Разговор со Билјана Камчева: Својот најчист личен белег го оставам преку музиката со мојата флејта и мојот глас

Младата флејтистка и оперска пејачка Билјана Камчева оствари извонреден професионален успех во текот на 2020 година, иако на глобален план тоа беше година во која ковид-кризата ги преполови можностите за поинтензивен личен развој. Билјана Камчева е навистина интересна појава на музичката сцена кај нас. Таа е концентрирана и внимателна како изведувач, а трпелива и благородна како личност. Дипломирала (2015) и магистрирала (2017) на ФМУ во Скопје во класата по флејта на проф. Страшо Темков, како една од најистакнатите студенти во својата генерација. Паралелно со студиите по флејта, студирала и на одделот за соло пеење во класата на проф. Марија Наумовска, каде дипломира во 2016 година. Минатата година, покрај сите препреки што ги постави ковид-кризата, Камчева успеа да постигне извонреден личен успех на професионален план.

Минатата 2020 година беше успешна за развојот на Вашата кариера, а круната дојде пред самиот крај со Прва награда на Меѓународен музички конкурс во Москва, Русија. За каков вид награда станува збор?

– Искрено, сега од овој агол, кога ќе се присетам што сѐ ми донесе 2020 година на професионален план, слободно можам да кажам дека истата беше вулкан кој на површина ги изнесе моите музички радости за кои копнеев со години. Наградата што ја добив беше совршен завршеток и зрак надеж за подобро утре, на крајот од годината што на сите ни ги донесе најголемите животни лекции. Добитник сум на Прва награда на мeѓународниот натпревар организиран од ООО „Творческий центр Владимира Кудри“ од Москва, Русија. Особено се радувам на овој успех, затоа што признание за мојата работа добив од големи музичари, кои се народни и заслужни уметници на Русија, истакнати музичари и педагози од Академијата Гнесин од Москва.

Покрај рестрикциите на културни настани поради пандемијата на ковид-19, сепак минатата година имавте неколку забележителни настапи и во Македонија. Каде ја црпите мотивацијата за настап во живо пред публика?

– Секогаш и секогаш од чистата љубов кон музиката и со најголема благодарност кон Бога за дарот што го дал. Годината која измина за мене започна совршено, со настап во Кремељскиот дворец во Москва, на најголемата сцена во Русија ја претставував Македонија на Меѓународниот ден на руската романса, потоа се случи и учеството на семинар по соло пеење во Бугарија и настап со оркестарот „Симфониета Враца“ во Софија под диригентската палка на маестра Николета Конти од Италија, а потоа буквално по една недела од моето враќање во Македонија се стопира сѐ. Бев поканета да бидам дел од поставката на барокната опера „Дидо и Енеј“ во Софија, како и дел од мастерклас во Болоња, но тие планови, за жал, пропаднаа во вода со корона-кризата која го надвладеа светот. Искрено, бев понесена од еуфоријата на успехот, од советите и ветрот в грб, кои ги добив од големите Петер Данаилов, Генко Гешев од Бугарија и маестра Конти, која предава на еден од најстарите универзитети за музика во Болоња, Италија.

Контактот со публиката, аплаузот и силата што ја дава музиката се најубавиот дар за секој музичар

Но, 2020 година ми зададе и неочекувани удари и голема болка со загубата на драги лица, а во тие моменти најдобар лек и утеха беше музиката. Во целиот тој карантински период, учењето на новите програми и пробите поминаа со бура од измешани емоции. Со најголема одговорност беа прифатени шест термини за исто толку концерти во рок од две недели и истите беа реализирани. Не постојат зборови со кои можам да ги опишам моите чувства кога по неколку месеци повторно застанав на сцена. Контактот со публиката, аплаузот и силата која ја дава музиката се најубавиот дар за секој музичар.

Настапувате како флејтистка, како сопран, но и комбинирано во рамките на еден концерт. Што прво беше Вашиот музички интерес – флејтата или пеењето?

– Флејтата е мојата прва љубов, но го слушав своето срце кое ме донесе до одлуката која ми го промени животот, да почнам да го негувам својот глас и со него да создавам уметност. Својот најчист личен белег го оставам преку музиката со мојата флејта и мојот глас. Сите имаме своја мисија, а јас се чувствувам привилегирана што можам да го чекорам својот уникатен пат, како флејтистка и оперска пејачка.

Пијанистката Ана Гацева со Билјана Камчева Фотографија: Горан Банџо / Фондација Зографски

Кога почна и како се одвива соработката со пијанистката Ана Гацева?

– Нашата соработка започна во 2019 г. со нашиот прв концерт, кој се одржа на меѓународен фестивал во Рим, Италија, а беше и снимен од јапонска телевизија како дел од програмата со која се презентира културниот живот во Италија. Најчистите пораки на музиката се пренесуваат преку искрена соработка помеѓу музичарите, нашите енергии и сличен темперамент им даваат душа на нашите заеднички изведби и тоа публиката особено го препознава. На наша заемна радост, во 2020 година реализиравме четири концерти од кои, два на нашите реномирани фестивали „Денови на македонска музика“ и „Златна лира“, како и концерти во Штип и во Демир Капија.

На 43. Денови на македонска музика имавте солистички настап, а учествувавте и на вечерта посветена на композиторот Томе Манчев. Каков предизвик за Вас се изведбите на дела од македонски композитори?

– Бев навистина почестена да бидам дел од 43. издание на ДММ и во оваа пригода сакам да упатам благодарност до селекторките на фестивалот, Дарија Андовска и Симона Симуноска за довербата. На концертот „Професори-Студенти“, заедно со проф. Гацева изведовме дела од десет македонски композитори и воедно ја презентиравме македонската композиторска школа. Концертот посветен на професорот Манчев беше особено тажен и одговорен за мене. По долги години повторно прозвучи композицијата „ДД… за соло флејта“ (2002) и ја подготвував со негова помош, но на голема жалост нејзината изведба проф. Манчев (1950-2020) не ја дочека. Делата од македонските композитори будат особени емоции, со секој тон се чувствува македонскиот непокор, душата на Македонецот преку музичкиот израз на композиторот, во нив се скриени и проткаени целата радост, но и сите горчливо излеани солзи. Преку музиката на нашите композитори се создаваат споменари за идните генерации, а изведувачите стојат пред особен и одговорен предизвик, достоинствено да ги пренесуваат на поколенијата како големо и свето национално богатство.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 64, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот