Разговор со режисерот Гоце Цветановски: Филмската машинерија е како лавина

Првиот долгометражен филм „Денот на жената“ на режисерот и сценарист Гоце Цветановски ќе влезе во постпродукциската фаза, а со него разговаравме за процесот на снимање на новото филмско остварување во услови на пандемија на коронавирусот.

Режисерот Гоце Цветановски тајните на филмскиот занает ги изучуваше во Париз. Досега има режирано 20-ина кратки, документарни и анимирани филмови кои се прикажани на повеќе од стотина фестивали. Кон крајот на минатата година го сними својот прв долгометражен игран филм „Денот на жената“, кој е најавен како социјално-ангажиран крими-трилер.

Првиот долгометражен игран филм „Денот на жената“ се случи да го снимате во време на пандемија. Како протече снимањето и до каде е работата, имајќи предвид дека веќе објавивте тизер за филмот?

– Снимавме во октомври минатата година, токму кога бројките на заразени почнаа вртоглаво да се зголемуваат. Но филмската машинерија е како лавина – кога еднаш ќе се почне, многу е тешко, речиси невозможно, да се запре. За среќа, немавме ниту еден заразен за време на снимањето, и со редовни ПЦР-тестови и ригорозна примена на ковид-протоколите и сигурносните мерки, успеавме да обезбедиме пријатна работна атмосфера. Уживав во процесот на снимање од секој можен аспект, а со целата екипа се оствари една симбиоза, која е тешко да се опише со зборови. Многу емоции беа преточени, филтрирани, комбинирани и дестилирани за да се добие конечниот резултат на филмското платно. Монтажата на филмот е готова, а со постпродукција ќе се почне наскоро. Познавајќи се себеси како манијак за детали, најверојатно филмот ќе го работам до еден час пред премиерата.

Познавајќи се себеси како манијак за детали, најверојатно филмот ќе го работам до еден час пред премиерата / Фотографија: Маја Аргакијева

Подготовката на сценариото на филмот, исто така, има своја приказна. Практично, од кога ја имате идејата и што беше одлучувачкиот фактор за избор на сценариото за „Денот на жената“?

– Првата верзија на сценариото беше напишана, односно завршена, во 2004 година, како моја дипломска работа. Филм студирав во Париз, Франција, и приказната тогаш беше многу различна, адаптирана за тамошни услови. Кога се вратив во Македонија во 2015, во кутиите со тетратки и тефтери, налетав и на сценариото кое, искрено, го имав заборавено. Си реков да го прочитам и да се насмеам на моја сметка, бидејќи 10 години за автор се мошне долго време. Си најдов многу аматерски грешки во тоа сценарио, но основната приказна сѐ уште ми беше интересна. Така негде во потсвеста ми остана дека има тука нешто што треба да се заврши, и неколку години подоцна, мислам дека беше летото 2018, седнав и напишав нова верзија. Оттаму се направија уште 28 нови верзии, и ете сега конечната верзија на сценариото се пишува за време на монтажата, за која Кјубрик има речено дека е единственото изразно средство кое е филмско.

Според сценариото, во главната улога е истражувачка новинарка, која расплетува мрежа на трговија со луѓе и присилна проституција. Со каква намера снимивте општествено-ангажиран филм?

– За да одговорам на ова, морам прво да се навратам на еден друг проект. Уште на самите почетоци на анимираната серија „Сказните на Биби“, по брзо време увидовме колку импакт има во нашето општество, поточно кај децата, за кои сите се надеваме дека ќе бидат подобри од претходните генерации, односно од нас. Многу родители, а богами и баби и дедовци се фалеа дека децата научиле да читаат со Биби, или, пак, дознале некоја друга корисна работа за нивниот развој токму преку Биби и нејзините пријатели. Оваа ситуација ми отвори нови хоризонти во однос на моето творештво и желба да придонесам во општеството, колку и да е тој придонес минимален. Трошка по трошка – погача, рекле старите. Се разбира, секој автор со секое дело има нешто што сака да го каже, но таа порака е најчесто изразена преку метафори и други суптилни форми. Не знам дали и во наредните филмови ќе биде така, но за „Денот на жената“ самата тема е провокативна и нема скриени метафори. Едноставно сакав да обработам тема која е присутна, но за неа не се зборува, бидејќи како и другите валкани бизниси, се вртат опасно високи суми. Сигурен сум дека филмот ќе биде контроверзен кога ќе излезе, но според мене, тоа и е целта на уметноста, никогаш да не се покори на никој и ништо, да поставува прашања и да поврзува неочекувани точки во нашите мозочни клетки.

Филмски сет на снимањето на „Денот на жената“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Обично филмските режисери сакаат сето свое знаење да го стават веќе во првиот долгометражен филм. Досега имате направено повеќе кратки, документарни и анимирани филмови. Какво чувство имавте при снимањето на овој филм?

– Пред да почнеме со снимање, поради претходното долгогодишно искуство наивно мислев дека знам повеќе за снимање филмови отколку што реално знаев. Но, уште од првиот ден се судрив со суровата продукциска реалност дека времето е пари. Имаш толку часови во денот за да го снимиш тоа што е според планот, секое доцнење или промена се одразува негативно врз буџетот. Кога си во независна продукција, најчесто целата екипа и опрема доаѓаат за многу мали хонорари или бесплатно, и некако немањето буџет дава повеќе слобода за работа. Сепак, мислам дека одлично се снајдов, секако од огромна помош беше професионалноста, посветеноста и ентузијазмот на целата екипа. Во однос на работните услови, без разлика на пандемијата, убаво би било да се донесат некои измени и дополнување на Законот за филмска дејност за да се олесни и би рекол да се „хуманизира“ процесот на снимање, но тоа е веќе друга тема.

Уживав во процесот на снимање од секој можен аспект, а со целата екипа се оствари една симбиоза, која е тешко да се опише со зборови / Фотографија: Маја Аргакијева

Пандемијата на коронавирусот ќе биде присутна и оваа година, но правите ли некакви планови за премиера на филмот?

– Јас сум човек од акција и уште од ноември минатата година ја почнавме промоцијата на филмот. Бев учесник на „Вентана Сур“ во Буенос Аирес, најголемиот филмски пазар во Латинска Америка. Остварив контакти со неколку компании кои се занимаваат со дистрибуција на европски филмови. Се разбира, филмот треба да биде готов или при крај, за да можат дистрибутерите да го проценат уметничкиот и комерцијален потенцијал, но добив идеја како тој свет функционира. Наученото ќе го применам на двата наредни филмски пазари – првиот се случува во Ротердам на почетокот на февруари, во рамките на меѓународниот филмски фестивал, а потоа и на Берлинале во март, на Европскиот филмски пазар. Се надевам дека светската премиера ќе се случи на некој од фестивалите со А-категорија. Од една страна ми се брза да го завршам филмот, бидејќи сакам да го видам готов, а од друга страна, сакам и јас да патувам на премиери, така што најверојатно светската премиера ќе биде најрано наесен.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 65, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-24 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот