Расте бројот на заразени со ХИВ/СИДА – за 8 месеци годинава 34 новозаразени, 25 други „закачиле“ сифилис

Годинава заклучно со месец август, пријавени се вкупно 34 нови случаи на зараза со ХИВ/СИДА. Од почетокот на годината досега најмногу случаи се регистрирани минатиот месец, односно 8, покажува најновиот извештај објавен од Институтот за јавно здравје, а изработен од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања. Најголем дел од заразените се мажи, а само 4 се жени. Меѓу заразените со ХИВ/СИДА двајца се на 20-годишна возраст. Највозрасниот заразен има 59 години. Најмногу заразени има во Скопје.
Од 8-те пријавени случаи во август, 3 лица се странски државјани со привремен престој во Македонија. Од пријавените лица, 6 се од машки, а 2 од женски пол. Четири лица се од Скопје (вклучително и странските државјани), две лица од Охрид и по едно лице од Гостивар и Струга и се на возраст од 21-55 години. Шест од регистрираните лица се хетеросексуалци, додека две заболени лица се припадници на МСМ популацијата (мажи кои имаат секс со мажи н.з.).
Претходно во јули пријавени се 6 случаи на ХИВ/СИДА, сите од машки пол. Три лица се од Скопје и по едно лице од Кочани, Тетово и Прилеп. Лицата се на возраст од 28-51 години. Сите заболени лица се од МСМ популацијата, додека во јуни се пријавени 4 случаи на ХИВ/СИДА исто така од машки пол, двајца од Скопје и по едно лице од Делчево и Демир Хисар. Заразените лица се на возраст од 25-34 години. Две лица се МСМ, а две лица се хетеросексуалци.
Во текот на месец мај, пријавени се 5 случаи на ХИВ/СИДА, четворица мажи и една жена. Две лица се од Гостивар и по едно лице од Штип, Охрид и Велес. Лицата се на возраст од 25-44 години. Две лица се МСМ, две лица се хетеросексуалци, а едно лице е бисексуалец.
Помалку заразени од ХИВ/СИДА има во текот на месеците април, март и јануари кога се пријавени по 3 нови случаи, а најмалку има во февруари – 2 случаи, од машки пол, хетеросексуалци од Скопје и од Берово на возраст од 25 -59 години.
Поконкретно во април се пријавени три машки лица на возраст од 20-29 години, двајца од Струмица и еден од Штип, при што е едно лице е МСМ, а две лица се бисексуалци.
Во текот на месец март, пријавени се 3 случаи на ХИВ/СИДА. Од пријавените лица 2 се со ХИВ, а 1 е со СИДА. Пријавените лица се од машки пол и се 2 од Скопје и 1 од Битола. Лицата се на возраст од 20-36 години. Едно лице е хетеросексуалец, а две лица се МСМ.
Во текот на месец јануари, пријавени се 3 случаи на ХИВ/СИДА, двајца од машки, а едно од женски пол. Според местото на живеење, регистрирано е по едно лице од Кавадарци, Струмица и Велес. Лицата се на возраст од 30-34 години. Две лица се хетеросексуалци, а 1 лице припаѓа на МСМ групата.
Во периодот од месец јануари до август не се регистрирани смртни случаи од ХИВ/СИДА.
Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи (заклучно со 31.08.2023), кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Р. Северна Македонија, за периодот 1987–2023, изнесува 620, од кои 123 лица починале, а 497 лица живеат со ХИВ/СИДА, на наведува во последниот извештај на ИЈЗ.
Други сексуално и крвно преносливи инфекции
Во истиот период, од почетокот на годинава, од групата на сексуално и крвно преносливи инфекции доминира зараза со вирусен хепатитис Б, хепатитис Ц и хламидија. Забележани се и случаи на гонореја и сифилис.
Така во август од оваа група на заболувања регистрирани се 17 заболени лица, во јули меѓу 11-те новозаболени, три случаи се на сифилис, во јуни од 9 лица, едно е заразено од сифилис, додека во април 2 со сифилис, а во март дури 9 лица се заразиле од оваа болест, а во февруари е регистриран само 1 случај на сифилис и 1 на гонореја, како и 2 случаи на гонереја во јануари годинава.
Сифилисот важи за опасна болест која може да ги зафати скоро сите органи, да заврши со смрт или да остави непоправлива штета на срцето, зглобовите, очите, мозокот и многу други органи и која може од инфицирирана мајка да се пренесе на плодот. Се лекува со засилена антибиотска терапија кога навреме ќе се открие.
Во денешно време лицата со ХИВ може да живеат долг и здрав живот земајќи антиретровирусна терапија (АРТ), која е ефикасна и достапна за сите, но потребно е порано дијагностицирање на вирусот.