Разговор со филмскиот режисер Ѓорче Ставрески: Кога бев дете, светот на возрасните ми изгледаше сериозен и битен

Фотографија: Приватна архива

По успешниот фестивалски живот со многу награди за долгометражниот игран филм „Исцелител“, режисерот Ѓорче Ставрески годинава се претстави со краткиот филм „Дали си маж“, кој беше прикажан на штотуку завршениот 22. „Синедејс“.

Проекцијата на филмот „Дали си маж“ не беше единствената причина, речиси, секоја вечер со Ѓорче Ставрески да се сретнуваме на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Тој е филмски автор што длабоко ги осмислува темите за своите филмови, но внимателно следи и што се случува на филмската сцена во глобални рамки. Својот најнов филм премиерно го прикажа во март, додека со проекцијата на „Синедејс“ можеше да го погледа и фестивалската публика.

Филмот е приказна за едно нежно, бистро момче, кое расте со самохрана мајка и кое обидувајќи се да одговори на предизвикот од својот сосед, ја добива својата прва лекција на животна иронија. Во продукција на „Минимал колектив“ сценариото и режијата ги потпишува Ѓорче Ставрески, директор на фотографија е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценограф Симо Бранов, костимограф Жаклина Крстевска, шминка Жанета Димитриевска, дизајнер на звук Бојан Паликуќа. Продуцент на филмот е Ивана Шекуткоска.

Улогите ги толкуваат Сашко Коцев, Душица Настова, Драгана Костадиновска, Александар Микиќ, Анастасија Ласовска, Лила Милиќ, Мими Таневска Србиновска и младиот и талентиран Данило Ивановски во улогата на Марко. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и Филмскиот центар на Србија, а копродуцент е Андријана Софраниќ Шуќур од „Сет сеил филмс“.

На „Синедејс“ имаше проекција на краткометражниот игран филм „Дали си маж“, чија премиера се случи во март годинава. Што за кратките филмски форми претставува фестивалскиот живот, бидејќи реално и немаат друг простор за презентација?

– Порано можеби тоа беше вистина, меѓутоа денес, со пробивноста на „VOD“ (Video On Demand) платформите, кратките филмови сѐ повеќе имаат свој дом надвор од фестивалскиот живот. Тоа не ја одзема важноста на фестивалите. Престижот, контактите што се остваруваат, поставувањето на филмот на еден културен пиедестал, се само дел од аурата на фестивалската промоција, која тешко може да се замени со онлајн платформите. Од друга страна, фестивалите живеат во еден ригиден кураторски меур во кој селекторите се однесуваат слично како светските диџеи, сакајќи да кажат дека тие се, всушност, „ѕвездите“ на филмот, далеку побитни од филмските уметници, бидејќи со нивниот беспрекорен вкус го поплочуваат патот кон нови димензии на филмот. Токму поради тоа, онлајн платформите нудат освежување, бидејќи тука може да се искусат двата света подеднакво: и комерцијалниот филм и езотеричните уметнички филмови.

Иронијата е носечко чувство во сценариото за краткиот филм „Дали си маж“. Зошто се одлучи насловот да е без прашалник, или извичник?

– Има многу причини. Прво, сакавме насловот да потсетува на индиректна прашална форма. Да изгледа како да го набљудуваме од висок ракурс со доза на објективност. Во филмот тоа прашање има различен контекст. Зајадливо е поставено кон едно дете, меѓутоа со чиста намера на постариот маж, кој сака да го провоцира. Со други зборови, реторичко е, не бара одговор, туку е чиста стапица. За еден од ликовите тоа прашање воопшто не е прашање и само изнудува една иронична насмевка за нејзиниот јасен однос кон својата родова припадност. Дополнително, сакавме да ја одземеме силата на таа токсична реченица. На крај сакавме да отвориме поширока дискусија за комплицирана тема.

Главната улога во филмот „Дали си маж“ ја игра младиот Данило Ивановски

Повеќе теми видени низ очите на главниот лик, малиот Марко, се појавуваат во филмот, како социјално опкружување, тргување со психотропни супстанции, трансродови лица. Според тебе, дали тоа е светот што им го оставаме на младите генерации?

– Искрено, не знам каков свет им оставаме на младите. Филмот го гледав низ очите на малото дете: од една објективна позиција, набљудувачка, будистичка, без лоша намера, без судење. Единствената „теза“ што сакав да ја пренесам е следната: кога бев дете, светот на возрасните ми изгледаше сериозен и битен, имав впечаток дека постарите знаат сѐ и дека нашиот свет е во добри раце. Како што стареам, сфаќам колку иронична и наивна детска заблуда е тоа. На пример, ако твојот инстинкт како дете ти кажува дека некој, и покрај навидум добрата намера, всушност, те манипулира, често тоа е вистината.

Твојот најуспешен филм „Исцелител“ имаше неколкугодишен фестивалски живот. Дали таа приказна веќе заврши и какви се плановите со „Дали си маж“?

– Да, може да се каже дека „Исцелител“ го заврши својот фестивалски живот. Со „Дали си маж“ сме на почетокот на фестивалската промоција. Се надевам дека брзо ќе имаме убави вести.

Ако твојот инстинкт како дете ти кажува дека некој, и покрај навидум добрата намера, всушност, те манипулира, често тоа е вистината

Речиси секоја вечер беше присутен на „Синедејс“. Што од филмовите што ги гледаше „ти фати око“?

– Па не можам многу да кажам. Ме разочараа повеќето. Очекував подобар филм од Вендерс, на пример. Имаше одличен актер, добра почетна слика на еден интелектуалец, кој поради некоја причина одлучил да чисти јавни тоалети во Токио, меѓутоа филмот стана досаден, анемичен и бесмислен. Се прашував зошто денес – еден цел век од експериментите на францускиот авангарден филм и повеќе од половина век од францускиот нов бран – бегањето по секоја цена од приказна и драма и инсистирањето на интегралната нарација претставува поголема „уметност“ од класичната драматургија. Дополнително, се прашував дали овој анемичен филм е, можеби, резултат на долги години галопирање на политичката коректност како систем на вредности во уметноста и културата, воопшто. „Да внимаваме некого да не навредиме со нашата уметност!“ Да, веројатно не сум гледал пополитички коректен филм во животов и факт е дека никој не беше навреден во овој филм. Меѓутоа, од друга страна ништо суштински не ми пренесе. Ме остави ладен. Да бидам искрен, имав многу тежок период последниве месеци и голема е веројатноста дека сум уморен од сопствените проблеми, па немам нерви да „копам“ барајќи скриени значења што мене вака „на прва“ не ми беа видливи.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 188, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот