Разговор со Стефанија Димеска, најмлад пилот по спортска авијација: Предрасудите не влијаат врз моите одлуки

Познавам жени кои се комплетни личности реализирани на сите полиња, кои се понекогаш дури и поголеми мажи од мажите, вели Стефанија Димеска, супердевојка со по една адреналинска активност на секое прсте, и згора на тоа, пилот.   

Во активностите и интересите на 26-годишната Стефанија Димеска се вбројуваат кунг фу, мотори, падобранство, автомобилизам, главно адреналински активности, преку кои постојано се соочува со стравот, возбудата, акцијата.

И тоа не е сè. Стефанија е дипломиран машински инженер за роботика и мехатроника. Активистка на „Црвениот крст“. Ама и тоа не е сè. Стефанија е најмладиот женски пилот по спортска авијација во земјава. Сите овие активности што ги правела во животот од девојченце, ја довеле до тука каде што е денес. На пример, со кунг фу научила како да биде смирена и во стресни ситуации и како да успева да биде сама „свој мајстор“. Со сите останати адреналински активности си додава возбуда и се доизградува, а и откривала нови работи за себе.

Стефанија Димеска / Фото: Кристина Нановиќ

Вели дека секој ден ѝ е предизвик, но и дар, и дека треба да го користиме денот во целост.

– Не знаеме што нѐ чека во иднина, можеме само иницијално да планираме и да се стремиме кон таа цел. Отсекогаш сум била личност со доста обврски во еден ден и сум успевала да имам и социјален и приватен живот, и покрај сите обврски што сум ги завршувала. Не било и никогаш не е едноставно, но со добра стратегија и добар план сè се успева – ни вели Стефанија.

Секогаш постои тоа „докажување“ дека сме достојни за оваа работа на исто рамниште со мажите, понекогаш и дека сме подобри. За тоа не сум пример само јас, туку и многу успешната и влијателна жена, воедно и првата жена пилот на комерцијални летови во досегашната историја на Р. Македонија, а тоа е Катерина Кајсторовска / Фото: Кристина Нановиќ

Пилотската страст ја наследила од татко ѝ, но патот да се стане пилот бил доста макотрпен. Зафршила факултет, почнала со обука за приватна пилотска дозвола (ППЛ (A)), која воедно вклучува летање, но и теорија што се состои од девет испити. Истата лиценца ја зела на спортскиот аеродром „Стенковец“ во „Аероклуб Скопје“.

Во составот на тоа, правела налет на часови, завршила обука за фрлање на падобранци, се вклучила во проектот за фрлање на вакцини против беснило за лисици. По стекнувањето на дозвола, започнал теоретскиот дел (АТПЛ (A)), кој е доста тежок и обемен, на некој начин како втор факултет. Потоа, стекнување на лиценца за Патничка авијација (ЦПЛ (A)). Во состав на тоа има обука за двомоторен авион, обука за ноќно летање, обука за инструментално летање, ИФР (Instrumental Flight Rules) обука, и се разбира, да се налетаат часови.

Зошто во 21 век сè уште се зборува на тема „машки“ и „женски“ професии? / Фото: Кристина Нановиќ

Со лиценцата за пилот во комерцијалната авијација, вели, дека е „до пола“, поточно повеќе од половина има завршено. Но, тешко ли е, како жена, да се стигне до работна позиција?

– Како и во секоја друга професија, ништо не е лесно и едноставно. Како жена во оваа професија мислам дека имам баш предност бидејќи нема многу жени во овој домен. Иако понекогаш постои и се гледа тој скептицизам кај луѓето дека е ова повеќе „машка професија“. Но се надевам, во иднина, би успеала да најдам достојна компанија која би ме научила и вовела во светот на патничката авијација. Очекувам предизвици, очекувам и подеми и падови, но само така растеме, учиме и се надоградуваме себеси – ни одговара.

Жената има глас да каже што сака и право на избор да избере што сака, а не што ѝ е наложено / Фото: Кристина Нановиќ

Предизвикот на Стефанија е да си ја оствари целта.

– Секогаш постои тоа „докажување“ дека сме достојни за оваа работа на исто рамниште со мажите, понекогаш и дека сме подобри. За тоа не сум пример само јас, туку и многу успешната и влијателна жена, воедно и првата жена пилот на комерцијални летови во досегашната историја на Р. Македонија, а тоа е Катерина Кајсторовска. Ѝ се восхитувам и ѝ симнувам капа. Со предрасуди и недоверба се соочувам, да, и свесна сум дека тоа не можам да го избегнам и дека е дел од секое патешествие кон успехот. Но не дозволувам тоа да влијае врз моите одлуки – вели Стефанија.

Се прашува зошто во 21 век сè уште се зборува на тема „машки“ и „женски“ професии, смета дека ваквите стереотипи одамна требало да бидат надминати, но се согласува дека,  за жал, сепак постојат.

Очекувам предизвици, очекувам и подеми и падови, но само така растеме, учиме и се надоградуваме себеси / Фото: Кристина Нановиќ

– Во однос на стереотипите кај нас ме нервира немањето желба на луѓето да се потрудат да погледнат од другата страна и да ја гледаат пошироко сликата. Ниту една жена не е родена да биде само домаќинка, да готви, да чисти, да седи дома, да раѓа деца и да прави ред други работи. Луѓето забораваат дека, пред сè, и жената е ЧОВЕК со мозок и размислување. И жената има глас да каже што сака и право на избор да избере што сака, а не што ѝ е наложено. Не се согласувам со стереотипите кај нас, познавам жени кои се комплетни личности реализирани на сите полиња, понекогаш дури и поголеми мажи од мажите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот