Фото: ЈП „Водовод и канализација“

РКЕ бара целосна надлежност во утврдувањето на цената на водата

Заменик-претседателот на РКЕ, Лирим Сулејмани, истакна дека целта е креирање транспарентен и стабилен систем преку скратување на бирократската постапка од шест на два чекори

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) треба целосно да ја преземе надлежноста при формирањето на конечната цена на водата, со цел создавање поедноставен и поодржлив систем на тарифирање. Ова беше главната порака од тркалезната маса „Иницијатива за промена на постапката за утврдување на тарифите за водни услуги и влијанието на соодветните тарифи врз најгорливите проблеми со кои се соочуваат комуналните претпријатија“, организирана од АДКОМ.

Податоците покажуваат дека актуелниот модел на определување на цената е сложен и финансиски неодржлив, а неефикасноста во системот резултирала со раст на загубите на вода до 64% на национално ниво. Од 79 јавни претпријатија што обезбедуваат водни услуги, РКЕ донела одлуки за 20, но 11 не добиле согласност од општинските совети, додека девет претпријатија воопшто не поднеле барање за нови цени.

Заменик-претседателот на РКЕ, Лирим Сулејмани, истакна дека целта е креирање транспарентен и стабилен систем преку скратување на бирократската постапка од шест на два чекори – поднесување барање и утврдување конечна цена. Тој предупреди дека сегашниот модел го нарушува квалитетот на услугата, ги зголемува дефектите и ја загрозува ликвидноста на комуналните претпријатија.

Според анализите, потрошувачката на вода расте, а наплатата опаѓа, додека бројот на вработени се зголемува. Членот на РКЕ, Фатон Амбари, посочи дека актуелните тарифи не ги покриваат реалните трошоци, поради што комуналните претпријатија работат со загуби и зависат од субвенции од општините.

Тој додаде дека иницијативата ќе овозможи РКЕ да воведе регулаторни мерки за самоодржливост, вклучувајќи утврдување конечна цена, задолжителни инвестиции и ограничување на бројот на вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот