Редуцирање на бројот на ученици и воведување на смени се дел од сценаријата за почетокот на учебната година од септември

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Септември е сѐ поблиску, а конкретен план за тоа како ќе се одвива новата учебна година која е пред нас сѐ уште нема. Кризата со Ковид-19 придонесе за тоа последните три месеци од изминатата учебна година да поминат онлајн, а бидејќи бројот на новозаболени со коронавирус не се намалува, не е познато дали учениците од септември конечно ќе се вратат во училишните клупи.

Реакциите за досегашното он лајн учење беа различни, меѓутоа, ако може да се суди според реакциите на интернет на повеќе наставници и професори, сите тие сметаат дека најдобро ќе биде нормализирање на наставниот процес со соодветен протокол за безбедно враќање на учениците во училиштата.

– Отворивме сѐ – кафеани, кафулиња, теретани, казина, пуштени се и граничните премини. Не гледам зошто учениците не би се вратиле во училиште од септември. Последното тримесечје го поминавме он лајн, но мислам дека ќе биде вистински хорор и новата учебна година да се започне на таков начин. Потребен ни е посебен протокол, онаков каков што е направен за секоја институција која почна повторно да функционира во новата нормалност, а верувам дека тоа е возможно да се направи – смета наставник по математика од основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Покрај реакции од наставници, во изминативе неколку дена реагираа и родители, по што Министерството за образование и наука на својата страница објави прашалник за родителите поврзан за влијанието на пандемијата врз образовниот процес, а кој е достапен на албански и македонски јазик.

„Основната цел на истражувањето е да ги сумира сите релевантни искуства и да го процени севкупното влијание на пандемијата КОВИД-19.  Преку вклучување на сите засегнати страни (даватели и корисници на услуги во образовниот сектор) – директори, наставници, родители и ученици, ова истражување ќе ни даде директен увид во различните искуства и важните аспекти на учењето на далечина. Добиените сознанија ќе се искористат исклучиво за анализа на постојната состојба и за креирање на идните планови и активности во образовната политика“, стои во соопштението на МОН.

Од Министерството за образование и наука пак, пред неколку дена објавија концепт за далечинско учење, односно презентација на Национална платформа за е-учење, која би почнала да се реализира од септември 2022 година.

МОН подготви концепт за учење на далечина, но од 2022 година, не се знае како ќе се одвива наставата од септември

– Република Северна Македонија и институциите на системот во земјата мора да имаат изготвен Концепт за развој на систем за далечинско учење, кој би бил применлив не само во кризни ситуации како актуелната предизвикана од појавата и ширењето на вирусот Ковид 19, туку и во секоја друга прилика кога за еден, повеќе или за сите ученици ќе има потреба да се организира далечинско учење доколку не посетуваат настава во училиште, поради било каква причина – информираат од МОН за „Слободен печат“.

Сепак, од МОН потенцираат и дека создавањето на еден таков систем за далечинско учење не значи и дека учениците ќе мораат нужно да продолжат со ваков тип на настава и од септември.

– Изработката на овој документ не значи дека новата учебна година ќе започне и ќе се реализира исклучиво преку далечинско учење. Но, ние уште сега, преку еден инклузивен пристап на креирање решенија се подготвуваме за постапување при секое евентуално сценарио, вклучително и за настава од далечина доколку ситуацијата го наложи тоа – додаваат од МОН.

Во однос на нашето конкретно прашање за тоа на кој начин ќе се реализира наставата од септември, оттаму велат дека постојат повеќе опции кои се во игра и дека и натаму останува да се види каква ќе биде состојбата со вирусот.

– Друго сценарио и најпосакувано е целосно нормализирање на наставата, односно спроведување на воспитно-образовниот процес како и до пред појавата на пандемијата, или пак, реорганизација на истиот преку редуцирање на бројот на ученици во училница, воведување на смени во училиштата и слично – информираат од МОН.

Институциите да не спијат: Да го искористат летниот распуст и да најдат модел од септември да ги вратат децата во училишните клупи

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот