Се очекува екстрадиција: Палчо не е Груевски, Турција не е Унгарија

Фото: Слободен печат

Имајќи предвид дека земјава има низа неуспешни обиди за екстрадиција, меѓу кои и оној за експремиерот Никола Груевски, стручната јавност е уверена дека овој специфичен случај со убиството на малата Вања не би требало да има никакви екстрадициски пречки за осомниченото лице, бидејќи не станува збор за случај со политичка заднина.

Дали правната институција наречена екстрадиција функционира успешно кај нас или како дел од меѓународното право и тоа потфрла во реализацијата? Има ли можност да се намали списокот на луѓе кои се обвинети за кривични дела а треба да се екстрадираат во земјава за да ја дочекаат правдата во државава?

Ваквите дилеми повторно се актуализираа во домашната јавност откога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски доцна вчеравечер на прес-конференција потврди дека осомничениот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и убиството на велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо е уапсен во Турција и се чека на негово екстрадирање.

Како што истакна министерот Спасовски постапката за екстрадиција треба да ја спроведе Министерството за правда кое треба да го испрати барањето и потребната документација до турските власти за тие да ја спроведат екстрадицијата на Палевски кој беше уапсен по меѓународната потерница која ја распиша токму од македонското МВР.

Имајќи предвид дека земјава има низа неуспешни обиди за екстрадиција на личности барани за сторени кривични дела меѓу кои и е оној поврзан со поранешниот премиер Никола Груевски, домашната стручна јавност е уверена дека овој специфичен случај со убиството на малата Вања не би требало да има никакви екстрадициски кочници за осомниченото лице бидејќи не станува збор за случај со политичка заднина.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска за „Слободен печат“ посочува дека екстрадицијата не може секогаш да се спроведе, бидејќи врз неа влијаат комбинирани фактори, од кои некои се од политичка природа, а некои од правна природа. Сепак според неа, брзината во изготвувањето на барањето за испорачување на бараните лица од македонските институции има големо влијание во реализацијата на самата екстрадиција.

Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во ЕСЧП / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Точно е дека Македонија не е единствената држава во светот што има голем број пречки со екстрадицијата, бидејќи станува збор за комплексна релација, која подразбира двонасочен сооднос со други земји, правна област што дејствува во рамките на меѓународното право и меѓународните правни и онака комплицирани функционирања. Сепак, имајќи на ум дека станува збор за специфичен случај околу убиството на малата Вања кој воедно ја згрози регионалната јавност, верувам дека испораката на лицето кое е обвинето во земјава за сторено тешко кривично дело – убиство, одлуката на турските власти за негово испорачување ќе биде позитивна и експресна во исто време – оценува поранешната судијка Николовска, дополнувајќи дека конкретниот случај за лицето Љ.П. е поткрепен со искази од сведоци и не станува збор за случај со политичка конотација.

Според неа, ако една држава сака да ја постигне својата цел побрзо, таа треба да е упорна, издржлива и настојчива.

– Она што е важно да се направи во моментов е тоа да министерството за правда експресно го подготви и го испрати барањето со сета документација за екстрадиција на обвинетиот, бидејќи колку е побрзо барањето до Турција толку е подобро да нема можности било какви правни трети лица и адвокати влезат во одвлекување на целата процедура и случајот – заклучува Николовска.

Како што објаснува Николовска неуспешните екстрадиции во Македонија може да бидат резултат на три причини. Првата, според поранешната судијка во меѓународниот суд за човекови права во Стразбур е непостапување на матичната држава правовремено за некој предмет, најчесто во трошење на законското време за почитување на правната процедура со другата држава. Втората, поради немање соодветна констатација до државата од која го побаруваме лицето дека ќе му се понудат во Македонија фер услови за судење и третата поради постоење на проблемот со двојните државјанства, каде што, пак, најчесто постои можноста за спроведување на судење во странство за предмет за кој одредено лице се гони во Македонија.

Останати примери за неуспешни екстрадиции

Во меѓувреме на оваа тема останува да биде меѓу попознатите неуспешни обиди за екстрадиција оној кој е поврзан со поранешниот премиер Никола Груевски. Тој во моментов живее во политички азил во Будимпешта, откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО. Македонските власти изминативе години бараат негова екстрадиција за издржување двегодишна затворска казна поради незаконска набавка на блиндираниот мерцедес, како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Сепак судот во Будимпешта го одби барањето, затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети, бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.

За потсетување сличен со оној на Груевски е и примерот и со Дејан Давитковски, кој е обвинет за тероризам и уривање на уставниот поредок за настаните од 27 април, кој, пак, побегна во Шведска. По неговото приведување, поради меѓународна потерница на аеродромот „Скаваста“, тамошниот Врховен суд го одби барањето за екстрадиција, затоа што, според шведските закони, не може да се екстрадира поради политичко дејствување. Давитковски пред шведските власти тврди дека е политички гонет.

Што велат домашните закони за испорачувањето на бегалците?

Во однос на законската рамка, Македонија процесот на екстрадицијата го регулирала во членот 31 од поглавјето за постапка за екстрадиција на обвинети и осудени лица кодифицирано во Законот за меѓународна соработка, во кривичната материја. Дополнително, оваа процедура е втемелена и во дел од билатералните меѓудржавни договори што нашата земја ги потпишала со државите од меѓународната заедница со кои сме воспоставиле дипломатски релации. Нашата држава досега има склучено низа билатерални договори за екстрадиција со Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Србија, Црна Гора, Италија и со САД. Последниот ваков договор беше постигнат со Италија во 2020 година.

Обвинителството го изготви барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот