СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада

зоран заев избори сдсм
Зоран Заев / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Посветени сме за просперитет и долгорочна стабилност на Северна Македонија, велат од партијата, и додаваат дека е јасно оти државата нема друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.

СДСМ денеска преку соопштение информира дека ги продолжува разговорите за формирање стабилно парламентарно мнозинство и за владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат. Посветени сме за просперитет и долгорочна стабилност на Северна Македонија, велат од партијата, и додаваат дека е јасно оти државата нема друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.
„Во разговорите со политичката партија ДУИ целосно сме согласни за  почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротивставиме на сите форми на национализам и омраза. Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ“, се вели во соопштението од партијата.
Од СДСМ велат дека се неопходни квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои, како што потенцираат, се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор.
„Партиите се согласни на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен“, се наведува во соопштението и се додава дека разговорите за ново парламентарно мнозинство продолжуваат, заради тоа што е потребно стабилно мнозниство во Собранието кое ќе обезбеди формирање нова одговорна Влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот