Се жалат дека нема работници, а 17.000 вработени сè уште чекаат септемвриска плата

Најмногу засегнати од задоцнувањето на платата се 378 работници што сè уште чекаат за сработеното во една скопска компанија за чистење згради и објекти, 148 вработени во приватна заштита, 84 вработени во една високообразовна установа и 79 во јавно претпријатие во Виница.

За септември сè уште плата чекаат 17.000 работници, откри директорката на УЈП Сања Лукаревска. Таа појасни дека станува збор за 9.183 работодавачи, што значи дека главно тоа се микро-фирми, во кои имало по еден, или по неколку работници, но сепак, имало и големи фирми. Така, најмногу засегнати од задоцнувањето на платата се 378 работници, кои сè уште чекаат за сработеното во една скопска компанија за чистење згради и објекти, 148 вработени во приватна заштита, 84 вработени во една високообразовна установа и 79 во јавно претпријатие во Виница. Кои се имињата на компаниите, УЈП не смее да ги открие, односно тие се сметаат за даночна тајна, но директорката Лукаревска најави дека во иднина се можни законски измени за да биде транспарентно соопштено точно кои фирми не им даваат плата на своите вработени.

Во време кога се соопштува ваква статистика работодавачите постојано алармираат дека им требаат работници. Тие побараа и зголемување на квотите за носење работници од странство и Владата позитивно одговори со зголемување на квотата од 5.000 на 7.000 работници, но работодавачите велат дека ни со овој дополнителен кадар наскоро нема да ги задоволат своите потреби.

– Јас сум сигурен дека за идната година веќе и оваа бројка ќе биде мала. Информиран сум дека многу компании се во тек на подготвување документација и соработка со разни агенции за увоз на работна сила во Македонија. Треба да се олесни постапката, по примерот на Србија и другите земји на Балканот, бидејќи нашиот закон е правен е во време кога имавме голем број невработени и затоа има многу пречи и тешки процедури – изјави за МИА Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Во врска со оваа изјава се огласи Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, која праша каде се тие 5.000 вработени, каде работат работници од Непал и од Бангладеш и дали ова се прави со цел да се доизбркаат квалификуваните работници од Македонија за да се заменат со неквалификувани и ниско платени.

Според податоците од УЈП, гледано од почетокот на годинава, 5.428 фирми доцнеле со исплата на плата, а 1.912 повеќе од еден месец. На 700 фирми им се блокирани сметките затоа што тие долго време веќе не даваат плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот