Разговор со актерот Ивица Димитријевиќ: Повеќе генерации се чувствуваат изгубено, не само нашата

Актерот и режисер на инди-филмот „ТМ“, што беше прикажан на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, Ивица Димитријевиќ, открива како функционира „герила филммејкинг“.

Актерот Ивица Димитријевиќ, во реализацијата на македонскиот независен филм „ТМ“ се појавува и како режисер, сценарист и продуцент. Во креативната борба заедно со него влегува и монтажерот Мартин Иванов, кој се потпишува и како продуцент на филмско остварување направено „без пари“. Филмот беше прикажан на 19. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“, на платното поставено во паркот Ибни Пајко. Во текот на летото филмот имаше проекција и на „Бич филм фестивал“ во Охрид.

Скопската публика на „Синедејс“ го виде филмското инди-остварување „ТМ“. Зошто се одлучивте со монтажерот Мартин Иванов да направите филм „без пари“, апликациите за барање финансии се прекомплицирани или станува збор за творечки импулс?

– Пред сѐ, би сакал да позборувам за оваа квалификација „без пари“, која доста лесно се пласира во јавноста во позитивна или негативна конотација. Без пари не значи и буквално без пари, бидејќи секој ангажман на секој што работел на филмот има некоја цена и благодарение на тоа што секој поединец ја препознал идејата која сме му ја претставиле, се одлучил да работи на филмот под околности што не подразбираат некаква заработка веднаш. Кога ќе го имаме ова на ум, тогаш може да зборуваме за правење филм без пари.

Пресудно за тоа што овој филм го работевме во духот на „герила филммејкинг“ беше творечкиот импулс и огромната потреба да се канализира наталожениот гнев од нашето секојдневие. Се надевам дека, сѐ уште, не е забрането да се твори на ваков начин. Инаку, со овој филм имаме аплицирано и во Агенцијата за филм на конкурс за постпродукција, така што не станува збор за некакво заобиколување на основната практика кај нас.

Во филмот играат десетина професионални актерски имиња. Како актерите и екипата ја прифатија соработката на филмот?

– Екипата, а тука мислам на сите, од актерите до луѓето што ни помогнаа со најразлични работи околу филмот, беа движечката сила сето ова да изгледа како што можеше да го види публиката на „Синедејс“, а претходно и на „Бич филм фестивал“. Соработката беше прекрасна и со радост, а тоа мислам дека се должи на обостраната доверба што ја имаме со сите соработници.

Дејството на главниот лик во филмот почнува на антивладини протести и завршува „изгубен некаде во времето“. Колку време траеше целиот процес од прв кадар до премиера на филмот?

– Првите кадри беа направени во летото 2016 година, но поради некои проблеми, што не се врзани со филмот и неговата изработка, бевме приморани да прекинеме со снимањето. Продолживме на крајот на летото 2017, во меѓувреме го снимивме и нашиот претходен филм „Копање“, па така нашиот прв филм излезе да биде втор, а вториот прв. По завршувањето на снимањето на „ТМ“ во 2017 година се фокусиравме на „Копање“, кој ни беше во процес на монтажа, за подоцна да се вратиме на „ТМ“ и да го довршиме.

Губењето на ликот во времето е главната порака на филмот. Колку вашата генерација се чувствува „изгубено“ во сегашново општество?

– Мислам дека повеќе генерации се чувствуваат изгубено, не само нашата. А како нема да се чувствуваат така кога живееме во време и место на тотална хипокризија, двојни стандарди, системски неправилности што се претставуваат како стандарди со високи вредности, тотално искривена реалност… Едноставно да се праша човек дали реалноста е вистинска или сме во некој матрикс што е наштелуван така што сѐ што сме знаеле дека е право ни го претстави како криво и обратно.

Но, од друга страна, доколку се трудиме да останеме свесни и будни за сѐ што се случува, сето ова може да биде одлично творечко гориво, секако, доколку останеме здрави и живи од последиците на гореспоменатава состојба.

Коронавирусот дополнително ги усложни работите. Филмот беше прикажан на големо платно, но каков е вашиот став за онлајн филм и театар?

– Онлајн прикажување филмови и цели филмски фестивали веќе подолго време се актуелни, а со мрежите, како „Нетфликс“, „Амазон прајм видео“, „Ха-бе-о макс“, „Дизни плус“, „Хулу“ и ред други, веќе го и преземаат приматот, не само за прикажување, туку и за производство на филмови. Нашиот прв филм „Копање“ повеќе од пола година го има на „Амазон прајм видео“ и на други платформи. Секако дека онлајн гледање филм и гледање во кино е доста различен ритуал. Но, тоа за филмот како медиум не претставува некаков проблем во однос на претставувањето на делото. Секако дека има врска со заработувачката, но тоа е пресудно само онаму каде што правењето филмови е индустрија и бизнис. Ние имавме супер старт со „ТМ“, со оглед на коронавирусот и сите консеквенции што ги предизвика, прикажан е на два домашни фестивали и се надевам дека ќе имаме шанса и понатаму да го прикажуваме и на големо платно.

Театарот, пак, е медиум што бара жив и непосреден контакт. Но, во вакви ситуации секогаш треба да се најдат нови можности како да се твори, па во таа насока користењето на онлајн претставувањето може да биде од корист, но не и целосно да го замени живото физичко присуство на сцена и со публика. Секако дека сме исправени пред сериозен предизвик, пред сѐ, за самата наша егзистенција, а и со егзистенцијата на театарот во оваа форма во која го знаеме сега.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 50, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот