Протоколи: Настаните на отворено да бидат со пола капацитет, во затворено со 30 отсто, за приватните веселби нема препораки

Фото: Архива на „Слободен печат“

Настаните на отворено да се организираат со 50 отсто од капацитетот на просторот и со максимум до 1.000 лица додека настаните во затворено да бидат со исполнетост на капацитетот од 30 отсто, но, исто така, до максимум 1.000 посетители, одлучи денеска Владата.

При организирање на настаните потребно е поставување на едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки на јасно видливи места, носење на заштитни маски, одржување на физичка дистанца, редовно/често дезинфицирање на рацете и правилна респираторна хигиена. Задолжително е присуство и на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки.

Воедно се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетарница, растојанието за чекање од 1,5 до 2 метра треба да е обележано. Мора да има растојание или заштитна бариера и меѓу вработениот и посетителот.

– Врз основа на горенаведените општи препораки, секој организатор треба да изготви протокол за реализација на планираниот настан кој ќе го објави јавно со цел навремено информирање на посетителите и учесниците во настанот за правилно следење на протоколот, наведува владината прес-служба.

Со дадените препораки не се опфатени приватните веселби.

Владата на денешната седница одлучи и сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост и другите државни институции од извршната власт, за 50 проценти да го намалат надоместот при склучување договор за користење објект или простор за организирање и одржување наменски културен, забавен или спортски настан во услови на пандемија поради мерките и препораките. Ова им се препорачува и на единиците на локалната самоуправа, на јавните претпријатија и на другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа.

Општите препораки за организирање настани што ги наложува Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство врз основа на кои се донесени овие владини одлуки се: задолжително носење лична заштитна опрема на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, како и одржување на физичка дистанца на публиката на настанот со обележани места за седење на дистанца од еден и пол до два метра. Притоа, не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката. Задолжителното одржување на физичка дистанца од два метра се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација. Според препораките, ограничен е капацитетот на посетители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот