Сезнајковци од сите маала, обединете се!

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Имаме прилика да научиме да се гледаме очи в очи, да си упатиме поздрав на различни начини, со гест, со збор, со топлина во гласот, со насмевка во очите, со допир на стапалата или лактите. Да ги подобриме хигиенските навики, да не си дишеме и плукаме еден на друг за да покажеме дека сме срдечни.

Кога некој очигледно и со планги минира, вонредната состојба и било која мерка за заштита на јавното здравје, не само што нема шанси да се спроведат, туку може само да ја продолжатво недоглед „индуцираната кома“ во која се наоѓа општеството. Навистина, деноноќната борба на лекарите и совесните професионалци во институциите, вонредната состојба и полицискиот час спречија ерупција на коронавирусот. Но тоа не е доволно. За жал, несовесноста, инаетот, себичните политички и криминални интереси и инфодемијата го наплаќаат својот данок во животи и здравје. Секое невнимание е ризик по здравјето и животот. И најмала грешка може да биде трагична. Колку пати да се повтори тоа?

Вистина е дека бевме поштедени од ужасите низ кои минаа луѓето и во неспоредливо побогати земји со многу повеќе ресурси и со постабилни здравствени системи во кои министер за здравство не бил еден Никола Тодоров, на пример. Но институциите и заедниците реагираа поинаку во светот, дури и во делови за кои е општо прифатено мислењето дека се заостанати во споредба со нашето општество на сезнајковци.

Верските водачи насекаде во светот повикуваа на почитување на мерките, а не нивно бојкотирање. Не знам за верски лидер во светот кој прогласил смрт на коронавирусот. Папата држеше миса онлајн, а ватиканскиот плоштад зјаеше празен. И исламските верски лидери ги повикуваа верниците строго да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Овде – лажичиња, литии, групни ифтари, зурли, тапани и ора. И по некој повик на „џихад“, не за друго, туку дека не се знаел македонскиот јазик… Неверојатно!

Ова се денови кога многумина ги мачи „предавнички“ срам од лудото однесување на суштества што одат на две нозе и носат облека, а од устите испуштаат звуци исти како човечки говор. (Последнава реченица е фигуративно изразување, кое е на границата на коректно изразување, за што посебно и искрено се извинувам.)

Имаше земји каде што кафеаните не беа затворени воопшто, но никаде немаше качување по маси, лигавење и гушкање што и во нормални услови е одвратно. Тоа што луѓето низ светот и кај нас физички се дистанцираа за да се заштитат од коронавирусот не ги направи помалку луѓе, туку напротив, ги направи повеќе солидарни.

Со социјалната дистанца, луѓето покажаа грижа еден за друг. Го чуваа својот и животот на другите. Овде, мажињава, онака запотени, со пивско шише во раката, се тријат меѓусебно по кафеаните и по маалските ќошиња. Тоа ги направи похумани? Можеби ги направи помажествени? Похрабри? Ма, дај!

Имаме прилика да научиме да се гледаме очи в очи, да си упатиме поздрав на различни начини, со гест, со збор, со топлина во гласот, со насмевка во очите, со допир на стапалата или лактите. Да ги подобриме хигиенските навики, да не си дишеме и плукаме еден на друг за да покажеме дека сме срдечни. Да научиме повеќе за онлајн технологиите. Пандемијата може да ни помогне да станеме поумни, повоздржани, подобри човечки битија, а не глупави и себични. Не мора секогаш да бидеме сезнајковци, и онака веќе има по најмалку еден сезнајко во секое маало…

Имаме прилика да го нормализираме животот, сите заедно. Не политичарите, не институциите, поточно не само тие, туку сите заедно. Имаме прилика, наместо да ги трпимерамноземците, националистите и верските фанатици, да ги осудиме и отфрлиме нивните отрови, бидејќи се подеднакво опасни како и коронавирусот. Наместо да ги затвораме очите пред злонамерното и себично дивеење во јавноста, наместо да бидеме тивка толпа како оној мајмунот со затворени очи, уши и уста, можеме да им пркосиме, со збор и со личен пример. Инаку, сезнајковците ќе ни го упропастат здравјето, ако не и животот.

Ниту партискиот капитен, ниту верскиот поглавица (од било која вера) не се поблиску до науката или, ако сакате, до Бог/Алах, отколку секој од нас. Тие немаат монопол врз комуникацијата со науката или со божествените димензии на постоењето. Зошто партиската книшка, чалмата или одората значат дека можат да ни кажат како да се заштитиме. Има лекари за тоа! Секој од нас е доволно паметен да знае дека секој ден сме пред крстосница: едниот пат води кон незнаење, глупост и наивност, а другиот кон знаење и свест. Едниот води кон болест, другиот кон здравје. Едниот е наука, другиот е заблуда, едниот е Бог/Алах, другиот е изгубеност и пропаст на душата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот