Проверка на зградите во Карпош: Обврска на станарите е да има доволно противпожарни апарати и исправни хидранти
Освен во Карпош, засега нема информации дали ваква акција се спроведува и во другите скопски општини, иако со години наназад е познато дека во зградите во Скопје, особено во постарите нема ниту противпожарни апарати, а дека на постојните хидранти, за кои и не се знае дали се во исправна состојба, одамна се украдени цревата.
Дали во зградата постои хидрантска мрежа и дали е исправна, дали хидрантите поседуваат црева за вода, дали има противпожарни апарати и дали се исправни, дали и колку станари во своите домови имаат противпожарни апарати и колку станари во зградата знаат да ракуваат со противпожарни апарати. Ова се прашањата на кои треба да одговорат сите заедници на сопственици и управители на згради на територијата на општина Карпош, кои се задолжени на писмено во рок од 7 дена одговорите да ги достават во општинската архива.
Препорачано
Како што информираа од Општината, поради трагичниот настан што се случи во Кочани, инспекторатот на Карпош спроведе акција во која ќе бидат проверени сите наведени барања и ќе ги обнови податоците што ги поседува во однос на противпожарната безбедност на зградите, кои се прибираа во 2022 година. За проверка на деловните објекти, пак, ќе се спроведе посебна акција во која ќе учествуваат повеќе инспектори.
Покрај проверката на хидрантската мрежа, секој станар или претседател на заедница на сопственици е задолжен доколку забележи дека излезот од внатрешната или од надворешната страна до противпожарните скали, во оние згради каде што има вакви скали, е блокиран со каква било препрека или мебел или, пак, е узурпиран со врата или градба, да го пријави тоа до општинскиот инспектор за домување, за да се пристапи кон расчистување на излезните врати кон противпожарните скали.
Преку јавниот повик за оваа акција се обидуваме инспекторот полесно и побрзо да стапи во контакт со одговорните лица во зградите. Акцијата е многу обемна, а соработката на терен со Заедниците на сопственици оди многу потешко, се менуваат претседателите, односно одговорните лица, така што ни податоците од терен не се секогаш точни. До фирмите управители веќе е испратен имејл со насоки. Тие се должни во рок да достават податоци, што веруваме дека ќе оди многу полесно и побрзо бидејќи се работи за фирми – правни лица кај кои имаме многу поголема контрола врз спроведувањето на дадените задолженија. Но, секако дека до заедниците ќе се обратиме и писмено преку месните заедници со доставување на барање податоци директно до зградите – објаснуваат од Карпош.

Но, знаејќи дека сите инспекции, вклучувајќи ги и локалните, немаат доволно инспектори, побаравме одговор што ќе следува откако ќе се соберат податоците, дали ќе има проверка на она што е наведено од сопствениците и управителите. Има ли Општината доволно инспектори за проверки на терен?
Немаме доволно инспектори. Односно, имаме само еден. Но, во оваа акција во согласност со нивните задолженија ќе постапат и другите инспектори, на пример доколку се утврди дека противпожарните скали се узурпирани или блокирани со каква било градба ќе постапи општинскиот градежен инспектор. Акцијата ја вршиме во соработка со Одделението за заштита и спасување во Општина Карпош, но и нивните ингеренции се доста лимитирани во поглед на оваа сериозна проблематика – велат оттаму.
Откако општинскиот инспекторат ќе ги собере податоците, ќе ги задолжи сите субјекти да постапат во согласност со закон и со правилници за противпожарна заштита, онаму каде што е потребно.
Доколку некаде не се почитуваат насоките и не се постапи по задолжувањето, ќе биде известена Инспекцијата во Дирекцијата за заштита и спасување од каде што субјектите ќе добијат соодветна казна, а за дел од нив за кои инспекторот има надлежност да ја продолжи постапката, ќе се довршат постапките во Општина Карпош – тврдат од Општината.
Инаку, обврската да се обезбеди да има доволно противпожарни апарати и исправни хидранти во една зграда е на станарите, независно дали тоа се спроведува преку заедниците или управителите.
Колективните станбени згради се приватна сопственост и целосното одржување на објектот како и почитувањето на законските нормативи е на самите станари сопственици на посебни делови, станови, преку нивните избрани претставници, или преку фирмите управители – објаснуваат од Карпош.
Претходно, уште пред трагичниот пожар во Кочани, Општината направи проверка на хидрантската мрежа во сите градинки и училишта на нејзина територија.
Освен во Карпош, засега нема информации дали ваква акција се спроведува и во другите скопски општини, иако со години наназад е познато дека во зградите во Скопје, особено во постарите, нема ниту противпожарни апарати, дека на постојните хидранти за кои и не се знае дали се во исправна состојба, одамна се украдени цревата. Во мал број згради станарите имаат планови за евакуација во случај на пожар, а во дел од нив заедничките тераси преку кои се поврзуваат два или повеќе влезови се затворени или се претворени во станови.

Законот за заштита и спасување предвидува зградите да имаат и пожарен куќен ред.
Сопствениците, односно корисниците на станбени објекти со повеќе од четири стана, како и сопствениците, односно корисниците на деловни и индустриски објекти што не изработуваат планови за заштита и спасување, се должни да имаат „Пожарен куќен ред“, поставен на видно место во објектот. Пожарниот куќен ред од ставот 1 на овој член, содржи: мерки за заштита од пожари соодветни на животните и работните услови во објектот; организација на заштита од пожари и упатство за постапка во случај на пожар – се прецизира во член 79 од овој Закон.
Според Правилникот за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, на условите за заштита од пожари мора да се внимава уште при проектирање на зградите. Па, така, станбени објекти со височина поголема од 22 метри се проектираат и се изведуваат со пожарни скали за евакуација, кои не се употребуваат во нормални услови, а можат да бидат изведени во внатрешноста на објектот или од неговата надворешна страна. Посебно е важно тие да бидат целосно во функција за да можат станарите да се евакуираат во случај на пожар, а тоа дали се во функција, треба да го контролираат инспекторите при Дирекцијата за заштита и спасување при редовни или преку вонредни контроли по пријава од станарите за непроодност на сигурносните скали.
Во станбените згради што се пониски од 22 метри, излезите во случај на пожар треба да се проектираат преку скалишни простори што се со доволна широчина, слободни, непречени и со најголема должина на патиштата за евакуација до 20 метри.
Досегашните анализи на терен покажале дека во повеќето згради каде што има пожарни скали по нив нема можност за непречена евакуација, затоа што станарите си ги узурпирале и си ги претвориле во „шпајзови“. Во пониските згради, пак, каде што влезовите се поврзани преку терасите или преку скалиштен простор, главно приодите не се проодни поради тоа што на зградата во меѓувреме се дозволила надградба или станарите од горните катови си ја узурпирале за свои потреби.


