Ракетата Фалкон 9 со руско-американски екипаж ќе полета кон Меѓународната вселенска станица

Фото: Спејс Х

Тројца американски астронаути и еден руски космонаут доцна вечерва треба да полетаат кон Меѓународната вселенска станица (МВС), како дел од редовната ротација на екипажот. Лансирањето на ракетата Falcon-9 на компанијата Спејс Х е закажано за 23:16 часот по локално време (4:16 часот по средноевропско време) од вселенскиот центар Кенеди во американската сојузна држава Флорида.

Сепак, полетувањето би можело да биде одложено поради временските услови, кои се проценуваат дека се само околу 40 отсто поволни за лансирање.

Капсулата „Драгон“ со астронаутите, на врвот на ракетата Falcon-9, веќе беше искористена за четири претходни мисии со екипаж. Таа капсула овојпат има четворица патници кои се членови на осмиот екипаж, редовна ротациона мисија обезбедена од SpaceX за американската вселенска агенција (НАСА).

Американецот Мајкл Барат е единствениот астронаут од екипажот 8 кој веќе бил на Меѓународната вселенска станица.

Ова ќе биде прво вселенско патување за уште двајца Американци – Метју Доминик и Жанет Епс, како и за Русинот Александар Гребионкин.

НАСА и руската вселенска агенција Роскосмос, кои заеднички управуваат со МВС, воспоставија програма за размена на астронаути, при што секој наизменично превезува член на екипажот од друга земја.

Програмата опстојува и покрај војната во Украина, а МВС сега е еден од ретките примери на соработка меѓу Вашингтон и Москва.

Астронаутите ќе имаат задача да изведат повеќе од 200 научни експерименти за време на нивниот шестмесечен престој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот