Сања Савеска, новото лице на „Брза кујна“: Секој слободен момент го користам да бидам со мојот партнер

Приватна архива

По подолга пауза од телевизијата, Сања сега се враќа како водителка на телевизиското готварско шоу. Професијата е она што ја исполнува и со задоволство ја работи, но на прво место сепак се најблиските, партнерот Томи и внуците Матеја и Михаил, на кои им го посветува слободното време, открива Сања за „Слободен печат“.

Пред еден месец на ТВ Сител почна да се емитува кулинарското забавно шоу „Брза кујна“ во изменет состав, односно со нова водителка, Сања Савеска. Таа не е ново лице во македонскиот етер, односно зад себе има долги години искуство како водителка на телевизиски емисии и како репортерка. Но, едно време ја снема од телевизиските екрани, а како што вели самата, тоа добро ѝ дошло малку да се одмори и да работи една поинаква работа, зад камерите.

Приватна архива

– Можеби не бев често на екранот, но цело време бев дел од телевизијата. Од утринската емисија, која неколку години сама ја водев, бев префрлена во информативна редакција на ТВ 24, едно убаво искуство кое недостасуваше во мојата работа во медиумите. Работев како репортер и уживав во подготвувањето на вестите и споделување на информациите. Но, кога најмалку очекував, дојде понудата за водење на „Брза кујна“ и можам да кажам дека дојде во вистински момент. Отсекогаш посакував вакво шоу, сонував за забавна емисија, бидејќи и самата повеќе се пронаоѓам во тој формат. Ми недостасуваше забава пред камерите, смеа и убава енергија што се создава при подготовка на вакви емисии. „Топ форма“, мојата прва емисија, како и „Работна сабота“, беа емисии од забавен карактер, и во утринската „Македонија денес“ се трудев да им бидам забавна на гледачите, но овде со шефовите Марк и Никола, забавата е неизбежна.

Со Томи сакаме многу да шетаме во природа и да се возиме со мотор/Приватна архива

Пред вас „Брза кујна“ имаше две водителки, кои од оправдани причини си заминаа. Koи совети ги добивте од Вашата колешка Александра, последната водителка на емисијата?

– „Брза кујна“ е лиценцирано кулинарско шоу, се емитува и во многу други земји, форматот е секаде ист, а од водителот зависи енергијата која ќе ја внесе во двете кујни, кај „пиперките“ и кај „доматите“. Јас доаѓам како трета водителка во шоуто, по Билјана Максимовска и Александра Илиевска, а ниту со едната од нив не успеав да се видам. Но, тука е продуцентот Томислав Коцевски – Пепси, како и целиот тим, кои од почетокот се на овој проект, а од нив добив навистина убава поддршка и совети, од кои најважниот – „биди своја и уживај!“.

Дали отсекогаш имавте желба да работите во медиуми или случајно се најдовте во оваа професија?
– Отсекогаш. Како мала седев пред телевизор и ја читав програмата, дома глумев водителка. Во основно бев во новинарска секција, пишував текстови, правев интервјуа со соседите. Во средно почнав да работам во радио. Долго време освен како водителка работев и синхронизација на цртани филмови. Медиумите и јавната работа секогаш ги сакав, бев и сè уште сум вљубена во театарот, но сепак завршив политички науки. Астрологијата вели дека друго и не можам да работам, таму е запишано дека ќе работам во медиумите.

Како се снаоѓате дома во кујната? И од кого го имате добиено најдобриот совет во врска со готвењето?
– Ја сакам кујната, сакам да готвам и одлично се снаоѓам во неа. Од мала се врткав околу мајка ми и учев од неа. Тука е и советот од дедо ми, кој знаеше често да ме пофали кога ќе му го покажев свидетелството со сите петки, но и да ми каже дека сѐ е тоа супер, ама доколку не знам да зготвам убав ручек, да замесам леб и да бидам вешта во кујната и домот, нема да бидам целосно успешна. Така што, денес вистински уживам кога готвам и кога успевам сама да смислам рецепти што ќе им се допаднат на блиските.

Со шефовите Марк и Никола забавата е неизбежна/Приватна архива

Откако ве знае публиката иста сте, не се менувате. Тоа се должи на генот или на редовна грижа за сопствениот изглед? И во што се состои таа посебна нега?
– Ви благодарам многу за овој комплимент. Би рекла дека се гените, бидејќи освен редовната дневна нега и здравата исхрана, не посветувам дополнително внимание на грижата за лицето и телото.

Слободното време кому му го посветувате?
– На најблиските. Секој слободен момент го користам да бидам со мојот партнер Томи, кој е моја поддршка во сè што работам. Сакаме многу да шетаме во природа, но и да се возиме со мотор. Во старата нормалност сакавме да посетуваме и концерти и театарски претстави. Секогаш покрај себе имам добра книга, а голем дел од слободното време го поминувам со моите внуци Матеја и Михаил, од кои ја добивам најчистата и најубава енергија.

Споменавте „старата реалност“, па се наметнува прашањето, како го поминувате овој период на пандемија, кога сите мораме да живееме една нова реалност?
– Го сакам домот и домашната атмосфера, така што воопшто не ми е тешко да останам дома кога немам потреба да излегувам, да ги почитувам правилата и да внимавам на здравјето на сите околу мене. Благодарение на технологијата и социјалните мрежи, постојано сум во контакт со пријателите. Многу сум внимателна, некогаш и премногу, па можам да кажам дека претерувам во заштитата. Насекаде околу мене има средства за дезинфекција, во чантата секогаш имам резерва маски. Сметам дека сите мораме да бидеме истрајни во оваа нова реалност, за што поскоро да се вратат времињата во кои безгрижно се дружевме, се забавуваме и не помислувавме дека разговор и прегратка со близок може да биде фатална за нашето здравје и здравјето на нашите најблиски.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот