„Пуцко петрол“ на удар – Исмаил Јахоски со пратенички имунитет
Дали приведувањата и претресите на бизнисменот и поранешен директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски, и на сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, ќе бидат вистинскиот удар за нафтената империја која ја основаше таткото на Асмир, „вечниот“ градоначалник на Пласница и актуелен пратеник на ДУИ, Исмаил Јахоски? Постариот Јахоски сè уште седи во собраниските клупи и добива тендери, независно која партија и коалиција е на власт и притоа има пратенички имунитет.
Препорачано
Претресите траеја цела ноќ, а Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесе кривична пријава за Капушевски и Асмир Јахоски и уште против 11 лица кои се сомничат за сомнителна набавка на деривати. Едно лице е во бегство и едно лице е во притвор, а при претресите пронајдена е и одземена документација, пет мобилни телефони, околу 1.500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила.
МВР: Кривични против 13 физички и едно правно лице
– Од страна на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесена е кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ против 13 физички и едно правно лице, и тоа: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево и А.Ј. (40) од с.Пласница и правно лице од Скопје. МВР, по насоки на надлежниот јавен обвинител ќе продолжи со преземање на понатамошни полициски активности и дејствија со цел обезбедување на други докази поврзани и со други кривични дела – соопшти МВР.
Од Обвинителството до вчера попладне немаше официјално известување за евентуална отворена истрага и предложени мерки на претпазливост, ниту пак приведените беа изведени пред судија на претходна постапка. Неизвесно е и дали истрагата воопшто ќе стигне до „главата“ на „Пуцко петрол“, Исмаил Јахоски.
„Пуцко петрол“ уште добива тендери. Според јавно достапните податоци, компанијата само од тендери добила стотици милиони евра, а последниве месеци има склучено договори за јавна набавка со Јавното сообраќајно претпријатие, со Јавното претпријатие „Улици и патишта“ Скопје, со болници во Струга и Скопје и со други јавни претпријатија и општини, на чие чело се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
„Пуцко петрол“ имаше акции и во „Окта“ кои ги продаде, за да влезе и во градежниот бизнис. Семејството Јахоски стана сопственик на „Хеј“ ДООЕЛ, од каде подоцна се изнајмуваа деловни простории на Државна лотарија.
Според првичните информации, Обвинителството и полицијата ја истражуваат набавката со мазут за термоцентралата „Неготино“ за време на енергетската криза, која всушност беше „ладна резерва“ во електроенергетскиот систем и се вклучи во 2022 година во услови на глобална енергетска криза и енормен раст на цената на електричната енергија. Тогаш Електростопанство на Македонија (ЕСМ) распиша јавни повици во висина од десетици милиони евра за набавка и мазутот го испорачуваше компанијата на Капушевски. Сега се испитува и дали често се менувале тендерските услови за да се фаворизира компанијата на Капушевски.
Се истражува и дали во „бизнисот“ е вмешан и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, осомничен и во предметот „Адитив“, кој е во бегство, како и партнерот на Капушевски, Ерџан Сулкоски, бизнисмен со потекло од Пласница, кој порано беше вработен во „Пуцко петрол“, а сега е и сопственик во компанијата РКМ, заедно со Ратко Капушевски.
Партиски реакции
Најгласни по објавувањето на акцијата беа владејачките ВМРО-ДПМНЕ и Вреди. ВМРО-ДПМНЕ Јахоски го поврза со СДСМ, а Вреди приведените ги поврза со Груевски и Мијалков. Уапсените се поврзуваат само со опозицијата и поранешното раководство, но не и со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
– Врвот на лицемерието кога СДС и Филипче ронат солзи за аерозагадувањето, а поради бизнис и пари нивниот пратеник и бизнис ас Јахоски го труе народот со мазут. Денес нема да чуете од СДС загриженост поради загадениот воздух, но ќе видите како криминалците на Венко Филипче поради провизии и бизниси го труеле народот со канцероген мазут. Тоа се истите тие кои правеа милионски договори со министерствата на СДС, вклучително и Министерството за здравство додека Венко Филипче беше министер за здравство. Колку училишта и министерства набавиле од канцерогениот мазут на другарите на Филипче? Колку објекти користеле од истиот мазут кој бил канцероген и додека Филипче и дружината правеле милиони, народот бил убиван од канцероген мазут – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Вреди, пак, порача дека сите патишта на раководството на ДУИ водат кон Никола Груевски и Сашо Мијалков.
– Ратко Капушевски, поранешниот кадар на Груевски за директор на СЦ „Борис Трајковски“, како играч на Самсоненко и на Мијалков, станува актер во бизнисот со нафта и се заортачува со синот на Исмаил Јахоски, алијас „Пуцко петрол“, човекот од највисока доверба на Али Ахмети. Со акција на МВР, овој режимски картел неофицијално се сомничи за испумпување на 10 милијарди денари преку фиктивни договори, чиј предмет е штетен за воздухот и отровен мазут. Но ова не е само криминал! Ова е и лага. Наводната „деалбанизација“, со која измамнички манипулира ДУИ е само параван за нивниот страв од правосудна одговорност. Оваа партија нема веќе што да скрие од народот. Разголени се пред Албанците и целосно го изгубија кредибилитетот. Нема веќе платно која може да го покрие нивниот срам. Една од последните епизоди на очајниците се заканите за политичка криза и бојкот. Станува целосно легитимно прашањето дали зад ова сценарио на ДУИ всушност се кријат Груевски и Мијалков? – порачаа од Вреди.
Метеорски растежи на бизнисите на Јахоски и Капушевски
Јахоски, чиј бизнис датира од 1993 година, пред да стане пратеник, две децении беше градоначалник на Пласница, а градоначалничкото столче му го ослободи на неговиот брат Алија Јахоски. Оваа нафтена компанија е една од неколкуте рекордери во добивањето тендери од државни институции. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, кое беше објавено минатата година, оваа фирма која е една од рекордерите во добивање на државни тендери, за пет години склучила 1.776 договори во вредност од 137 милиони евра.
Оваа компанија е на врвот од нафтениот бизнис, но во истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција опфатена е компанијата на Капушевски, „РКМ Енерџи“ кој беше младинец и директор на СЦ „Борис Трајковски“ во времето на Никола Груевски.
Освен ова, постоеја и сомнежи за формирањето на високата цена на транспорт на мазутот. Во новинарски истражувања беше објавено дека цистерните мазут доаѓаа пред ТЕЦ Неготино попладне или навечер, најчесто во деновите кога цената на мазут се качуваше од Регулаторната комисија, и потоа чекаа да мине полноќ за да влезат во кругот на централата и да го источат дериватот по поскапа цена.
Истрагата треба да даде одговор и на прашањето – дали „Пуцко петрол“ му ја обезбедувал банкарската гаранција на фирмата на Капушевски, откако негов партнер станува Сулкоски. Банкарската гаранција му била потребна на Капушевски за да ги исполни условите и да учествува на тендери.
Но, она на што јавната е најчувствителна е квалитетот на мазутот кој се увезувал, со оглед на тоа што Скопје е еден од најзагадените градови во светот, а според последните бројки во Македонија, годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе, што претставува 17 до 19 проценти од вкупната смртност. Фирмата на Капушевски во други новинарски истражувања беше спомената дека дел од мазутот го набавила од босанска компанија која продавала загадувачко масло што завршило како гориво за загревање на болниците во Македонија.
Друштвото за производство, трговија и услуги „РКМ“ е формирано во дејност трговија на големо со енергенси и нафтени деривати во 2019 година, но само по три години се пофали дека станало еден од лидерите во регионот. Претходното искуство на Капушевски беше партиско. Капушевски му се заблагодаруваше на Груевски јавно што го поставил за најмлад директор на Агенцијата за образовни програми и мобилност, шеф на кабинет на Општина Центар, потоа директор на спортски центар, за потоа да влезе во нафтениот бизнис и да се поврзува со „Пуцко петрол“.


