Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Да одите таму каде што се слави животот.

14-ти е. И февруари е. Месецот февруари, како и сите 12 месеци во годината, се пишуваат со мала почетна буква.

А вие, што славите денес? Ајде да ја славиме писменоста, за промена. И да го славиме нашиот Свети Трифун. И љубовта.

Од настани ова се најважните што не би требале да ги испуштите доколку ја славите и уметноста: 

В сабота во „Кинотека“ има Омаж на Неда Арнериќ „Татко (колнати сме, Ирина) , игран филм во режија на Коле Ангеловски. Во 20 часот е „Исправи се Делфина“ во режија на Александар Ѓурчинов.

В сабота, во 20 часот, дојдете во Филхармонија на концерт на „Ана Кап трио“.

Во исто време, ама во Опера и Балет има балетска претстава „Самсон и Далила“.

И да ве потсетиме, од петок до недела, во МКЦ, се случува второто издание на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“ со мотото „Во наш филм“.

Ако сте по убавината и модата ( а сите сме „за“), и ако сакате да се насочите кон занаетот, зошто секако,  занаетот е злато за цел живот, посетите го Центарот за едукација „Акт“. И ќе стекнете лиценцирана диплома која баш, ем вреди ем „тежи“.

Ако сте за благичко, знаете веќе, во сите гранапчиња низ Скопјенце има супер колачиња по одлична цена. Пробајте ги гркланите, и нема да имате проблеми со гласот и зборот.

А,  што се однесува до љубовта, на овој ден, еве еден преубав текст кој вреди да се прочита (а важи за сите денови во годината), напишан од основачот на Јога сојузот на Македонија, нашиот драг пријател, Павлос Хасанагас.

Што е љубовта?

Љубовта е силата која може вистински да го трансформира и облагороди човекот. Само таа може од индиферентниот и арогантниот да направи предан и добар човек, крадецот да го направи чесен, а убиецот – свет. Таа може примитивната и груба личност да ја направи благородна и блага, лошиот да го направи добар, а добриот да го направи уште подобар.

Љубовта е почетокот и крајот во духовното усовршување. Нејзиното откривање е иницијациски процес и затоа љубовта има длабоко духовно значење. Таа е нишка што нè води директно до срцевината на нашето битие, за да сфатиме дека не сме само физички, туку и важен духовен ентитет. Таа не’ води до срцевината на Вселената која знае за нас повеќе отколку ние самите. Тоа ќе го сфатиме кога ќе ги надминеме своите ограничувања и ќе се стопиме со космичкиот ум.

Љубовта е повикот, исконската потреба во нашата душа да се поврземе со нешто, да бидеме и да станеме дел од целоста околу нас. Кога се поврзуваме со некој друг дел од целоста, како со друг дел од самите нас, исполнуваме една празнина и стануваме дел од целоста. Затоа сакаме да бидеме со некој човек, затоа сакаме да имаме некој предмет, затоа сакаме да бидеме блиску до нешто или до некого. Тоа поврзување и тоа спојување ни дава чувство дека се заокружуваме. Во тој момент ништо не ни недостига, се’ е на своето место, се’ е заокружено. Целоста е остварена.

Единствената дефиниција за љубовта е кога ќе доживееме љубов што ќе не’ потресе доволно силно за да почувствуваме дека сме живи, толку живи што ќе помислиме дека следниот миг ќе умреме. Зашто љубовта дава и болка и радост и среќа. Таа има многу димензии, иако првото што ни паѓа на ум е љубовта меѓу двајца, меѓу неа и него. Но дали е тоа се’?

Некогаш сакаме некого, но од разни причини се прашуваме дали тоа вреди. Ако можеме некому да му дадеме љубов, тоа е добро. Ако тој не може да ја прими, таа ни се враќа нам – ништо не се губи, зашто енергијата во оваа вселена не се губи. Енергијата е нешто што е секогаш тука, во нас, и ја следи секоја наша манифестација, а нејзината основна и најблагородна форма е љубовта. Погрешно е да мислиме дека таа е нешто апстрактно, дека се јавува повремено, и потоа некаде исчезнува без трага. Затоа, и заради себе и заради другите, не треба да се плашиме да сакаме, иако тоа не е секогаш лесно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот