Протекоа приватни разговори меѓу американски политичари: Ги нарекувале Афроамериканците „мајмуни“, еден рекол и дека го сака Хитлер
По скандалите, неколкумина од републиканците, вклучени во онлајн разговорите, ги загубија своите работни места или партиски функции, а еден сенатор од Вермонт поднесе оставка. Преку 2.900 страници протечени пораки покажуваат екстремна расистичка и насилна содржина, вклучувајќи навреди кон Афроамериканци („народот на лубениците“), изјави за силување непријатели и повици за гасни комори.
Овој месец во САД избувнаа три одделни скандали поврзани со протечени приватни пораки од групни онлајн разговори, кои открија расистички, антисемитски и насилни изјави на личности од различни идеолошки струи, пишува „Ројтерс“.
Препорачано
Приватните, но сега објавени пораки, содржат расни навреди, пофалби за нацисти и повици на политичко насилство, што отвори прашања зошто учесниците се чувствувале удобно да изразуваат такви ставови и покрај ризикот од разобличување и осуда.
Протечени разговори со шокантни содржини
Скандалите го зголемија стравот кај граѓанските организации и експертите за политички јазик дека насилната реторика и расистичката омраза стануваат нормализирани во американското општество — дури и по децении борба за граѓански права.
Експертите велат дека луѓето отсекогаш изразувале вакви ставови во приватност, но дека овие протечени пораки се значајни бидејќи покажуваат нефилтрирани и шокантни мислења на политички фигури.
Група од околу десетина лидери на Младите републиканци, од јануари до средината на август, разменувале расистички и антисемитски пораки на социјалната платформа „Телеграм“, нарекувајќи ги Афроамериканците „мајмуни“, а еден дури напишал: „Јас го сакам Хитлер“.
На 3 октомври списанието „Нешнал ривју“ објави протечени пораки од Џеј Џонс — демократски кандидат за државен обвинител на Вирџинија — кој во приватна порака од 2022 година напишал дека „еден републиканец треба да биде застрелан во глава“ и дека би уринирал врз гробовите на политичките противници.
Оваа недела, Пол Инграсја, кандидат на Доналд Трамп за шеф на федерална контролна агенција, се повлече од номинацијата откако беше објавено дека во приватна порака за себе напишал дека „понекогаш има нацистички пориви“.
„Илузија на приватност“
Социолозите и експертите за онлајн култура велат дека овие скандали се резултат на лажно чувство на безбедност во затворени групи.
„Постои илузија на интимност — изгледа како приватен разговор, но вие се обложувате дека сите членови засекогаш ќе ве штитат,“ вели социологот Алекс Турви.
Турви објаснува дека во политиката лојалностите бргу се менуваат, па приватните групи не се навистина безбедни.
Професорот Рис Пек од Градскиот универзитет во Њујорк додава дека реториката на Доналд Трамп — особено неговите напади врз либералните движења — натерала дел од конзервативците да веруваат дека зборови што порано биле неприфатливи, сега се дозволени.
„Трамп ја презеде популарната култура. Ако кажеш нешто шокантно, стануваш дел од групата — тоа е суштината на т.н. трампизам,“ објаснува Пек.
Турви ова го нарекува „култура еџлорд“ — феномен каде што луѓето намерно објавуваат шокантни или табу изјави за да останат релевантни и прифатени во онлајн групите.
Афроамериканските конзервативци со остри реакции
Конзервативната федерација на Афроамериканците, група што го поддржуваше Трамп, ги повика републиканските лидери „без двоумење да ги осудат“ расистичките пораки од групата на Младите републиканци.
Професорот Хаким Џеферсон од Универзитетот Стенфорд изјави дека Трамп им дал „покритие“ на луѓето што се служат со таков јазик.
„Кога претседателот на САД зборува така, им се отвора простор на другите да го имитираат,“ рече Џеферсон.
Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, пак, го бранеше Трамп, тврдејќи дека „претседателот правилно ги осудува криминалците кои илегално ја имаат преминато границата“.
Младите републиканци добија откази
По скандалите, неколкумина од Младите републиканци ги загубија своите работни места или партиски функции, а еден сенатор од Вермонт поднесе оставка.
Преку 2.900 страници протечени пораки покажуваат екстремна расистичка и насилна содржина, вклучувајќи навреди кон Афроамериканци („народот на лубениците“), изјави за силување непријатели и повици за гасни комори.
Државниот комитет на Републиканската партија во Њујорк ја распушти својата младинска организација, а неколку членови се извинија.
Претседателот на Националната федерација на младите републиканци, Хејден Пеџет, изјави:
„Таквото однесување е срамно и спротивно на вредностите што ги застапуваме“.
„Повремено имам нацистички пориви“
Пол Инграсја, поранешен десничарски поткастер, требаше да биде назначен за шеф на Канцеларијата за специјален надзор — институција што ги штити укажувачите во владата.
Но, откако медиумите објавија дека во приватен разговор напишал „Јас имам нацистички пориви повремено“ и дека празникот по повод Мартин Лутер Кинг треба „да биде исфрлен во седмиот круг на пеколот“, тој ја изгуби поддршката.
Неговиот адвокат изјави за „Ројтерс“ дека пораките можеби биле манипулирани, но и дека, дури и ако се вистинити, тие биле „саркастичен и самоироничен хумор“.
Градоначалникот на Лондон го нарече Трамп расист и исламофоб


