Работна група за Изборниот законик: Приоритет се забелешките од ОБСЕ/ОДИХР, а не изборниот модел

На денешната конститутивна седница на работната група за Изборниот законик, без присуство на претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски беше избран за претседател, а за следниот состанок членовите ќе бидат информирани од Министерството за правда.

Новаковски е оптимист за тоа како ќе тече работата на групата бидејќи членови се луѓе кои имаат искуство и долги години работат на оваа материја и се надева дека ќе успеат да се направат измените и ќе се запази рокот тие да се случат најмалку шест месеци пред следните избори.

Во однос на можноста да се постигне консензус за една изборна единица, министерот за правда Кренар Лога рече дека засега моделот не е приоритет.

Првата задача на работната група ќе биде да се спроведат препораките и забелешките од ОБСЕ/ОДИХР, а потоа и да се изготви комплетно нов Изборен законик.

Според членот на работната група Арбер Адеми од ДУИ, работната група треба сите препораки од ОБСЕ/ОДИХР да ги преточи во законски одредби како дел од Изборниот законик. Но, како што рече по седницата, отворени се за разговори и за други теми, вклучително и за дополнување на постојниот или за нов изборен законик, за што сепак треба меѓуетнички и меѓупартиски консензус за да се отслика хетерогеноста на општеството.

На прашањето дали ДУИ е подготвена да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за една изборна единица, Адеми пред новинарите повтори дека се отворени за дискусии за сите предлози, но водејќи се од аргументите. Но, како што рече, очекува сите политички партии да дадат конструктивен придонес во целиот процес, а не да се условува работата на која било работна група со учество или неучество и со давање предлози надвор од групата.

– ВМРО-ДПМНЕ е релевантна политичка партија, очекувам одговорен пристап и од нивна страна. Тука е местото да се дадат предлозите и да дебатираме аргументирано за секој предлог, вели Адеми.

Што се однесува до предлогот за една изборна единица, тој образложи дека групата не е формирана исклучиво за измена на изборниот модел, туку и за други прашања. Според Адеми, сепак, ако се разговара за моделот и ако се одлучат за една изборна единица, тогаш треба да се разговара и за изборниот праг од 5 отсто, како и за отворени листи.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека остануваат на нивниот став да не се вклучуваат во работата на работната група додека не се прифати нивниот предлог.

– Ако работната група предложи една изборна единица веднаш ќе учествуваме во нејзината работа. А нема потреба од политизација ако се работи само на забелешките од ОБСЕ/ОДИХ. Тоа ќе го поддржиме и без претставник во работната група, ни изјавија од партијата.

Претседателот на групата, Новаковски веќе апелираше до ВМРО-ДПМНЕ да номинира свој претставник и информираше дека главната задача ќе биде спроведување на препораките од ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно ќе се работи и на нов Изборен законик. Според него, неизбежно е да се отвори и прашањето за изборниот модел, бидејќи повредата на еднаквоста на правото на глас е една од забелешките на ОБСЕ. Новаковски смета дека со промена на пропорционалниот изборен модел со една изборна единица би се надминал ваквиот проблем.

Во работната група учествуваат претставници на СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот