Резолуцијата на Сенатот на САД за поддршка за нашето членство во ЕУ е порака до политичките фактори кои заговараат алтернатива на ЕУ, вели Османи

Бујар Османи - министер за надворешни работи /Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Резолуцијата на Сенатот на САД со која се реафирмира поддршката за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската Унија со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови, ќе значи охрабрување на нашата држава да продолжиме на тој пат, но и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза евроинтеграцијата на државата во Унијата. Таа е и порака до политичките фактори овде кои заговараат дека се можни алтернативи на членството во ЕУ, оцени денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.

– Да, има предлог на четворица сенатори – двајца демократи и двајца републиканци на Резолуција која што ќе биде ветер во едрата на нашата држава за членство во ЕУ и тоа е многу важно, бидејќи особено е важно затоа што е поддржана од двете страни, и републиканците и демократите се едногласни, што значи дека во САД имаме апсолутен консензус за поддршка на Северна Македонија. Во Резолуцијата се спомнува и средбата на Блинкен овде во МНР, поддршката што ја даваат САД и се разбира ќе значи наше охрабрување да продолжиме на тој пат, меѓутоа и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза патот на Република Северна Македонија – рече денеска Османи.

Преговарачката рамка, потсети тој, беше утврдена со консензус од 27 земји-членки и таа ги брани нашите позиции, бидејќи не дозволува историско-идентитетски прашања да бидат бенч маркови за отворање и затворање на поглавја, туку само малцински и човекови права.

– Тоа беше голем успех на државата да утврди таква преговарачка рамка и се разбира очекувам веднаш по изборите да се забрза тој процес и до 2030 година Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ – вели Османи.

Според него, Резолуцијата на американскиот Сенат носи порака и до политичките сили во земјава кои гледаат други алтернатива освен зачленувањето во ЕУ.

– Таа ќе помогне и во охрабрувањето на земјите-членки, во нашето охрабрување дека немаме алтернатива освен членство во ЕУ. Малку е и порака до политичките фактори овде коишто заговараат дека може да има алтернатива на ЕУ, меѓутоа, процедурите се утврдени. Тие се во наш интерес. Ние треба само да продолжиме тука да одржиме една стратешка предвидливост, особено да не ја ризикуваме таа стратешка предвидливост сега со изборите и да продолжиме кон имплементирање на обврските за да станеме членка на ЕУ до 2030 година – рече Османи.

Прашан кои се тие политички субјекти кои заговараат алтернативи на пристапувањето во ЕУ, Османи вели дека секој што не работи за забрзано членство во ЕУ всушност работи за алтернативи.

– Има политички партии, има кандидат за претседател коишто заговараат излегување од НАТО и имаат други алтернативи од ЕУ. Меѓутоа, јас сум на став дека не е само прашање на реториката. Секој што не работи за забрзано членство во ЕУ, всушност работи за алтернативи. И оттука политичката сцена јасно е поделена на европски и антиевропски фронт – оцени Османи.

Тој најави дека ќе ги минимизира своите активности како министер за надворешни работи штом ќе биде номиниран официјално како претседателски кандидат на ДУИ.

САД го поддржаа пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) во најнова резолуција во Сенатот, спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис. Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови, а се нагласува и поддршката за Владата да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот