Разговор со Жарко Иванов за „Флипбук филм фестивал“: Филмови што ги поместуваат границите на анимацијата

Од 11 до 14 август во МКЦ Парк ќе се одржи третото издание на Фестивалот на анимирани филмови од европски автори „Флипбук филм фестивал“, а тоа беше повод за разговор со еден од основачите на фестивалот – Жарко Иванов.

Група македонски автори на анимирани филмови и големи ентузијасти среде ковид-пандемија пред две години го основаа Фестивалот на анимирани филмови од европски автори „Флипбук филм фестивал“, а со своето трето издание фестивалот ќе го покаже своето вистинско лице.

Што ќе донесе фестивалот оваа година ни открива Жарко Иванов од продуцентската куќа „Флип бук“.

Фестивалот влегува во фаза на концептуална зрелост. Какви содржини се подготвени за третото издание?

– „Флипбук филм фестивал“ на публиката ќе ѝ понуди исклучително богата програма на филмови, промоции, презентации, работилници и изложби. Селекцијата е направена од повеќе од илјада пријавени наслови, а сите селектирани анимирани филмови ги менуваат правилата на игра и ги поместуваат границите на медиумот анимација, носат новитет и во тематска и во технолошка смисла: визуелна иновативност, силна приказна која обработува некоја современа тема, остра социјална критика, софистициран хумор, експериментирање со формата и содржината итн. Најдобрите од нив успеваат да инкорпорираат повеќе од овие елементи во себе.

Во колку програми и селекции ќе бидат распоредени проекциите?

– Годинава на „Флипбук филм фестивал“ ќе гледаме приближно сто анимирани филмови во четири натпреварувачки програми: главна, студентска, селекција на анимиран документарец и анимирани музички видеа, а филмовите што не успеаја да влезат во официјалната селекција ќе бидат прикажани во програмата „Панорама на европски анимиран филм“.

Првата вечер ни е резервирана за селекција на филмови од реномирани фестивали за анимиран филм, годинава од двата најголеми светски фестивали, „Анеси“ (Франција) и „Анимафест“ (Хрватска), а во следните три ги имаме најдобрите европски наслови, кои во изминатиот период ги освоија најважните награди на светските фестивали: „Steakhouse“ на словенечката режисерка Шпела Чадеж, „Saturation“ на хрватската режисерка Луција Бужанчиќ, англискиот „Hide“ на Данел Греј, во селекцијата на анимирани документарци „The Garbage Man“ на португалката Лаура Гонсалвес и „My father’s damn camera“ на српскиот режисер Милош Томиќ, студентските „Slouch“ и „Toothless“ и македонскиот „Torch“ од младиот автор Калин Маловски. Во селекцијата, пак, на анимирани музички спотови, меѓу другите, ќе прикажеме анимации од двајца македонски автори: Никола Дрвошанов и Филип Митров.

Третото издание на „Флипбук филм фестивал“ ќе се одржи од 11 до 14 август во МКЦ Парк

Една од целите на фестивалот е придвижување на целата аниматорска сцена кај нас. Покрај проекциите, ќе има ли дополнителни активности на фестивалот?

– На „Флипбук филм фестивал“ годинава ни доаѓаат врвни професионалци и афирмирани автори од европскиот анимиран филм. Во жирито на главната и селекцијата на анимирани музички видеа членови се Себастијан Сперер, селекторот на фестивалот „Анеси“, Даниел Шуљиќ, уметничкиот директор на „Анимафест“, кој ќе ја претстави монографијата по повод 50 години од фестивалот, и Олга Бобровска, професорка по историја на анимиран филм во Краков и директорка на фестивалот „Стоптрик“.

Во жирито на анимирани документарци и студентски филмови членови се Педро Риверо, професор по сценарио за анимиран филм и директор на фестивалот „Анимаком“ во Билбао, кој ќе одржи работилница „Storytelling for Animation“, Петрула Вељановска, програмски координатор на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, и Милан Милосављевиќ, директор на фестивалот „Балканима“ во Белград, кој ќе ја промовира книгата со есеи за анимиран филм „The Last Turn at Albuquerque“.

Промоција на книга од областа на теоријата на анимираниот филм ќе има и полскиот теоретичар Михал Бобровски и авторот на анимиран филм Иван Ивановски. Промоцијата на книгата „До празнината и назад“ ќе биде проследена со изложба. Во соработка со организацијата „Еко свест“, ќе биде одржана тематска работилница за анимиран филм во техника стоп-анимација и изработка на флипбук-тетратки со учениците од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“.

Двете фестивалски жирија се составени од врвни професионалци и афирмирани автори од европскиот анимиран филм

Како аниматорската сцена го прифати постоењето на фестивалот и какво резиме вие направивте на претходните две изданија?

– Фестивалот на публиката ѝ ја прикажува најновата продукција на филмски остварувања и ја обликува перцепцијата на љубителите на анимацијата кон современите текови на анимираниот филм. Заедно со авторите, членовите на жири, критичарите, теоретичарите, новинарите, фестивалот формира мрежа која врши исклучително важни функции за анимираниот филм како медиум, јазик и пазар.

Со дополнителните секции, работилниците за пишување сценарија и продукција на анимиран филм, ја зголемуваме динамиката на аудиовизуелната креација и стануваме носители на иновациите. Првите две изданија на „Флипбук филм фестивал“ се одржаа во услови на здравствени протоколи и ограничувања предизвикани од коронавирусот. И покрај овие мерки, успеавме да направиме изданија со проекции на отворено, но со ограничено присуство на гости од странство. Годинава, освен големиот број работно вклучени професионалци од странство, на фестивалот ќе присуствуваат и авторите на филмовите што ќе ѝ ги претстават своите остварувања на нашата публика.

Кој стои зад организацијата на „Флипбук филм фестивал“ и имате ли соодветна поддршка од државните институции?

– Зад организацијата на фестивалот стојат авторите на анимиран филм кои творат и гравитираат околу продуцентската куќа „Флип бук“: Крсте Господиновски, Владимир Лукаш, Иван Ивановски и Жарко Иванов. Фестивалот го создадовме од многу прагматична причина: на домашната публика да ѝ го претставиме најдоброто од европскиот авторски анимиран филм, нешто што не може да биде видено на редовен кино репертоар.

Иако фестивалот секоја година се одржува кон средината на август, во текот на летните одмори, повеќе од забележително е зголемувањето на интересот на публиката, но и на младите автори што покажуваат сериозно внимание за анимираниот филм.

Што се однесува до поддршката, од страна на релевантните институции се случува своевидно жртвување на анимираниот филм, во името на играниот, но и на документарниот филм. При распределбата на средствата за организирање филмски фестивали и слични манифестации, „Флипбук филм фестивал“ добива минимална сума, ни приближно доволна за организирање четиридневен фестивал со светски познати лица од светот на анимацијата. Остатокот го надополнуваме со сопствен влог и средства, лични и пријателски врски со светските фестивали и филмски професионалци, како и домашни и странски спонзорства и покровителства. Не смееме да не го спомнеме и колективот на МКЦ, кој во континуитет е вреден и искрен соработник и поддржувач на „Флипбук филм фестивал“.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 140, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот