Што да се прави кога не си на власт

За ова, не им беше тешко да се договорат. Сите дадоа по педесет фунти, макар што, според платите, навистина можеа и повеќе (скржавци низаедни, душата ѝ ја извадија, а само 50 фунти, па ние кога собиравме, по 10 фунти дававме, е сега некои со стиснати заби, ги знам кои беа, ама сепак дававме) а тие по педесет. Министри некои. Ама ете, дадоа.

И службеничката од владата на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска отиде во најтренди стоковната куќа „Либертас“ и купи чанта и ѓердан. За чантата не знам што марка, ама што и да е, од таму нема промашување, а за ѓерданот знам – Лалик и од оние „чанки”, подебелки, да се видат и забележат, кои ѝ станаа заштитен знак и за кои еднаш една од Форин офисот ми кажа дека се лесни, инаку многу ќе ѝ тежеа и ептен ќе ја згрбавеа.

И така, со чанта и со ѓердан, ја испратија од Даунинг стрит број десет премиерката во оставка Тереза Меј, министрите од нејзината влада. Ѝ оставија ножевите од грбот самата да си ги извади.

Не е лесно, ама за Тони е

Кога го натераа да си поднесе оставка, премерот Џон Мејџор изјави дека отишол на крикет, кој отсекогаш многу го сакал, ама немал време да му се посвети. Не да игра, веднаш да кажам, туку да гледа. Гордон Браун, кој со Тони Блер имаше постигнато договор овој да му го отстапи премиерското место по некое време, ама Тони се подзаборави, па Гордон се изначека, рече дека не можел да се изнаспие откако престанал да биде премиер. Од чекањето ли му се насобрало, па со задоцнување уморот го совладал „со задршка”.

Зашто мора да не е лесно. Во истиот ден да го загубите и работното место, ама и домот. За Гордон Браун тоа било многу драматично, зашто го изјави очигледното за секој премиер на заминување. „Во Британија, кога ќе заминеш, не само што ја губиш титулата, туку преку ноќ го губиш и домот и можноста да се претставиш како некој и нешто”, изјави тогаш Браун. Кој потоа напиша книга и се претстави како поранешен премиер, па очигледно се пронајде себеси, а сега удобно живее во Шкотска и држи предавања за кои наплаќа по неколку илјади фунти од појавување.

Најдобро помина и поминува, без конкуренција, поранешниот премиер Тони Блер, барем финансиски. Тој не само што напиша книга, основа своја фондација која одлично работи, добива десетици илјади фунти за појавување на форуми и предавања. Па дури еднаш, како поранешен, дојде и во Скопје (беше тука порано и како премиер), овојпат на покана од Субрата Рој. Се сретна со двајца тогашни, сега поранешни функционери, Ѓорѓе Иванов и Никола Груевски, и при „размената на мислења” им порача дека иднината им припаѓа на луѓето со отворен ум. Кој слушна, слушна, кој не…

Тоа беше во октомври 2013 година, кога дома беше исклучително непопуларен поради тоа што ја втурна земјата во војна со Ирак врз основа на погрешни и недокажани податоци. Но во Скопје беше пречекан со голема помпа, мислам никој, ама ајде да кажам бидејќи не сум сосема сигурна, ретко кој го праша за “военото досие”, но имаше бројни прашања за тоа зошто од неговиот говор МТВ прикажала само три минути (така  барал Субрата!) и кој колку и како му платил да дојде во Скопје на Балканскиот мировен фестивал Сахара. Ајде, не од три пати, од еднаш погодете ве молам, името почнува на С, завршува на а, (спомнат е погоре)  со сесрдна помош и логистика на Н. Кој завршува на а. А сега е во Б.

Шупата на Дејвид

А што прави поранешниот Дејвид Камерон сега? Човекот кој додека беше премиер реши, велат многумина, од мирно седење и со ништо предизвикан  да распише референдум за излегување од ЕУ и да ја втурне земјата во најголемата криза во нејзината историја од војната до денешен ден? Ова прашање го постави на социјалната мрежа Твитер една телевизиска личност во Британија која, инаку, не е позната по политички коментари. Но откако доби 30.000 лајкови и 5.000 ретвитирања, новинарите на „Гардијан“ констатираа дека јавноста сака да знае и му дојдоа пред врата на Дејвид во неговата куќа во модерниот кварт Нотинг Хил.

И ете го Дејвид, свеж, потстрижан, во куси панталончиња, само што вратен од џогинг и од семеен одмор во резорт во Порторико каде што едно ноќевање чини 1.728 фунти. „Не, не се каам воопшто за одлуката за референдум, жал ми е само што изгубив”, им рече Дејвид на новинарите и отиде да си го продолжи спокојно остатокот од животот. Добива 120.000 фунти по час ако говорот му го организира Вашинтонското биро на спикери. Една издавачка куќа му даде 800.000 фунти за автобиографијата, но досега не ја видовме. Ја видовме само дрвената шупа, во вид на приколка која ја купи и ја стави во дворот за да добие инспирација и да пишува. Никако да му тргне, па купи – уште една шупа/приколка. Иста.

Сѐ за пари

Но поранешните имаат право на службен автомобил, јагуар, се разбира, поновите, оние кои јавноста не ги заборавила и на службена заштита од високи кршни момци и девојки,  оние помудрите кои си направиле контакти за време на службувањето сега ги користат или дозволуваат да бидат користени за „соодветен надоместок”,  умно инвестирале, се членови на разни бордови каде што нивното име влече “пари и пари и углед и пари” , патуваат и држат предавања , наплаќаат ручеци и вечери и главно, кога не спијат, уживаат. Или седат во приколки. Спомнав пари?

Еднаш бев на една вечера на која говорник беше поранешен министер и по вечерата, тој раскажуваше  анегдоти од времето кога беше на власт и од средбите со разни странски државници. Беше многу интересно, човекот спомнуваше имиња, некои случки беа „сочни”,  но правилата беа да слушаме и да не „репродуцираме”. Вечерата чинеше  200 фунти по човек. Вредеше да се плати,  ве слушам како прашувате? До последното пени.

Што се однесува, пак, до сегашниот, Борис Џонсон, склон на лажење, гафови, скандали и вонбрачни врски, тој околу себе собра „верни” брегзит-министри. Актуелната мантра на новата влада во земјата во која се вози на левата страна е – десно, десно, десно! Како тргнало, има големи изгледи да им се придружи некаде наесен на овие погоре спомнатите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот