Рибакина ја доби драмата со Сабаленка и го освои Австралија опен
Казахстанската тенисерка Елена Рибакина е нова шампионка на Австралија опен, откако во финалето во Мелбурн ја совлада првата на ВТА-листата, Арина Сабаленка, со 2:1 во сетови (6:4, 4:6, 6:4).
Препорачано
Дуелот беше реприза на финалето од 2023 година, но овојпат Рибакина излезе како победничка по вистинска драма и голем пресврт во решавачкиот, трет сет.
Од самиот почеток Рибакина наметна силно темпо. Веднаш го одзеде сервисот на Сабаленка и потоа без загубен поен го освои својот сервис-гем, со што ја потврди доминацијата во првиот сет. Иако Сабаленка запиша неколку ас-сервиси, Рибакина остана стабилна и не ѝ остави простор на противничката.
Во вториот сет следеше израмнета борба. Двете тенисерки сигурно ги чуваа своите сервиси сѐ до десеттиот гем, кога Рибакина сервираше за останување во сетот, но не издржа под притисок. Сабаленка со „нула“ стигна до брејк и израмнување на 1:1 во сетови.
Белорусинката силно влезе и во третиот сет, направи брејк на самиот почеток и поведе со 3:0, па се чинеше дека сигурно чекори кон победата. Сепак, тогаш следеше неверојатен пресврт. Рибакина наниза пет последователни гема и со 6:4 го освои решавачкиот сет и титулата.
За Рибакина ова е втора Грен слем титула во кариерата, откако претходно триумфираше и на Вимблдон во 2022 година. Од друга страна, Сабаленка остана на две титули во Мелбурн, а ова за неа беше второ последователно загубено финале на Австралија опен. Покрај двете титули во Мелбурн, таа е и двократна шампионка на САД опен.


