Прва лига, плеј-оф: Работнички ја доби „мајсторката“ против Гостивар за полуфинале

фото: kfsm.mk

Во решавачкиот натпревар од четвртфиналето од плеј-офот во Првата македонска кошаркарска лига Работнички славеше со 77:63 против Гостивар за пласман во полуфиналето, во кое ќе ги одмери силите против градскиот ривал МЗТ Скопје Аеродром.

Во салата „Младост“ кошаркарите на Димитар Мираковски имаа одлична прва четвртина по која стекнаа убедлива предност (25:13). Но, до средината на втората четвртина домашната екипа „симна“ половина од таа негатива, намали на 25:31. Следуваше нов добар период на гостите, неколку добри и ефикасни минути им беа доволни да изградат и највисоко водство, сега од 15 коша разлика (42:27). До паузата Гостивар намали нешто од позитивата на Работнички (34:42).

Серијата од (7-0), реализирана во нецели три минути, а иницирана од Ефремовски и Корсантиа, означи ново враќање на Гостивар во овој натпревар во кој нема место за „поправен“. Џелетовиќ и Малешевиќ го одбија тој напад, но за кратко, затоа што Гостивар, по тројката на Корсантиа, дојде и до нерешен резултат (48:48), кога се играше 27 минута. А до истекот на тој трет дел од играта, скопјани сепак ја имаа предноста, иако минимална (53:51).

Стигнаа кошаркарите на Гостивар уште еднаш до нерешен резултат (53:53), но Работнички не се предаваше и наоѓаше решение. По тројката која ја реализираше Умпиг, се одвои на сосема солидни, со оглед на развојот на настаните на теренот (61:54). Не застанаа тука, затоа што по новата тројка на Умпиг, имаа и двоцифрен плус (66:56), а Гостивар само 4:16 минути за да го анулира.

Немаа сили за такво нешто кошаркарите на тренерот Љупчо Малинков, па по вторпат по ред мораше да му признаат на противникот дека е подобар. Во победничките редови Умпиг застана на 17 поени, а за Гостивар Корсантиа постигна 18.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот