Разговор со композиторката Ана Пандевска: Потребата за создавање е посилна од мене

Композиторката Ана Пандевска со голема возбуда ја прими веста дека нејзиното дело Електроакустична симфониска поема „Скопје“ ќе ја доживее премиерната изведба на концертот „Музиката и градот“ на Филхармонија на 18 март.

Вистински празник за македонските композитори е денот кога премиерно ќе биде изведено нивно ново дело. Возбудата е уште поголема ако станува за симфониско дело, во чија изведба учествува цел филхармониски оркестар, бидејќи таквите концерти се исклучително ретки за домашните композитори. Таква возбуда овие денови чувствува композиторката Ана Пандевска, чие дело е ставено на редовната концертна програма на Филхармонија.

Делото Електроакустична симфониска поема „Скопје“ ќе биде изведено на концертот на Филхармонија на 18 март. Што значи тоа за Вас?

– Морам да признаам дека ми е особена чест што директорката на Филхармонија, Тина Иванова, како и вработените што работат во селекција на програмата, веднаш го поставија делото на програма. Од една страна, чувствувам радост и исполнетост, а од друга страна, голема одговорност и блага трема. Оној што не застанал пред симфониски оркестар и диригент во процесот на подготовка на едно дело, не знае и не може да замисли каква одговорност и возбуда е тоа. Особено што сега сум на програма заедно со виенските мајстори Г. Малер и Ф. Шрекер и реномираниот диригент Тимоти Редмонд. Од композиторот се очекува голема професионалност и спремност. Оркестарот е сериозен апарат на чело со диригентот, кој очекува професионално сработена партитура и штимови, и тука нема простор за никакви „врски“, затоа што енергијата на секој во оркестарот се чувствува и придонесува за успешна изведба и пријатна работна атмосфера во текот на пробите. Особена возбуда е што за прв пат ќе имаме и технички предизвик поради електронската лента, каде ќе треба тон-мајсторот и диригентот да посветат особено внимание за баланс на динамичкиот обем помеѓу оркестарот и лентата. Мене ме радува што нашата Филхармонија се отвора кон ново создадената музика и сигурна сум дека тоа ќе премине во пракса, сѐ почесто македонските композитори, особено помладите генерации, да бидат редовно застапени на програмата на институциите и да добијат шанса да го промовираат она што го работат.

Кога е создадено делото и со каков мотив? Зошто делото е со наслов „Скопје“?

– Идејата за симфониска поема што ја обработува темата Скопје, ми се наметна поради постојаниот недостиг на дела за градот Скопје. Освен „Рапсодија за Скопје“ на маестро Александар Џамбазов и неколку песни од поп-сцената, музика за пообемни ансамбли, посебно од областа на сериозната музика, речиси, и да нема. Па решив на Годишниот конкурс за финансирање проекти од областа на културата при Министерство за култура на РСМ да конкурирам токму на оваа тема и за мое големо изненадување комисијата го препозна тоа и композицијата Електроакустична симфониска поема „Скопје“ влезе во годишната програма за 2020 година. Почнав со компонирање на делото уште пред да се објават резултатите, бидејќи и да не поминеше, бев решена да ја реализирам идејата која ја имав. Инспирацијата за делото е градот Скопје, градот во кој сум родена, живеам и работам. Тука живеат луѓето што ги сакам и ме врзуваат силни емоции за Скопје, па се обидувам покрај емоциите да ги потенцирам и најзначајните скопски знаменитости преку наративните семплови на електронската лента. Покрај наративот, ги користам и амбиенталните звуци на градот, но и религиозните литургии на православието како црковната песна, а исто така, и елементите од интонирањето на исламската молитва. На овој начин се обидувам да ја отсликам мултикултурата и соживотот како основа на Скопје. Од друга страна, пак, во оркестарската партитура провејуваат варирани мотиви од изворни македонски песни со крајно едноставен минималистички призвук, меки и едноставни хармонски решенија и стандардно оркестраторско-класичарски пристап. Создавам една кохезија на традиционално со модерно, онака како што и го доживувам Скопје, со остатоци на старото Дебар Маало и новоникнати згради прикажани низ градскиот метеж, наспроти допирот со природата во Градскиот парк, каде што сум и самата израсната, каде што научив да возам точак и каде крадев снег од санката додека дедо ми ме влечеше на „калимеро“. За Скопје може многу да се зборува, ама еве сега и да се слуша.

Мене ме интересира фузија на стилови, жанрови, мешање медиуми и техники на компонирање

Карактеристика на Вашето творештво е електроакустичниот израз. Од каде се појави идејата за спој на класичниот инструментариум со звуци снимени на лента?

– По дипломирањето на одделот по композиција на ФМУ во Скопје во 2010 година имав една креативна криза, која траеше цели три години. Во текот на тие три години имав започнато повеќе од 10 композиции и ниту една завршена. Сѐ што ќе искомпонирав, бришев, не ми се допаѓаше тоа што го создавав. Ми се наметнуваа премногу академски правила и влијанија во кои, искрено, не се гледав себеси. И во тој момент решив дека ќе пишувам исклучиво музика каква што сакам да слушам. Така, истражувајќи се себеси, сфатив дека мене ме интересира фузија на стилови, жанрови, мешање медиуми и техники на компонирање. Јас не се пронаоѓам себеси само во електронска музика, или само во минимализмот, или само во амбиенталната музика. Оној кој следи што работам во последните 5-6 години ќе забележи влијанија од џез, македонски фолклор, амбиент, па сѐ до минимализам, полистилизам. Така природно почнав да истражувам и со електроакустиката и сѐ уште ме фасцинираат можностите што ги нуди спојот на современите технологии и класичарските стандарди и пристапи во музиката, и тоа не е нешто ново, постои уште од почетоците на 50-тите години, но кај нас нема традиција во создавањето на оваа музика. На Факултетот за музичка уметност, сѐ уште, не се изучува.

Како мотив за компонирање често користите случувања од општествената сцена. Зошто?

– Секој уметник треба да е огледало на општествените случувања. Тоа е дел од нашето секојдневие и нормално е да се најде и како инспирација за создавање на нова уметност. Во изминатите години бев преокупирана со општествено-политичките случувања и создавав дела што го отсликуваа она што во тој момент беше актуелно. Сега веќе се чувствувам презаситено и уморно од сето тоа, се обидувам инспирација да барам на некои поубави места.

Позната е Вашата соработка со пијанистката Дуња Иванова и со ансамблот „Контемпора“. Надвор од нашата земја Ваша композиција има изведено Хајди Елзесер. Колку е важна соработката на композиторот со изведувачите?

– Ме радува што изведувачите препознаваат нешто во музиката што ја создавам, нешто што ги привлекува. Колку повеќе компонирам и работам, толку повеќе изведувачите ми бараат нови дела. Не секогаш е платено тоа што го работам, но мене тоа не ми е важно, јас не можам без музика, мене компонирањето ми е, од една страна, излез од реалноста и суровоста на живеењето, а од друга страна, соочување со личните и општествени проблеми. Чудно е каде сѐ имагинацијата, креативноста и процесот на создавање уметност може да нè однесе. Потребата за создавање е посилна од мене и драго ми е што имам одлично разбирање и соработка со изведувачите, но и педагозите кои спремаат моја музика со своите студенти. Оваа година веќе имам однапред најавени изведби и целовечерни авторски концерти, како кај нас (Валандово, Скопје), така и надвор во Германија, Америка, а чекам и резултати од неколку меѓународни конкурси и фестивали.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 72, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот