Семејна трагедија во Мелбурн: Татко ги избодел сопругата и едната ќерка, другата едвај побегнала

На денот кога татко ѝ ги избодел мајка ѝ и сестра ѝ, 10-годишното девојче од Мелбурн во својот дневник напишало дека е загрижена за неа и дека е исплашена. Истата вечер, во јануари 2022 година, дрогираниот татко со нож ја избодел нејзината мајка, која облеана во крв истрчала на улица барајќи помош.

Додека нејзината мајка се обидувала да запре автомобил кој поминувал и притрчала кај соседот, постарата ќерка побегнала од куќата. Но, тогаш таткото тргнал по неа и викнал: „Морам да те убијам“. Тој се сопнал на патеката, поради што таа успеала да му побегне и истрчала до куќата на соседот и оттаму повикала брза помош.

„Мајка ми крвари многу. Не знам дали е жива или не. Сестра ми, има шест години, многу сум загрижена за неа“, им кажала на операторите.

На судењето на таткото чиј идентитет не е откриен за да се заштити детето, се дозна дека тој ја фатил мајката пред вратата на соседот, каде таа ги молела да ја пуштат внатре. Нејзиниот сопруг, со кој била 13 години, ја избодел осум пати со нож. Во исто време, меѓу другото, тој извикуваше дека ја сака, пишува „Гардијан“.

На местото на настанот била констатирана смрт на 39-годишна жена. Нејзината шестгодишна ќерка починала во болница следниот ден. Мажот се изјаснил за виновен за убиствата. Обвинителите пред судот рекле дека сопругата претходно истиот ден повикала полиција, загрижена дека тој е под стрес, вознемирен и под дејство на дрога.

Кога полицајците пристигнале во домот, заклучиле дека човекот бил „пријатен и љубезен“, наведувајќи дека иако бил под дејство на дрога, тој не претставувал опасност за себе или за другите. Таткото немал претходна историја на семејно насилство врз сопругата или децата, но судските записи покажале дека бил осуден за напад на жена со која бил во врска во 2014 година.

Таткото со писмо му се извини на судот. Тој изјавил дека не може да верува дека го уништил своето семејство и побарал прошка од родителите на сопругата, неговите родители и неговата преживеана ќерка.

„Ги повредив тебе и мајка ти и сестра ти. Те молам прости ми. Татко ти е се уште добар човек и многу те сака. Биди секогаш добра девојка, како што беше до сега”, напишал тој.

Неговиот адвокат рече дека неговата психоза предизвикана од дрога го навела да верува дека неговото семејство било киднапирано и дека е во опасност. Тој побара казна што ќе му овозможи понекогаш да помине неколку дена во слобода, односно надвор од затвор, за да докаже дека може да се рехабилитира. Тој ќе биде осуден следната година.

„Неговата најголема казна е загубата на неговото сакано семејство“, рече адвокатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот