Пу јаз’к

По автентичното толкување на зборови од речникот, на ред е нападот врз народни избраници, кој всушност да ти бил народна одбрана на Уставот. Мојот коментар на тоа е – пу, јаз’к! Или и тоа да не е спорно за да не се сетат Турците?

Неполни 24 часа по промоцијата на дигиталната платформа на Толковниот речник, на Денот на македонскиот јазик, славеникот – јазикот, доживеа политички упад со бришење лексеми од неговиот фонд. Чинот што требаше да биде свечен поради одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, се преточи во политичка цензура на македонското јазично богатство, на лажен пуританизам и преседан што може да биде само вовед во неговата постојана ревизија. Повлечени се зборовите „циганче“, „се циганчи“, „циганштија“, „циганштење“, „курва“, „ороспија“, „педер“, „каур“…

„Стручниот тим на речникот во наредниот период ќе изврши ревизија на лексемите во речникот и ќе следува процес низ кој зборовите во речникот ќе се толкуваат соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст“, соопшти Владата.

Да потсетиме: речник е книга во која се собрани зборовите на еден јазик и подредени по азбучен ред. Или ако сакате поподробно: „Толковниот речник на македонскиот јазик е еднојазичен, описен речник на македонскиот стандарден јазик. Во него е опфатен и лексикографски опишан најупотребуваниот зборовен фонд на јазикот. По обем, речникот се определува на околу 100.000 зборови (заедно со внесените како подзаглавни зборови во речничките статии), а по изборот на лексичките единици и по обработката има нормативен карактер“, пишува во описот на речникот. Под Корпус на македонски зборови пишува дека „овој речник ги содржи најупотребуваните зборови на современиот македонски стандарден јазик и се надоградува со зборови од различните стилови, кои се издвојуваат со честата и општоприфатена употреба во усната и писмената комуникација“.

Ниеден научен труд  не е затворена книга, нема да биде ниту оваа. Но, до каде ќе се оди со „автентични толкувања“ на сè и сенешто во нашето општествено живеење?

Замислете што ќе остане од речникот доколку се избришат сите зборови што во објаснувањето имаат кратенка вулг., пејор, разг. Дали поради политичка коректност наредната реакција ќе биде бришење и на зборот црнец за да не ги заладиме односите со САД, каде што овој збор е пејоративен за афроамериканското население? Дали „чистката“ од вулгаризми треба да продолжи со зборовите што ги среќаваме во еротските приказни на Кирил Пенушлиски? Како ли ќе се преведат странските автори Вук Караџиќ, Чарлс Буковски, Гијом Аполинер и слични? Конечно, замислете ја маката на лекторот што треба да ја зачисти изјавата на премиерот „за еден педер, суетен новинар и криминалци“, зашто педерот е веќе избришан од речникот (нека ми простат хомосексуалците). Уште колку зборови на барање на Владата ќе бидат толкувани „соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст“.

„Доколку продолжи ваквата практика, со право ќе сметам дека тоа е кршење на начелото за професионалност и на научната етика, што може да доведе и до анатемисување на научниците, па и нивно палење на клада. Земјата е тркалезна, гравитацијата постои, постојат и соодветните лексеми во јазикот,“ напиша докторот по филолошки науки Емил Ниами.

Анатемисани се многу нешта во ова општество од автентичните толкувачи: историчарите од Мешовитата комисија, на кои им треба меѓународна поддршка за да толкуваат артефакти, попишувачите што нè убедуваат дека пописот ќе биде само статистичка операција, директори што не сакаат рамковни вработувања во администрацијата ако не се по мерит-системот. Утре можеби пред трансплантација ќе треба и во тие итни моменти за спасување живот прво да заседава некоја меѓуетничка комисија за да укаже на политичките импликации во иднина од фактот дека етничкиот „тој и тој“ ќе носи срце од припадник на друг етникум, што „може да предизвика аритмија во нормалното живеење“. Најнов случај кој е на масата за негово автентично толкување е тој во кој нападот врз народни избраници во Собранието е пред сериозна општествена ревизија дека, всушност, станува збор за народна одбрана на Уставот.

Мојот коментар на тоа е – пу, јаз’к! Или и тоа да не е спорно за да не се сетат Турците?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот