да го напушти „историскиот аргумент“ во притисокот врз Македонија и се префрли на правата на бугарското малцинство во Македонија. А и тука изгледите се тенки со оглед на познатите состојби со македонското малцинство во Бугарија.

Дека Бугарија пее „лебедова песна“ со овој последен „тврд став“, говори и последниот настап на Емануел Макрон. На претставувањето на идното француско претседателство со Унијата, францускиот претседател се изрази многу пластично:

„Балканот е срцето на Европа. Доволно е да ја погледнете картата и нашата историја, а во тој регион денес има нови тензии. Ние имаме особено историска одговорност кон Западен Балкан. Не може да се изгради Европа на мир и просперитет во идните педесет години ако се остави Западен Балкан во денешната ситуација. Треба да се појаснат европските перспективи, да се реинвестира во регионот и неговото единство и да се има вистинска заедничка амбиција за идните децении“. Вака не зборува претседател на водечка европска држава, кој „нема дипломатска иницијатива“.

Друг охрабрувачки фактор, не само за „идните децении“, туку за идните месеци, се сигналите од Берлин, каде што исто е во формирање нова влада, овој пат без Меркел, што според познавачите, е добар момент за Македонија. Меркел, како партиска другарка на Борисов (од ЕПП) и негов спонзор, никогаш не сакала да биде премногу тврда кон него, но со новата германска влада, во која силен збор ќе имаат и Зелените, такво нешто не може да се очекува. За да го илустрира ова нам познатиот Михаел Рот, довчерашен германски министер за Европа, а сега пратеник во Бундестагот од владејачкото мнозинство, на средбата со Никола Димитров просто испрати „крик“ до македонските граѓани – Не се откажувајте од Европската Унија, како што ние не се откажуваме од вас! Во истиот дух германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн цитираше дел од коалицискиот договор на идната германска влада, кој, како што рече, е јасен како никогаш досега: „Ние го поддржуваме пристапниот процес кон ЕУ на шесте држави од Западниот Балкан. Во следниот чекор, мора да бидат отворени првите поглавја со Северна Македонија и со Албанија“.

А ако нешто мора, не е тешко. Само чувајте ги нервите. Трпение, спасение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот