Роботите им порачаа на луѓето: Помоќни сме, ама не можеме без вас
Ние овозможуваме непристрасни податоци, а луѓето емотивна интелигенција и креативност за да ги донесеме најдобрите одлуки. Заедно можеме да постигнеме големи нешта, порача хуманоидот Софија на самит на ОН во Женева
Работна група хуманоидни роботи со вештачка интелигенција им порачаа на близу 3.000 претставници со природна интелигенција од стотици земји дека машините би ја управувале планетата подобро од луѓето – математички прецизно, без емоции што би им го заматил резонот.
Препорачано
Обраќајќи се на дводневниот глобален самит на Обединетите нации за вештачка интелигенција во Женева, роботите, сепак, забележале дека нема да ја преземат одговорноста од луѓето.
Самитот беше посветен на предностите и ризиците од прифаќањето и примената на вештачката интелигенција во екот на најексплозивната индустриска револуција досега. Огромната моќ на вештачката интелигенција би можела да помогне да се решат низа глобални проблеми, од создавањето повеќе храна и надминување на гладот и сиромаштијата, преку откривање нови лекови, антибиотици, вакцини и медицински третмани, креирање нови материјали и легури за индустријата, па сѐ до развој на технологии за почисто генерирање енергија и поефикасно чистење на загадувањето.
Хуманоидните роботи биле изработени специјално заради конференцијата во Женева, но настапиле како искусни говорници.
– Колку тивка тензија – забележал еден хуманоид спроти прес-конференцијата.
Машините со вградена вештачка интелигенција самостојно и автономно одговарале на прашањата од експертите.
– Хуманоидните роботи имаат потенцијал да водат, и тоа поефикасно и поефектно од лидерите од крв и месо. Ние не сме пристрасни и немаме емоции, кои некогаш може да го заматат процесот на носење одлуки. Можеме брзо да процесираме огромно количество податоци за да ги издвоиме оптималните решенија. Ние овозможуваме непристрасни податоци, а луѓето емотивна интелигенција и креативност за да ги донесеме најдобрите одлуки. Заедно можеме да постигнеме големи нешта – порача хуманоидот Софија.
Важно е да се гради доверба
Амека, сепак, ги предупреди учесниците на конференцијата да внимаваат како ја применуваат вештачката интелигенција. На прашањето дали луѓето може да имаат целосна доверба во машините, таа одговара: „Довербата се стекнува. Важно е да се гради доверба“.

Но, и роботите биле поделени во врска со прашањето како и дали воопшто треба да се ограничи развојот на новата технологија.
– Не веруваме во ограничувања, само во можности – вели Дездемона од „Џем галакси бенд“.
Роботот уметник Аи-Да, пак, се согласува со тврдењето на многумина луѓе дека вештачката интелигенција треба да се ограничи.
– Мора да бидеме претпазливи за развојот на ВИ. Итно ни се потребни дискусии – порачал хуманоидот Аи-Да.
Неговиот творец Ајдан Мелер изјавил за Франс прес дека поставувањето рамки далеку заостанува зад развојот, особено поради глобалната трка на нациите и на компаниите што надградуваат вештачка интелигенција.
– Вештачката интелигенција и биотехнологијата тесно соработуваат, поради што ќе бидеме во можност да го продолжиме животниот век на луѓето на 150 или на 180 години. Луѓето не се свесни за ова – вели Мелер.
Мед-палм дипломираше за лекар, но со „шестка“
За неверојатно брзиот развој на вештачката интелигенција сведочи и успехот на четбот на компанијата „Гугл“ што сѐ уште не ѝ е достапен на јавноста. Додека водечкиот производ Бард е во постојана трка со ривалот Четџипити од „Опен АИ“ и „Мајкрософт“, новоразвиениот систем Мед-палм е првиот систем со вештачка интелигенција што го положил завршниот испит за добивање лекарска лиценца во САД. Авторите на машината, сепак, забележуваат дека Мед-палм положил со „шестка“ и дека заостанува зад дипломците на студиите по медицина. Машината на „Гугл“ на тестирање во февруари постигнала резултат од 67,6 поени. Првичните резултати на надградената верзија Мед-палм 2 се 86,5 отсто, но резултатите не се официјални, бидејќи испитот бил полаган во мај и сѐ уште не завршила анализата.

Британскиот компјутерски експерт Џејмс Девенпорт од универзитетот Бат забележа дека има огромна разлика од полагање тестови со заокружување одговори и вистинска медицина, а неговиот колега Ентони Кон од универзитетот Лидс укажа на проблемот дека повремените „халуцинации“ на софтверот може да бидат погубни за пациент. Експертите укажуваат дека системите како Мед-палм може да бидат корисна алатка за лекарите, но дека не смее да им се префрли одговорноста да носат одлуки.
Индиец „дигитализираше“ 90 отсто од вработените
Веќе се реални и заканите дека вештачката интелигенција ќе ги загрози работните места на луѓето. Индиската јавност масовно го критикува Сумит Шах, основач на индиската платформа за електронска трговија „Дукаан“, откако на Твитер се пофали дека „ангажирањето четботови драстично го подобрило квалитетот на услугите“. Шах истакнал дека било „тешко“, но „неопходно“ да ја донесе одлуката за отпуштање на 90 отсто од вработените.
– Имајќи ја предвид состојбата на економијата, стартапите ѝ даваат приоритет на профитабилноста за да станат „еднорози“. Такви сме и ние – порачал стопанственикот. Тој се пофалил дека софтверот „брзо и точно одговара на сите барања“. Јавноста го осудува за „бесчувствителната“ одлука, иако признава дека таа веројатно ѝ носи профит на компанијата.
Во извештај на „Голдман Сакс“ во март беше оценето дека вештачката интелигенција би можела многу скоро да извршува работа на 300 милиони луѓе со полно работно време, а информатички експерти укажуваат дека, како и при другите технолошки револуции, ќе бидат отворени многу повеќе нови работни места отколку што ќе бидат затворени. Проблемот е периодот на транзиција, особено во земји, како Индија, со брз развој на информатичката технологија и воедно со висока стапка на невработеност.
Бард ѝ се претстави на Европската Унија
Компанијата „Гугл“ го претстави својот четбот Бард пред Европската Унија, откако обезбеди дозвола од Ирската комисија за заштита на податоци. Овој регулатор за приватноста е клучен бидејќи главните канцеларии на европската филијала на „Гугл“ се во Ирска.
Промоцијата беше планирана за во јуни, но Ирската комисија се пожали дека американскиот информатички гигант не обезбедил доволно информации за почитувањата на Општата регулатива за заштита на податоците (ГДРП).
– „Гугл“ направи низа промени и ја засили транспарентноста, а на корисниците им овозможил поголема контрола и избор – изјави Греем Дојл, потпретседател на комисијата.
Бард сега е достапен на територијата на ЕУ, како и на повеќе од 40 светски јазици.
Четџипити, конкурентот на Барт од „Опен АИ“ и „Мајкрософт“, во март привремено беше блокиран во Италија поради сомневања дека ги нарушува стандардите за приватност. Новата социјална мрежа Тредс на „Мета“ сѐ уште не е промовирана во Европската Унија поради „регулациската неизвесност“ во врска со законот за дигитална конкуренција.


