Русија покуса за 4,8 милиони работници

Мобилизацијата ја остави индустријата без работници - Фотографија ЕПА, Сергеј Долженко

На Русија во текот на оваа година ѝ недостасувале 4,8 милиони работници, а проблемот ќе продолжи и во текот на идната година, изјавиле експерти од Економскиот институт на Руската академија за науки за весникот „Известија“.

Гувернерката на Централната банка, Елвира Набиулина, во ноември забележа дека економијата страда од кризата на пазарот на труд, што го загрозува растот особено поради пренасочување на огромни средства во „воената операција“ во Украина.

Пазарот на труд страдаше и од масовната мобилизација на 300.000 работоспособни луѓе во текот на 2022 година, како и од масовното отселување на младите за да не бидат регрутирани.

Претседателот Владимир Путин, пак, како успех на политиката на Кремљ ја истакна рекорно ниската стапка на невработеност од 2,9 отсто. При обраќањето до јавноста пред две недели тој истакна дека „нема потреба од нова мобилизација“.

Експертот Николај Ахапин, кој е главниот автор на истражувањето, забележува дека потребата за работници нагло се зголемила токму откако почна војната во Украина. Особено се барани возачи и продавачи. Официјалната статистика покажува дека непополнети се 6,8 отсто од потребните работни места, што е за 1 процент повеќе во споредба со истиот период лани.

Татјана Захарова од Универзитетот за економија „Плеханов“ вели дека проблемот ќе продолжи и низ целата 2024 година, при што најмногу ќе се бараат фабрички работници, инженери, лекари и наставници, покрај возачите и продавачите. Како фактори што придонесле за кризата таа ги посочи и „лошата демографија и миграцијата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот