Се мажат за да побегнат од логорот: Жените на борците на ИД заглавени во Сирија бараат излез за себе и децата

Стотици жени поврзани со Исламската држава (ИД) во огромниот притворен камп Ал-хол во Сирија, се “омажија“ за мажи кои ги запознале преку интернет и неколку стотици од нив се прокриумчарени благодарение на парите кои им ги подариле новите мажи.

На станарите на кампот им се испратени електронски уплати во износ поголем од 500.000 долари, според сведочењето на жените од кампот и надвор од него, на локалните курдски официјални лица, еден поранешен припадник на ИД во источна Европа запознаен со мрежата за трансфер на пари и еден странски борец во провинцијата Идлиб кој е вмешан во криумчарењето, пишува Гардијан.

Весникот истакнува дека таа пракса претставува значаен безбедносен ризик внатре во Сирија и за странските влади кои одбиваат да ги примат назад своите државјани.

Меѓутоа, според зборовите на многу соговорници, мажачката е лесен и многу популарен метод за бегство.

Бегство од кампот поради очајните услови

„Секојдневно некој маж ќе ми испрати порака со прашањето дали барам маж“, рече жена од Русија која живее во кампот. „Сите околу мене се венчаа иако тоа го негираа оние кои и натаму ја поддржуваат ИД и глумат дека се скромни“.

Во пустинскиот камп Ал-Хол, со кој управуваат Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите, се наоѓаат 60.000 луѓе од повеќе од 60 држави.

Иман, мајка на шест деца. Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Повеќето се жени и деца кои побегнале по падот на т.н. калифат во март 2019 година. Локалнтие власти велат дека многу од нив се поврзани со борците на ИД.

„Гардијан“ пишува дека нивното заробеништво е борбен поттик за приврзаниците на ИД ширум светот и дека „венчавката“ со една од затворените жени, па дури и кога е во прашање онлајн однос на голема далечина, стана чест на социјалните мрежи на џихадистите.

За мажите тоа е начин да го унапредат општествениот статус и да им помогнат на оние во неволја.
Повеќето потенцијални мажи, како што пишува британскиот весник, потекнуваат од муслиманските држави, но живеат во западна Европа и релативно се имотни.

Жените во кампот на тој начин обезбедуваат приход кој животот во кампот ќе им го направи поподнослив.

Парите се користат за секојдневни потреби како пелени, храна, лекови, телефонски картици со импулси и за плаќање на други жени за готвење и чистење.

Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

„Имам барање. Може ли да пронајдам жена од кампот која е посветена на религијата… можам да ја извлечам без оглед на цената“ гласи еден од десетината слични објави на арапски јазик на Фејсбук во група соодветна за ИД.

Не е јасно каде сега се наоѓаат повеќето жени кои побегнале, но една со која Гардијан разговараше живее со сопругот во поранешниот Советски Сојуз.

Излегувањето од кампот може да чини и до 15.000 долари

Ваквите фиктивни бракови се договараат преку телефон. Обично не е потребно жената да биде присутна: шеикот посредник изговара неколку стихови, а потоа младоженецот а се прогласува за нејзин чувар, а невестата тогаш добива готовина или мобилен телефон како чеиз.

Иако изгледа дека повеќето од овие виртуелни врски се од добротворна природа, сепак има и флертување во пораките и фотографии кои видно укажуваат дека некои „врски“ се романтични или сексуални, пишува Гардијан.

Вистинските мажи на некои од овие жени се живи и во затворите на СДФ, но тие тврдат дека можат слободно да се омажат зошто не се сигурни дали нивните мажи и натаму се муслимани. Ако нивниот нов маж не ги исполни ветувањата, може да се венчаат повеќе пати.

Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Потешкиот дел сепак е излегувањето од кампот и физичкото спојување со сопружниците. Излегувањето од Ал-хол може да чини и до 15.000 долари, зависно од националноста, бројот на децата и методите на шверц кои може да си ги дозволат.

Бегствата обично ги организираат посредници во Идлиб, последната област во Сирија која е надвор од контрола на сирискиот претседател Башар ал Асад. Североистокот кој го држат Курдите, моментално е во ненасилен однос со режимот, но во независна положба. Операциите се организираат по етничка и јазична линија – посредник кој зборува руски на пример, обично ќе работи само со оние кои го зборуваат тој јазик.

Најскап излез е со приватен автомобил, со подмитување на СДФ и исламистички пунктови додека да се дојде до безбедна куќа во Идлиб. Следниот најдобар начин е криење во цистерни со вода или други возила кои влегуваат во кампот, но со знаење на возачот. Најевтина опција за излез е подмитување на чуварот и бегство во текот на ноќта.

СДФ е свесен за размерот на проблемите и дека стражарите и работниците во кампот се подготвени или да примат мито или се присилени да помогнат во обидите за бегство.

Плодна почва за екстремизам и криминал

„Гардијан“ наведува дека условите во кампот веќе биле мизерни, но дека по пристигнувањето на семејствата на борците, логорот стана плодна почва за екстремизам и криминал. Стражарите на СДФ тешко ја одржуваат контролата, пиштолите и ножевите се вообичаени во логорот, каде што се извршени 40 убиства од почетокот на 2021 година, според локалните власти. Седум жени се бореа и се напаѓаа едни со други со ножеви минатата недела, а имаше и еден обид за обезглавување.

Многу влади не сакаат да прифатат 9000 странски државјани и нивните деца што живеат во кампот, а многу жени се свесни дека може да се соочат со затворска казна дома. Ако не сакаат да чекаат ИД повторно да се покрене и да ги ослободи, или одлучиле дека повеќе не се лојални на таа група, алтернативата е да соберат доволно пари за да ги поткупат чуварите и да избегаат без ничија помош, пишува британскиот весник извештаи.

Условите во сите бегалски кампови се исти – мизерни и очајни/ Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Неколку жени во кампот проценуваат дека вистинските екстремисти сочинуваат само околу 20-30 проценти од жителите. „Гардијан“ посочува дека е невозможно да се утврди бидејќи голем број од нив зборуваат и се однесуваат на таков начин што привлекуваат средства на џихадистичките социјални мрежи.

Поддржувачите на ИД ширум светот, како и семејствата на станарите, испраќаат пари за дневни потреби, кои пристигнуваат во кампот преку неформална служба хавала.

За многу семејства, приоритет се момчињата кои, кога ќе влезат во пубертет, треба да бидат испратени во „центрите за дерадикализација“, управувани од СДФ. За да се избегне ова, мајките претпочитаат да ги поткупат чуварите за да ги извадат своите синови од логорот.

Сепак, најлесниот начин до стабилен приход е да се најде сопруг.

Секој „брак“ го следи истиот образец – жена во кампот отвора профил на Фејсбук или Инстаграм, објавува фотографии од лавови или друга иконографија поврзана ИД и ја повикува муслиманската заедница да ја спаси. Експлицитно радикалната содржина или разговорите со потенцијални сопрузи потоа може да се преместат во шифрираната апликација Телеграм, каде е потешко да се открие терористичка активност.

Сопрузите испраќаат пари директно во Турција преку вообичаен банкарски трансфер или, ако се плашат дека ќе бидат откриени, преку примател во друга земја – обично од Балканот или Украина. Оттаму, парите одат во Турција, каде ги преминуваат границите како готовина или преку хавала директно до Сирија.

Живот по кампот

Скоро сите што го напуштаат кампот одат во Идлиб, кој е оддалечен 400 км. Друга опција е да се придружат на заспаните ќелиите на ИД во источната пустина Деир ез-Зор. Жените од кампот изјавија дека барем една група ујгурски тинејџери успеаја да го сторат тоа откако го напуштија кампот.

Според „Гардијан“, Идлиб претежно е воден од ривалска џихадистичка група како Хајат Тахрир ал-Шама (ХТС), но хаосот и сиромаштијата во оваа област му олеснуваат на ИД да одржува безбедни куќи. Поранешниот лидер на ИД, Абу Бакр ал-Багдади таму го криеше за време на атентатот во 2019 година една мала џихадистичка група, која исто така војува со ХТС.

Заглавени со години во бегалски камп – се бараат сите можни начини за излез/ Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Некои што бегаат ќе останат во Идлиб, чекајќи повторно појавување на „калифатот“ или ќе живеат со борците на ХТС кои веруваат дека можат да ги преобразат жените на Исламска држава откако ќе им испратат пари за да ги спасат од кампот.

Идлиб се граничи и со Турција. За оние кои сакаат да се вратат во своите матични земји или да им се приклучат на нови сопрузи на друго место, обидот да се премине е многу опасен, но можен, со многу среќа. Лажните пасоши се купуваат по преминувањето на границата, пишува „Гардијан“.

Весникот додава дека доаѓањето на жени поврзани со ИД во Идлиб не само што претставува безбедносен ризик за ХТС, туку предизвикува и семејни конфликти. Во тирадите на Фејсбук, сопругите на мажите кои комуницираат со жени во кампот отворено велат дека Хол е бордел, а неговите станари се проститутки.

Некои жени кои решаваат да побегнат се мотивирани од радикални идеи, а некои се само очајни. Оние кои велат дека биле принудени да се приклучат, како и илјадници деца, исто така се соочуваат со можност бесконечно да мачат во сириските логори.

Мехдија, 22-годишна жена Ујгурка, вели дека нејзиниот сопруг ја донел во Сирија кога имала 17 години и дека немала поим што ја чека. Минатата година, таа се обиде да избега поради очајните услови во кампот и беше финансирана од членови на заедницата Ујгури во егзил, а не од нејзиниот нов сопруг на Интернет.

Таа била однесена од кампот со комбе, но била откриена следниот ден на контролен пункт на СДФ.
„Во кампот има луѓе кои инатаму се радикализирани и веројатно сакаат да излезат и да се приклучат на ИД. Но јас воопшто не сакам да бидам во Сирија. Имам три деца, ова не е добро место за нив“, вели таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот