Промоција на збирката раскази „Петкамен“ од Нина Насеска ќе се одржи во КИЦ – Скопје

Покана за промоцијата на книгата во КИЦ - Скопје

Во Галерија „Империјал 2“ при Културно-информативниот центар во Скопје на 14 март, со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на збирката раскази „Петкамен“ од Нина Насеска. Промотор на книгата ќе биде Јулијана Величковска од „ПНВ Публикации“.

– Во своето првенче, збирката раскази „Петкамен“, Нина Насеска ги штити од заборав сите ликови од соседството на кои свикнуваме и ги доживуваме за некако свои и блиски, особено тогаш кога нивното отсуство станува повидливо од нивното присуство. Нивните животни приказни и нивните тајни остануваат недообзнанети, закопани заедно со нив.

Многу од овие раскази се налик филмовите без конечен крај на приказната, токму како што е и во реалноста. Нина ни прикажува само куси извадоци од животот на нејзините јунаци, некои од нив се и антихерои што се чини дека не се главни ликови ниту во сопствената приказна, маргинализирани, осамени, напуштени, ретко среќни, па прават да се замислиме за сопствениот живот и за нашите односи со луѓето околу нас.

Во оваа збирка раскази доминираат меланхолијата и носталгијата по напуштениот дом, по загубеното детство и детските игри, по починатите блиски, по сето она што можело да биде ако не сме донеле извесни погрешни животни одлуки… но и приказни во кои се чувствува љубовта и семејната топлина, и надеж каква што само децата можат да ветат! ‒ истакнува Јулијана Величковска.

Авторката Нина Насеска (2002, Прилеп) студира на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на збирката поезија и проза „Мозаик од доживувања“ (2014), романот за деца „Авантурите на Ела Вилсон“ (2018) и најновото дело „Петкамен“, збирка раскази (2023). Има учествувано на неколку литературни читања, добитник е на повеќе книжевни награди и признанија, а нејзини раскази се објавени во списанијата „Современост“, „Стремеж“ и „Репер“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот