Професионална или партиска Комисија за жалби по јавни набавки – што ќе добиеме со измените на Законот?
Граѓанските активисти реагираат дека се отвора патот да се распушти Државната комисија за жалби по јавни набавки и да се избере нова по мера на власта. Законските предлагачи тврдат дека ќе имаме комисија со поголема одговорност и надлежност
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, по скратена постапка, стигна на дневен ред на вчерашната собраниска седница. Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара веднаш да се стопираат законските измени затоа што, според нив, се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки, а тоа претставува сериозно уназадување на заштитата од корупција.
Граѓанските активисти реагираат и за тоа дека со ова законско решение, се отвора патот да се распушти Државната комисија за жалби по јавни набавки и да се избере нова од страна на новото парламентарно мнозинство.
„На предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Собранието на Република Северна Македонија објавува јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон“, пишува во предложените измени.
Законските измени се предложени од група пратеници: Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски, Љупчо Пренџов, и според нив, главна цел на измените е токму за јакнењето на контролата и поголема транспарентност. „Основна цел на предложениот закон е да се предвидат мерки за постигнување на активностите од Реформската агенда во рамки на Планот за раст на земјите од Западен Балкан, како и зајакнување на капацитетот и независноста на Државната комисија за жалби по јавни набавки и подобрување на управната контрола која ќе биде административна проверка“, пишува во Предлог-законот.
Аргументите на предлагачот
Антонио Милошоски во изјава за „Слободен печат“ вели дека не сметаат оти досегашното законско решение било лошо, туку заедно со експерти од Бирото за јавни набавки согледале дека има пропусти и слабости и дека може да биде подобро. Тој потврдува дека во фокусот на ова законско решение е Државната комисија за жалби по јавни набавки, која треба да биде на врвот на институционалната поставеност.
– Со реформата што сакаме да ја направиме, сакаме да направиме поголемо прецизирање на надлежностите на Државната комисија за јавни набавки и на Бирото за јавни набавки. Увидовме дека Државната комисија за жалби по јавни набавки не била коректив таму каде што требало да биде. Нашата цел е таа да стане коректив во процесот со управување на државните финансии кога станува збор за јавни набавки, а тоа значи да има поголема одговорност и надлежност, а ќе се зголеми и бројот за дополнителни два члена за да нема изговори дека немаат доволен капацитет – вели Милошоски.
Тој вели дека со регулативата ќе се допрецизираат и надлежностите на Бирото за јавни набавки.
– И во однос на Бирото за јавни набавки треба да има допрецизирање за да нема поклопувања и да нема изговори кој требало, а кој не требало да постапи. Државната комисија треба да го има приматот во утврдувањето на методологијата за тоа што е правилно и законски во однос на јавните набавки. Досега имавме случаи кога за еден ист случај на јавно набавки, државната ревизија има еден став, Бирото за јавни набавки втор, а Државната комисија за жалби по јавни набавки може да има трет став затоа што работеле по различни методи, согледувања или протоколи. Со овие измени сметаме дека Државната комисија треба да биде на врвот на хиерархијата – објасни Милошоски.
Тој вели дека досега имало и банални примери кога се отфрлале жалбите, на пример поради недоставена уплата на административна такса, без да се даде рок да се отстрани овој „административен недостаток“.
Граѓанските организации реагираат за упад во институција
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата јавно прашува зошто (иако еднаш веќе беше повлечен предлогот) повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.
„Ваквиот упад во работата на институциите, кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите“, пишува Платформата.
Граѓанските организации сметаат дека особено загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во Законот, односно „при историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари“.
– При какви било намери за измени на законската регулатива од доменот на јавните набавки, инсистираме да се организира консултативен процес во кој ќе учествуваат сите надлежни институции како Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Министерството за финансии, Државната комисија за спречување на корупцијата и граѓанските организации кои работат на антикорупциска проблематика. Повторно укажуваме дека практиката на донесување законски измени во скратена постапка, без консултативен процес, особено за решенија што може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, е неприфатлива и спротивна на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики – велат од Платформата.
На нашето прашање зошто законските измени се носат по скратена постапка, Милошоски вели дека можно е да има надзорна расправа, но во друга фаза.
– Бадијала ќе правиме законски измени ако тие не се спроведуваат. Најголем проблем и досега беше имплементацијата. Треба да не дозволиме да се изигрува законот. Затоа, велам дека поважна од јавна расправа би била надзорна расправа и не ја исклучуваме можноста да ја направиме со Бирото за јавни набавки, со Државната ревизија, со Државната комисија за жалби, со Антикорупциската комисија за да зборуваме за имплементирање на законот – вели Милошоски.
Според извештајот на Центарот за граѓански комуникации, јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Во 2023 година, склучени се договори за јавни набавки во вредност од 92 милијарди денари, односно околу 1,5 милијарда евра, што е за 35 отсто повеќе од претходната година. Зголемената вредност на набавките е проследена со влошување на конкуренцијата на тендерите. Просечниот број понуди по тендер изнесува 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една пону