Прво ТВ соочување на Трамп и Бајден: Хаотичен и зајадлив дуел, наместо судир на визии

Доналд Трамп / Џп Бајден / 29 септември 2020, Прва претседателска дебата во САД / Фото: ЕPA-EFE

Несвојствено за ваквите дуели, актуелниот претседател Трамп постојано беше агресивен, како тој да е предизвикувач, додека Бајден делуваше посмирено и постабилно, едвај успевајќи се да се воздржи да реагира на упорното настојување на противникот да го прекинува во речиси секоја реченица

Грдо и хаотично, со многу меѓусебни прекинувања, лични обвинувања, зајадливи коментари и низа невистинити тврдења изнесени како факти, заврши првата директна дебата на Доналд Трамп и Џо Бајден, далеку под нивото очекувано за претседателски кандидати.

Во толку хаотичен дуел, во кој ниту еден од кандидатите ниту имаше можност ниту успеа да им ги претстави на граѓаните сопствената визија за насоката во која ќе ги води САД во идните четири години, тешко е да се прогласува победник.

Наместо да споредуваат визии, гласачите беа во ситуација да оценуваат дали поголем ефект врз нив имале нервозните испади на Бајден, кој својот противник го нарече „кловн“ и во еден момент му извика: „Ај замолчи!“ или зајадливата забелешка на Трамп за историјата на наркозависност на синот на демократскиот противкандидат.

Дебатата организирана од „Фокс њуз“ во Кливленд, Охајо, беше поделена во шест сегменти од по 15 минути – за личните успеси, за Врховниот суд, за пандемијата на коронавирусот, за протестите и немирите низ градовите, за изборниот интегритет и за економијата – но десетиците милиони Американци што директно ја следеа 90-минутната караница (без паузи за реклами), речиси и да не добија ниту еден одговор од кандидатите за најавените теми. Модераторот Крис Волас уште пред неколку денови објави дека отстапува од веќе општоприфатената практика директно да се проверуваат фактите што ги кажуваат кандидатите, со цел да се обезбеди потечна дебата. Проверките направени по дебатата потврдија дека и Трамп и Бајден повеќе кажувале лични ставови и толкувања отколку факти.

Трамп: Левицата е одговорна за немирите

Несвојствено за ваквите дуели, актуелниот претседател Трамп постојано беше агресивен, како тој да е предизвикувач, додека Бајден делуваше посмирено и постабилно, едвај успевајќи се да се воздржи да реагира на упорното настојување на противникот да го прекинува во речиси секоја реченица.

Доналд Трамп / 29 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/Morry Gash / POOL

Стратегиите беа јасни, очекувани и очигледни – Бајден ги оспоруваше сите неуспеси и лажни ветувања на претседателот, за што и 90 минути му беа прекуси, а Трамп својата контраофанзива ја насочи лично кон својот противник и кон неговото семејство.

Од ретките сигнали за реалните намери на претседателските кандидати за изборите, највпечатливо беше одбивањето на Трамп јавно и експлицитно да ги осуди белите супремацистички групи, што и многупати досега оставаше простор да го поврзуваат со расизмот во САД. Трамп изјави дека актуелното насилство низ земјата „не е проблем предизвикан од десницата“, а наместо да ги осуди, на екстремно десничарските групи им порача „да се повлечат и да се воздржат“.

– Кого би сакале да осудам? – му возврати Трамп на модераторот Крис Волас. – Горди момчиња, повлечете се и воздржете се. Но, ќе ви кажам нешто… Некој мора да стори нешто за Антифа и за левицата, бидејќи ова не е проблем на десничарите – изјави Трамп.

Оспорување на изборите

Претседателот ја повтори и својата недоверба во валидноста на гласањето по пошта, кое го воведоа многу сојузни држави за да го намалат ризикот од ширење на коронавирусот ако сите гласачи дојдат на избирачките места. Ова се толкува како превентивна стратегија на претседателот да го оспори исходот од изборите ако резултатите не се во негова полза.

– Ги повикувам моите симпатизери да излезат на гласачките места и да гледаат многу претпазливо. Ако ова се фер избори, јас сум стопроцентно вклучен. Но, ако видиме манипулации со десетици илјади ливчиња, јас нема да можам да го прифатам тоа – изјави Трамп.

Џо Бајден / 29 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/Morry Gash / POOL

Бајден забележа дека и директорот на ФБИ Кристофер Реј, назначен токму од Трамп, вели дека нема докази за широка измама со гласовите, а најави дека нема да се прогласува за победник се додека резултатите не бидат официјално потврдени.

– Ова е обид да се обесхрабрат луѓето од гласање, бидејќи тој сака да ги заплаши луѓето да помислат дека нема да биде легитимно. Појавете се и гласајте. Вие ќе го решите исходот од изборите. Гласајте, гласајте, гласајте. Ако можете да го сторите тоа во вашите сојузни држави, гласајте уште сега. Ако сте во можност да гласате лично, гласајте лично. Гласајте на начин што го сметате за најдобар. Тој не може да ве спречи да го решите исходот од овие избори – изјави Бајден.

Демократскиот кандидат го нарече својот противник „кловн“ и „најлошиот претседател што Америка кога било досега го имала“. Бајден директно го обвини Трамп за огромниот број заразени и починати лица во САД при пандемијата од коронавирусот.

Трамп се бранеше со префрлање на одговорноста: „Направивме одлична работа. Виновна е Кина. Ова не требаше да се случи… Да бевте вие, ќе изгубевме многу повеќе животи“.

Бајден притоа ја оспори и најавата на Трамп за брз развој и дистрибуција на ефикасна вакцина, што претседателот го претставува како свој голем успех.

– Зошто Америка би му верувала на некој што лаже толку често. Тоа е истиот човек што ви кажуваше дека „до Велигден ќе го снема ова поради потоплото време, како чудо – изјави Бајден, зајадливо возвраќајќи со потсетување на еден од најголемите гафови на Трамп: „А, патем, можете и да си шприцнете избелувач во раката“.

Напади врз семејството

Бајден најенергично реагираше кога Трамп го обвини неговиот син Хантер за корупција во Украина, но и потсети дека бил отпуштен од Морнарицата поради користење дроги.

– Не се работи за моето семејство или за неговото семејство, се работи за твоето семејство, а тоа е народот на Америка… Мојот син, како и многу други луѓе, како и многу луѓе што ги познаваш дома, имаше проблем со дрогите. Тој го надмина. Се поправи. Тој работеше на тоа и јас се гордеам со него – изјави Бајден.

Тој реагираше и на изјавата со која претседателот ги нарече воените ветерани „слабаци“, бидејќи и неговиот постар син Бо, кој во 2015 година почина од мозочен канцер, беше одликуван воен ветеран.

– Тој не беше губитник. Тој беше патриот – изјави Бајден.

Доналд Трамп и Џо Бајден / Прва претседателска дебата / Охајо, САД / 29 септември 2020 / Фото: PA-EFE/JIM LO SCALZO

Откако доби уверување од модераторот „дека ќе може непрекинато да каже нешто барем две минути“, Бајден оцени дека Трамп ја направил земјата „поболна, посиромашна, поподелена и понасилна“.

– Кога бев потпретседател, наследивме рецесија. Од мене беше побарано да го поправам тоа. Го сторив. Му оставивме силна економија и тој повторно предизвика рецесија – изјави Бајден и потсети на исклучително толерантниот однос на претседателот кон неговиот руски колега Владимир Путин.

– Тој му е галениче на Путин. Тој одбива да му забележи што било на Путин, дури ни кога објавуваа награди за главите на американските војници – обвини Бајден.

Трамп се обиде на чуден начин да се одбрани од обвинувањата за неговото даночно досие, лансирани од весникот „Њујорк тајмс“ само два дена пред дебатата. На прашањето од модераторот да го коментира тврдењето дека во 2016 и во 2017 година милијардерот платил само 750 долари годишен данок поради наводните загуби на неговите компании, Трамп одговори: „Не сакам да плаќам данок“. Тој, сепак, инсистираше дека во годините наведени од весникот платил „милиони“ за даноци.

Прва телевизиска дебата на Трамп и Бајден, ова се клучните моменти (ВИДЕО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот