Проект на градинка во Волково е носител на Годишната награда за архитектура

Архитектите Филип Конески и Даница Спасевска, автори на делото „Детска градинка Волково“, на крајот на декември ја добија Годишната награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2021 година.

Она што ја прави оваа градинка необична е нејзиниот специфичен изглед. Експертите во архитектурата коментираат дека одлуката за оваа награда најпрво созрева, но и дека немаме многу богатство од ваков вид. Објектот е изграден според нови архитектонски стандарди, со голем кружен атриум со зеленило и надворешно игралиште, а покривната непропусна конструкција има можност за зелен кров и за надоградување на енергетската ефикасност. Има и лифт што ќе овозможи целосна инклузија на децата со попреченост.

Доделувањето на наградата е во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а на добитниците им ја врачи претседателот и покровител Стево Пендаровски. Изградбата на градинката е во рамките на проект поддржан од Светска банка, чија цел е да се реши запоставеноста на овој дел од Скопје, каде е лоциран недостаток на место и нови градинки.

Филип Конески, еден од авторите, е роден во Скопје и дипломира на Архитектонскиот факултет. Добитник е на повеќе награди од областа на архитектурата, а основач е и на интернет-страницата „Македонска архитектура“, каде објавува проекти што се недоволно видливи за јавноста, како што е македонската архитектура од 60-тите години до крајот на 80-тите години на минатиот век.

Во изјава за „Културен печат“, Конески ни објасни во што е новоста кај оваа мошне специфична градба.

– Градинката во Волково претставува одреден чекор напред во борбата – општините посмело да размислуваат за својот простор и за иднината на своите граѓани. Изведбата на градинката ги задржа просторните и организациони вредности на авторскиот обликовен јазик, оставајќи простор во иднина некои од пропустите да бидат корегирани. Инвестирањето во субурбаниот дел на Скопје, во објект кој ги поместува границите на домашното перцепирање на типологијата на функцијата – градинка, се надеваме дека позитивно ќе влијае во општеството за следни архитектонски предизвици. Таа се разликува во теренската поставеност, нејзината кружна форма, замената на класичните тераси со централен атриум еднакво достапен од секојa точка во објeктот, пробивањето на пасажот преку двојна функција на амфитеатар со поглед на градот и спореден влез – излез. Секако, тука е и оставената можност во иднина да се реализира кровната градина, со што објектот ќе го добие целосно посакуваниот идентитет – рече Конески.

Како некои од предизвиците со кои се соочуваат архитектите кај нас, претседателот Пендаровски при обраќањето ги посочи барањата на инвеститорите, но и проблемите со урбаната мафија и потребата да се задоволуваат небулозни идеолошко-политички барања. Конески е на мислење дека архитектите треба да имаат поголемо влијание во процесите и создавањето на визиите за просторот.

– Личните ставови за архитектурата на сегашноста и иднината се во насока на поголемо влијание на архитектите во процесите и создавањето на визиите за просторот. Тие треба да го имаат главниот збор, додека регулативата треба да ги постави на вистинското место да можат да одлучуваат за доброто на градот. Таа треба да зрачи со почит на контекстот во просторот, визионерство, интеграција на зеленилото, новите технички инженерски достигнувања и современ обликовен јазик. Пред сѐ, таа треба да стане двигател на времето во кое живееме, обликувајќи го светот во пријатно место за живеење – смета Конески.

М-р Даница Спасевска, коавтор на градбата, за архитектурата вели дека е нешто што треба да биде функционално, но мора и да се внимава на естетиката.

– Архитектурата треба да претставува синергија и одговор на инженерски, урбанистички, филозофски правци и проблеми во времето кога се создава. Но секако, во хармонија со човекот и природата чиј контекст на битисување треба да го насели и надополни со својата физичка појавност. Таа секогаш била израз на односот помеѓу колективната свест присутна во градот и индивидуалните погледи на личностите кои го градат и сонуваат – заклучува Спасевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот