Шилегов дел од првиот инвестициски форум во Подгорица

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов учествуваше на првиот инвестициски форум во Подгорица, на кој беа присутни и градоначалникот на градот домаќин-Подгорица, Иван Вуковиќ, градоначалникот на Приштина, Шпенд Ахмети, претседателот на Собранието на Белград, Никола Никодејевиќ, како и голем број стопанственици и инвеститори од Балконот, Европа и од светот.

Како што соопштија денеска од Град Скопје, во обраќањето Шилегов истакнал дека регионалните перспективи за инвестиции бараат интензивна соработка особено меѓу главните градови на нашите држави, во најмала рака заради сличностите кои не поврзуваат и заедничкиот интерес што не обединува како дестинации кои имаат огромен неискористен бизнис потенцијал.

Според него, Подгорица има многу што да им понуди на сите заинтересирани компании од Северна Македонија и регионот кои имаат потенцијал да ги шират своите бизниси минимум во соседните држави, а и пошироко.

– Исто така убеден сум дека секој од главните градови што ги претставуваме можат да понудат по нешто различно што како позитивна пракса може да се примени во друг град, што сите заедно ќе не придвижи напред во нашите локални и национални економии, но и на светскиот пазар. Во Северна Македонија инвестиционата политика во минатото била многу повеќе национална отколку локална тема, која главно била водена преку Владата и Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Тоа е состојба која актуелната влада на РСМ заедно со локалната самоуправа вложуваат напори да ја променат директно поттикнувајќи го локалниот економски развој. Секој град поседува свои локални специфики кои истиот го чинат повеќе или помалку атрактивна дестинација за бизнис инвестиции во однос на некоја друга – рекол градоначалникот Шилегов.

Пред присутните тој посочил дека Скопје е град со над 600.000 жители, со исклучително поволна географска местоположба што обезбедува релативно добра стартна позиција кога се во прашање странските инвестиции.

– Во близина на Скопје се наоѓаат две Технолошки индустриски развојни зони – ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, а на оддалеченост од 30 односно 90 км од Скопје се наоѓаат и ТИРЗ Тетово односно ТИРЗ Штип. ТИРЗ Скопје 1 со површина од 140 ха се наоѓа на 10 км источно од Скопје, точно на раскрсницата помеѓу Пан-Европските коридори 8 и 10, наспроти Меѓународниот аеродром Скопје и Меѓународната железничка линија Север-Југ. Најблиското пристаниште е Солун и се наоѓа на 220 км оддалеченост.ТИРЗ Скопје 2 зафаќа површина од 95,46 Ха и се наоѓа веднаш до ТИРЗ Скопје 1. Директната авионска поврзаност со преку 40 дестинации во Европа, како и поврзаноста со железничката линија север- југ (Белград – Атина) го прават Скопје идеалното место за транзитен и дистрибутивен центар, особено за производите наменети за Европскиот пазар. Ниските даноци, ниските оперативни трошоци и трошоците за квалитетна и продуктивна работна сила, го прават Скопје атрактивна инвестициска дестинација која му гарантира на потенцијалниот инвеститор намалување на неговите трошоци и во исто време максимизирање на профитот.Директните бенефиции за странските инвеститори и максималната посветеност на администрацијата на Град Скопје, само го потврдуваат истото, истакнувајќи го во прв ред воспоставувањето вистински партнерски и пријателски однос со секој инвеститор поединечно.Со учество од над една третина од вкупните инвестиции во основни средства, Скопје претставува центар за сите економски дејности во Република Македонија, освен за земјоделството. Ова е особено изразено за индустријата, трговијата, угостителството, сообраќајот, финансиските услуги и недвижностите, како и  останатите услужни дејности кои имаат и најголем потенцијал за понатамошен развој – нагласил Шилегов.

Во своето обраќање Шилегов подвлекол и дека Град Скопје активно партиципира во голем број европски проекти и иницијативи во чии рамки разменува значајни искуства, практики и иновативни решенија во насока на остварување на поставените цели за трансформација во паметен град во блиска иднина.

– Со реализација на проектот „Паметен град”, Скопје ќе стане модерна престолнина, каде што основен двигател се напредните информатички технологии. Сериозно е сменет концептот за прослава на новата година со организирање на зимскиот новогодишен базар Винтерленд кој веќе втора година нуди многу забавни содржини на градскиот плоштад во текот на декември – рекол меѓу другото градоначалникот Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот