Разговор со Слободан Таневски: Пионерски чекори во создавањето на современ радиоизраз во скопскиот етер

Дел од некогашната екипа на првото независно радио во скопскиот (македонскиот) етер со изложба на артефакти, документи и фотографии во рамките на „Скопско лето“, во Куршумли-ан, одбележа 35 години од стартувањето и 30 години од згаснувањето на Младинското радио „Клуб 100“.

Првото независно радио во македонскиот етер „Клуб 100“, кое работеше во рамките на УСО „Орце Николов“ во Скопје, беше раководено од тогашниот професор Слободан Таневски. Денес тој е главен уредник на списанието за наука и техника „Емитер“, кое постои од 1995 година, и предавач на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, но и по 30 години има свежи сеќавања на работата со Младинското радио „Клуб 100“.

Со какви намери и цел беше поставена изложбата во Куршумли-ан?

– Во годината кога се одбележува 30-годишнина од независноста на Република Македонија, едноставно сама се наметна идејата за поставување на изложба за првото независно радио во македонскиот етер – Младинското радио „Клуб 100“. Имено, Младинското радио постоеше токму во времето кога пред 30-35 години се случуваа големи општествени промени, демократизација, плурализам, осамостојување и нов почеток. Тоа беше времето на зародиш на ново поглавје во македонската историја, а дел од таа понова историја беше и Младинското радио „Клуб 100“, како сведок и учесник, но и како предвесник и иницијатор на одредени процеси, барем во сферата на електронските медиуми.

Дел од екипата на некогашното Младинско радио „Клуб 100“ беше присутна на настанот во Куршумли-ан

Со изложбата сакавме да потсетиме на тие пионерски чекори, на ентузијазмот со кој во тоа време се работеше, на возбудливите настани и многуте мали, но значајни „победи“ на екипата во форма на нов радиски израз, невообичаена емисија или џингл, сопствени касетни изданија, техничко опремување со самоградба на потребните уреди… Исто така, со фактот што Радиото зрачеше само на територијата на град Скопје некако природно дојде оваа изложба да биде во рамките на „Скопско лето 2021“.

На кој начин беше конституирано Младинското радио и што во тоа време значеше да се биде надвор од радиодифузниот систем на тогашната Радиотелевизија Скопје?

– Идејата за Младинското радио дојде како резултат на незадоволството од тогаш единствените две радија во Скопје (Радио Скопје 1 и 2), каде што имаше само неколку емисии со рок-музика и со современ радиски израз (Диско селектор, Радиоурнебес, Соул рели…). Од друга страна, во соседството веќе постоеја радиостаници што имаа динамична современа програма со многу рок-музика. Тука, пред сè, мислам на Радио Белград 202, кое редовно го слушав со помош на голема антена. Така постепено почнав да размислувам и за креирање на такво радио, а коцките се вклопија кога во 1985 се вработив како професор во УСО „Орце Николов“ на првата „насочена“ генерација електротехничари по електроника.

Тогаш за потребите на практичната настава купивме неколку инструменти и нагледни средства (грамофони, магнетофони, касетофони, микрофони…) и некаде во пролетта 1986 предложив да формираме Младинско радио во училиштето со неколку цели: поттикнување и будење на креативноста кај младите, дополнување и надградба на практичната настава, но уште побитно – како обид да се создаде еден нов современ радиоизраз што ќе допре и ќе ги ангажира слушателите на повеќе нивоа, со крајна цел постепена изградба на професионално радио кое ќе биде во чекор со времето и потребите на младите.

Младинското радио „Клуб 100“ беше обид да се создаде еден нов современ радиоизраз кој ќе допре и ќе ги ангажира слушателите на повеќе нивоа

На почетокот сите гледаа со недоверба дека такво нешто е возможно да се направи во училиште. И навистина имавме многу предизвици за решавање, прво од законска страна, па потоа од техничка и програмска страна. Прво подготвивме елаборат за потребите, целите, техничката опременост, организацијата и програмската концепција на Младинското радио. Потоа требаше да се добијат согласности и позитивни мислења од десетина институции и организации за на крај, на основа на сите тие документи, Сојузната управа за радио врски од Белград да ни издаде привремена дозвола за емитување.

Паралелно со овој процес течеа и техничките подготовки во кои со моите ученици изработивме еден мал радиопредавател од само 2 вати и соодветна антена за него, сите уреди ги поврзавме во една целина во мојата училница, која послужи како „студио“, и започнавме со подготовките на радиоемисиите. Младинското експериментално радио „Клуб 100“ го имаше своето прво емитување во периодот од 25 до 29 мај 1987 г.

Мора да кажам дека иако бевме самостоен и независен медиум во целиот период од постоењето имавме голема поддршка од Радиотелевизија Скопје. Тиe ни помогнаа со стручни совети и со донација на професионална антена и два стари предаватели од 10 вати (од кои составив еден исправен) и со нив одеше емитувањето во периодот 1989-91. Во тој период изработивме поголем радиски аудиомиксер, 15-метарска антена, уред за студиска комуникација и сигнализација и мало студио со спикерска кабина и режија.

Практично, колку време и со каква екипа работеше радиото?

– Радиото емитуваше од 1987 до 1991 година. Првите две години беше експериментално, со емитување главно кон крајот на школската година. По добивањето на дозволите и техничкото докомплетирање од 30.11.1989 радиото почна со редовно емитување. Екипата што работеше во радиото беше составена од тогашни ученици, како од УСО „Орце Николов“, така и од другите средни училишта, но и од студенти од повеќе факултети. Тајните на занаетот ги совладуваа низ работа, но и со помош на курсот за радио новинарство и водителство што го водеа Љупчо Димитровски и Драган Б. Костиќ. Секоја година беа вклучени по 30-ина соработници кои понесени од младешкиот ентузијазам, со невообичаена сериозност и професионализам, ги пренесуваа на радио актуелните случувања од сите сфери на животот, и тоа не само на младите.

Радиото ги следеше настаните и случувањата од сите области и сфери, и преку соодветни коментари, осврти, критики, анкети, интервјуа и разговори со соодветни гости го следеше пулсот и ритамот на времето во кое постоеше. Тоа беа времиња кога немаше Интернет и до секоја информација се стигнуваше „рачно“, со „копање“ низ многу книги, лексикони, енциклопедии и списанија. Немаше ниту дигитални плеј-листи, туку музиката се пушташе од плочи (винили), цедиња, касети и магнетофонски ленти.

Меѓу артефактите од работата на „Клуб 100“ се и седум касетни изданија

Особено вредно е и тоа што тогашните ученици и студенти кои го креираа радиото, денес се врвни новинари, медиумски работници, инженери, претприемачи и изградени личности кои со гордост го истакнуваат значењето на тој период и својата работа во Младинското радио „Клуб 100“.

Како се случи првото независно радио прво да згасне?

– Нашата амбиција и план беше Младинското радио да прерасне во професионално радио со 24-часовна програма и со современ радиоизраз. Тоа беше сосема реална и остварлива амбиција со оглед на техничката и организациона подготвеност и квалитетот на реализираната програма. Но училиштето не размислуваше во таа насока (беа задоволни со повремено емитување), па моите предлози за трансформација на Радиото беа отфрлени.

Од друга страна, јас имав информации дека ќе следи демократизација и во радиоетерот и дека се подготвуваат неколку нови приватни радиостаници на кои јасно беше дека нема да можеме да им конкурираме со неколкучасовна волонтерски подготвена програма. Уморен од сите случувања и соочен со неможноста за реализација на креативните планови одлучив да ставиме точка и на 20 јуни 1991 година „Клуб 100“ го имаше своето последно емитување со специјална колажна програма.

Првичниот предлог за изложба со артефакти дојде од Тони Манџуковски – Манџук, кој со Слободан Таневски „копаа“ по архивите на поранешните соработници на радиото

На изложбата беа претставени 20-ина табли со артефакти што останале од работата на МР „Клуб 100“. Каде ги пронајдовте артефактите 30 години отпосле?

– Првичниот предлог за ваква изложба со артефакти дојде од колегата Тони Манџуковски – Манџук. Преку фејсбук-групата на Младинското радио упативме повик до некогашните членови на радиото секој да „прокопа“ низ личните архиви и така дојдовме до соодветен број документи, планови за работа, фотографии, текстови и снимки. Бевме и во гим. „Орце Николов“, но не успеавме да го најдеме предавателот на „Клуб 100“, ама затоа ја најдовме оригиналната врата од студиото („Вратата која ја подотвори иднината“). Ако на тоа се додадат и седумте касети од издавачкото портфолио на МР „Клуб 100“: компилациските касети „Демоскоп (1 и 2)“, радиодрамите „Полициска приказна (1 и 2)“ на театарската група „Црв“, како и албумите „Чемер“ и „Македонски корени“ на „Ѕвон“, „Заедно сме лице“ на „Девијант“ и „Ритуал и пепел“ на групата „Клержо“, веќе се наѕираа контурите на изложбата.

На изложбата имавме и мал концерт на Деан Шкартов и Венцислав Смаќоски од групата „Клержо“ и Влатко Каевски од групата „Киборг“, кои ја потсетија публиката на својата музика, која беше дел од програмата и касетните изданија на Младинското радио.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 91, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 јули – 2 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот