Разговор со Владимир Петровиќ за неговиот лик во мјузиклот „Као какао“: Романтичар со скршено срце и бунтовник со причина
Актерот Владимир Петровиќ е на прагот на остварување на најспецифичната улога во својата досегашна кариера како главен машки лик во македонскиот мјузикл „Као какао“ во продукција на „Баги Комуникации“.
Препорачано
Мјузиклот „Као какао“ се подготвува во продукција на „Баги Комуникации“ во копродукција со Македонскиот народен театар. Извршниот продуцент Владимир Мандичевски изјави дека се создава исклучителен македонски културен производ кој веќе има потенцијал за извоз и дека во тек се сериозни преговори со агенции и институции низ Балканот, но и надвор од него, за претставата да гостува на странски сцени.
Целиот проект е инспириран од музиката на Влатко Стефановски, на сцена се поставува по текст на Венко Андоновски во режија на Дејан Пројковски. Значаен сегмент во мјузиклот е кореографија на Олга Панго и аранжманите на музиката на Бобан Мирковски. Бидејќи приказната се раскажува со пеење, вокален ментор е Ана Костадиновска. Костимографијата е на Марија Пупучевска, а сценографијата на Валентин Светозарев.
Приказната во мјузиклот трага по душата и духот на старото Скопје. Во изведбата на мјузиклот се вклучени сите театарски жанрови, а според режисерот Пројковски, двата клучни зборови кои се поврзани со продукцијата на мјузиклот се љубов и радост. И музичарот Влатко Стефановски очекува дека проектот ќе донесе многу радост, бидејќи голема енергија е собрана во реализацијата на проектот.

Главната машка улога ја игра актерот Владимир Петровиќ, а покрај него на сцената ќе се појават Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска. Комплетната екипа во проектот влегува со огромна посветеност и верба, и затоа се очекува „Као какао“ како културен проект да има долга животна приказна. Тоа го потврдува и актерот Владимир Петровиќ.
Каков предизвик за секој актер е учеството во мјузикл, имајќи предвид што кај нас ретко има такви можности?
– Голем е предизвикот да се учествува во еден ваков проект, бидејќи емоциите и пораките кои ги пренесуваме до публиката преку актерската игра, во конкретниот жанр се надополнуваат со пеење и танцување. Како актер, во минатото имав прилика да бидам дел од рап-мјузиклот „Црнила ремикс“, проект кој доживеа успех и во кој истражив експериментални театарско-музички форми. Сега со големо задоволство повторно се впуштам во една нова театарска приказна која прави симбиоза на уметностите и како актер те тера да ги испиташ сопствените можности и капацитети.
Која е твојата улога во мјузиклот „Као какао“?
– Во мјузиклот „Као какао“ ја играм главната машка улога, ликот на Џими, урбан млад скопјанец од едно друго време, соочен со неправди и предрасуди затоа што се осмелува да го живее животот во свој автентичен стил. Романтичар со скршено срце и бунтовник со причина.

На кој начин се одвиваше селекцијата за улогите, со аудиција или со кастинг, и што требаше да покажеш за да ја добиеш главната машка улога?
– Улогата ја добив на аудиција која беше во три круга и во која требаше да се покаже актерска игра, вокални способности, кореографии, етиди и импровизации.
На прес-конференциите има одлична атмосфера, каков е процесот што го поминувате на пробите за мјузиклот?
– Атмосферата во екипата е на високо ниво, свесни сме дека сме дел од голем проект и сите се трудиме да дадеме максимум за да ѝ пружиме на публиката врвно доживување.

Каква е разликата помеѓу класичниот театарски процес, каде главно се работи на ликот, и во овој мјузикл, каде треба да се игра, пее, танцува, свири..?
– За разлика од класичниот театарски процес, во овој случај секојдневно правиме физички вежби, ги подготвуваме и загреваме нашите тела за кореографските проби и се трудиме да бидеме во висока физичка кондиција, секојдневно со музичка придружба ги вежбаме песните кои ќе бидат отпеани и ги кроиме ликовите кои ќе ја донесат скопската приказна наречена „Као какао“ на големата сцена.
Која е твојата најголема желба во однос на мјузиклот „Као какао“?
– Мојата најголема желба е „Као какао“ да има долг живот на сцената, да добиеме успешен автентичен културен продукт со кој ќе имаме можност да се претставиме во најдобро светло пред домашната и странската публика.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 333, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-25.5.2026)


