Реал планира заработка од 500 милиони евра од трансфери на ѕвездите

EPA-EFE/BALLESTEROS

Реал Мадрид налето ќе прави целосен „ремонт“ на екипата, тренерот Зинедин Зидан е подготвен да се откаже од дури неколку фудбалери и со нивна продажба се очекува во касата на клубот да се слеат неверојатни 500 милиони евра.

Зидан по неколку натпревари на клупата, а посебно по поразот од Валенсија доби јасна слика со каков ростер располага и што треба да менува.
Според „Марка“, Зидан веќе започна со правење на тимот за следната сезона и нема да биде изненадување доколку се откаже од 5-6 фудбалери кои во последните години беа незаменливи во Реал и од нивната продажба очекува заработка од половина милијарда евра.

Герет Бејл ќе претставува и најголем проблем во убедувањето да си замине од „Сантијаго Бернабеу“, неговата годишна плата од 15 милиони евра не можат сите да ја платат и како единствена можна опција се споменува Манчестер јунајтед. Манчестер е и фаворит за ангажман на Тони Крос. Реал од нив двајца очекува да заработи најмалку 150 милиони евра.

Доколку Баерн Минхен не го откупи договор на Хамес Родригез, тогаш Колумбиецот најверојатно за сума помеѓу 40 и 50 милиони евра ќе се пресели во Јувентус.
Бразилецот Марсело 12 години е член на Реал Мадрид, но сезонава игра очајно и тој налето си оди од клубот. Зидан не помислува на продажба под 35 милиони евра, колку што ќе бара и за Матео Ковачиќ, кој моментно како позајмен играч настапува за Челси. „Шут карта“ ги очекува и Маријано Дијаз и Лопез Валјехо, кои не успеаја да се наметнат кај ниту еден од тројцата тренери на Реал Мадрид сезонава.

Најголема заработка се очекува од Иско и евентуално Рафаел Варан, доколку остане доследен на барањето да си замине во летниот преоден рок.
Зидан сака да го задржи Иско, но претседателот Флорентино Перез инсистира на продажба бидејќи не успеа да го оправда статусот на мегаѕвезда и наследник на Кристијано Роналдо и е подготвен да го продаде за не помалку од 100 милиони евра, а истата сума ќе ја бара и за Варан.

Заработката од евентуалните трансфери, Зидан планира веднаш да ја потроши, прв пик е Еден Азар од Челси, а со сите сили ќе тргне и по потписот на напаѓачот на Ливерпул, Садио Мане.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот