Сара Миленковска: Авторки кои вреди да ги прочитате со „Сподели авторка“

Гостинка во „Женски печат“ /„Слободен печат“ ни е активистката, феминистка и политиколог Сара Миленковска, која пишува за иницијатавата „Сподели авторка“ и како може да ѝ се приклучите.

„Сподели авторка“ е солидарна иницијатива започната со цел да го промовира женското литературно творештво и достапноста до феминистичката литература во јавните библиотеки. Целата идеја започна преку еден разговор со една девојка која ја менторирав, за тоа каде може да се најде одредена литература во помалите градови. Тој разговор понатаму отвори уште други прашања како на пример, која е достапноста на феминистичка литература, како да се информираме за родовите прашања, и воедно кои авторки нè инспирирале и учестувале во нашето себеоткривање. Инспириана од тоа, им се обратив на многу луѓе кои знаев дека безрезервно ќе ми помогнат. Започнавме листа на наслови, која секојдневно се зголемува со книги на авторки, кои нас нè мотивираат, или сакаме да ги прочитаме, потоа ја надополнивме со феминиситчка и квир теорија и литература. Собирањето на наслови на еден начин наликуваше на тоа како порано се зачувувало женското писмо, колективно вложување и споделување на своите гледишта поврзани со книгите. Пренесувањето на своето знаење и искуства поврзани со литературата само ја продлабочуваат идејата за солидарност и едукација како она што би требало да нѐ води во нашиот личен развој.

Илустрација – Гала Насева (Студио Морско)

Најголемата поддршка за реализирање на оваа иницијатива се случи преку „Стела“, менторската мрежа, од која сум дел како коосновачка, односно преку коосновачката Вљора Речица и нејзината „Чивнинг алумни мрежа“, со тоа што обезбедија 100 книги. Навистина ми е драго што преку самата иницијатива, граѓаните ќе можат да се запознаат подобро со можностите на „Чивнинг“ и воедно со „Стела“ како непрофитна организација, чија мисија и визија се да инспирира и поврзува девојки и жени преку унапредување на пристапот до образование, можности за претприемништво. Преку менторската мрежа, „Стела“ е посветена да овозможува една-на-една советување за девојки и жени за високо образование и професионален напредок. „Стела“ има за цел да поврзува жени од цела држава и надвор од границите, да нуди лично менторство и да служи како алатка за споделување на образовни и професионални можности. Ние поврзуваме менторки од широк спектар на области, жени кои се успешни во различни области и кои поддржуваат други девојки и жени во нивниот понатамошен развој. Се надеваме дека преку нашата мрежа ќе ја унапредиме женската солидарност, која отсекогаш била клуч за успехот на многу девојки и жени. Токму таа солидарност ни помогна да собереме над стотина книги од кои триесетина беа веќе донирани во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Многу ми е драго што дополнително се активираат луѓе и ни пишуваат дека купиле некоја книга од листата што ја имаме објавено на нашите социјални мрежи и сакаат да ни ги донираат со цел да се зголеми фондот на книги во јавните библиотеки. Затоа, дополнително ги повикувам сите кои сакаат да се приклучат, да ни пишат на социјалните мрежи на „Stella Network“. Ова не е дел од некој проект, ниту пак имаме некоја финансиска поддршака, донираните книги зборуваат за солидарноста која многумина ја споделуват.

Втората акција на оваа иницијатива со преостанатите 60 книги ќе биде во библиотеката во Делчево на 17 април, а потоа и во Кавадарци, бидејќи во моментов имаме уште два спремни пакети. Во меѓувреме, се надеваме дека ќе собереме барем уште еден пакет на книги за во Струга, како што планиравме од почеток. Останува отворен повикот за поддршка, а на крај дури и да не може некој да придонесе, се надевам дека ќе пронајде интересни наслови кои би сакале да ги прочитаат од нашата листа. Бидејќи идејата не е само да го поддржиме зголемувањето на фондот со книги во библиотеките, туку и да ги потсетиме сите дека јавните библиотеки се тука за да бидат користени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот