Се бара притвор за седуммина полицајци кои одобриле и потпишале согласност дискотеката на смртта да добие лиценца
Јавен обвинител бара притвор за седуммина полицајци кои како вработени во СВР Штип и полициската станица Кочани потпишале и одобриле согласност компанијата која раководела со дискотеката да се добие лиценца за вршење на угостителска дејност кабаре, иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Препорачано
Обвинителството соопшти дека Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донело наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници. Тие се товарат дека сториле кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
-Kако службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди – соопшти Обвинителството.
Предлогот за притвор е доставен до судија на претходна постапка кој треба да донесе одлука.
Со одлука на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно вчера беа разрешени пет началници, еден помошник-началник и еден командир во Секторот за внатрешни работи (СВР) во Штип и во Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани. Разрешени се:
Началник на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип
Помошник-началник на Секторот за внатрешни работи Штип
Началник на Одделение за полиција Штип
Началник на Одделение за криминалистичка полиција Штип
Началник на Одделение за внатрешни работи (ОВР) Кочани
Командир на Полициската станица од општа надлежност Кочани
Началник на Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани
Од Обвинителството велат дека немаат информација дали овие овие полициски службеници се оние кои ги разреши вчера Тошковски.


