Не хазардирајте со здравјето!

Нема научни и клинички докази за негативното влијание на ACE и ARB инхибиторите кај коронавирусните инфекции. Потребно е пациентите да продолжат со дотогашната кардиoлошка терапија.

Во напливот лажни, најчесто црни вести, што се, сакам да верувам, последица на општата психоза на страв поради планетарната закана од ковид-19, на социјалните мрежи, а претпоставувам и во личните контакти, посебно место сѐ почесто заземаат гласините во врска со употребата на одредени кардиолошки лекови. Циркулираат, во сѐ поголем размер квазиинформации што директно влијаат врз здравјето на голем број лековерни луѓе, кои со тоа како да си обезбедуваат карта за оној свет. Што е уште потрагично, овие црни вести како да добиваат на значење и во лекарската заедница, особено докторите чии дисциплини не се директно поврзани со кардиолошката наука. Имено, последниве денови, покрај обичните граѓани, сѐ почесто ми се јавуваат колеги што бараат совети за однесување на нивните пациенти што страдаат од болестите на срцето.

На прво место на нивното оправдано интересирање, што произлегува од нивното чувство за одговорност спрема болните луѓе, се сет прашања за влијанието на одредена група антихипертензивни медикаменти (лекови за намалување на крвниот притисок) кои наводно ја отвораат вратата на клетките за полесна инфекција со ковид-19, кај пациенти што се лекуваат со таа група лекови и го прават организмот поприемчив за зараза.

Да појаснам: се манипулира со наводното сознание дека вирусот ковид-19 навлегува во клетките во белите дробови, користејќи ги ACE-2 рецепторите. Лажните информации се сведуваат на одредени мислења дека постои негативно влијание на антихипертензивните лекови од групата на ACE и ARB (како „енап“, „еналаприл“, „соприл“, „пренеса“, „лосартан“…) кои со инхибицијата (блокирање) на споменатите рецептори наводно го олеснуваат навлегувањето на вирусот во клетките и понатаму во организмот. Како последица од оваа невистина, некои пациенти, без да се обратат на вистинското место, самоиницијативно се откажуваат од пропишаната терапија, надевајќи се дека така ќе ја зголемат способноста на својот организам да справи со ковид-19. Морам да предупредам дека наглото прекинување на употребата на лековите од оваа група, може да доведе до драстично влошување на здравствената состојба на пациентите, нерегулирана хипертензија (нагло зголемување на крвниот притисок), како и срцева слабост.

Поради контроверзиите што се појавија во јавноста, но и меѓу некои доктори, го истакнувам последниот официјален став на Европското кардиолошко здружение (ESC) од 13 март 2020 година, според кое нема научни и клинички докази за негативното влијание на горенаведените лекови (ACE и ARB инхибиторите) кај коронавирусните инфекции. Науката е многу јасна. Според Советот за хипертензија при Европското кардиолошко здружение, потребно е пациентите да продолжат со дотогашната кардиoлошка терапија. Значи, уште еднаш подвлекувам, да не се прекинуваат лековите што го регулираат  високиот крвен притисок (од групата на ACE и ARB инхибитори) кои се во редовната антихипертензивна терапија на пациентите.

Оваа моја препорака и предупредување би можело да има и поширок контекст, бидејќи сѐ почесто се шират невистинити и мошне опасни наводни совети и за други болести, кои кај оние што ќе им поверуваат, може да им биде последно во животот.

Затоа, незаменлива важност имаат консултациите со своите лекари, особено ако на некој му се причини лагата како вистина. Одморете се од социјалните мрежи и од д-р Гугл.

Кардиолог супспецијалист проф. д-р Антонио Георгиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот