Шефот на Хамас пристигна во Каиро на преговори за Газа

Газа / Фото EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Шефот на Хамас Исмаил Ханија денеска пристигна во Каиро, соопшти палестинската исламистичка организација, а информиран извор потврди за Ројтерс дека се водат интензивни преговори за размена на заложници за палестински затвореници меѓу Израел и Хамас со посредство на Катар и Египет.

Според медиумите, Израел понудил прекин на огнот во Газа најмалку една недела како дел од преговорите за ослободување на дополнителни заложници од енклавата, потсетува ДПА. Ханија, која живее во Катар, пристигна „во египетската престолнина на разговори со египетските власти за развојот на агресијата во Појасот Газа и многу други прашања“, се вели во соопштението цитирано од агенцијата АФП.

И Хамас и Израел дадоа повеќекратни сигнали за можноста да се постигне оваа пауза во борбите во Газа. Вчера, израелскиот претседател Исак Херцог ја навести можноста за нова хуманитарна пауза во Газа за да се олесни натамошното ослободување на заложниците.

„Израел е подготвен за нова хуманитарна пауза и дополнителна хуманитарна помош за да се олесни ослободувањето на заложниците“, изјави тој пред дипломатите, според портпаролот.

Онлајн порталот Аксиос вчера објави, повикувајќи се на два израелски официјални извори, дека Израел очекува Хамас за возврат со ослободување на повеќе од триесет заложници.

Предлогот на Израел за најмалку еднонеделно примирје во замена за ослободување на околу 40 заложници бил пренесен преку посредник на Катар, пишува Аксиос. Останатите жени, мажи над 60 години и други заложници кои се уште се во Газа и се болни или тешко ранети и имаат потреба од итна медицинска помош – ќе бидат ослободени, објави порталот.

Тоа е прв предлог на Тел Авив откако минатиот месец истече еднонеделниот договор за прекин на огнот, објави Аксиос. За време на тоа примирје беа ослободени 105 заложници, а Израел пак ослободи 240 Палестинци од своите затвори.

Медиумите во понеделникот објавија дека Дејвид Барнеа, шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, го информирал директорот на ЦИА Вилијам Барнс и катарскиот премиер Абдулрахман Ал Тани за новите преговори со Хамас во Варшава.

Хамас, која Израел, САД и неколку други земји ја сметаат за терористичка организација, претходно најави дека не сака да преговара доколку Израел не ги прекине своите воени операции. Според израелските проценки, најмалку 109 заложници се уште се во Појасот Газа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот