Продолжува војната на зборови, Ристовски му одговори на Циговски: Делењето на „мои“ и „туѓи“ скијачи е уништување на спортот со умисла

Антонио Ристевски и Дардан Дехари/ Фото: фејсбук/Antonio Ristevski

Иако се уште незавршени Зимските олимписки игри во Пекинг, се разгорува војната на зборови на релација Антонио Ристевски – Скијачка Федерација на Македонија.

Антонио Ристевски, тренерот на знаменосецот Дардан Дехари, минатата недела се огласи преку својот профил на Фејсбук во кој објави дека претседателот на Скијачката федерација на Македонија, Огњан Циговски побарал од него да му одговори каде се наоѓа и тоа во време на одржување на ЗОИ.

„Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ, само г. Огњан Циговски не знае! Го пишувам ова јавно бидејќи сум огорчен. Дури 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самовластие. Цел овој период и живеев со целиот тој стрес секој ден, во интерес на македонските скијачи и македонскиот спорт, пред сè поради олимписките квалификации и Олимписките игри во Пекинг 2022. Целата оваа фарса против мене, мојот клуб и мојата должност како главен тренер на алпските репрезентации во Скијачката федерација и најдобрите македонски алпски скијачи е јасна, сакаат да ме отстранат од спортот. Како што сте тргнале, ќе бидете запомнети како гробари на македонското спортско скијање. Па, да ви кажам, јас бев и сум на ЗОИ во Пекинг заедно со Дардан, каде што гордо и достоинствено ја претставуваме нашата држава. Ние ќе бидеме светлата страна на историјата. Тоа не може да го избришете со мејлови, закани, препорачани писма, забрани за тренинг на „вашето Маврово“. Можеби можете да ме избркате од работа, но спортската душа никогаш нема да ми ја одземете – напиша меѓу другото Ристевски.

Претседателот на СФМ, Циговски, тогаш експресно одговори никој не барал од Ристевски да каже каде е, туку да достави извештај за сработеното.

– Никој не споменал никакво бркање од работа, никаков отказ на Ристевски. Едноставно, Федерацијата формално-правно како работодавач на Ристевски треба да биде известена од него каде е и што работи. Тој 11 месеци не го сторил тоа. Ние го плаќаме и сакаме да имаме информации од него што работи. Тој 11 месеци не се појавил во Федерацијата. Не кажал кого тренира, каде тренира, зошто тренира. Тоа е преписката. Како работодавец сакаме да знаеме што тој работи. Секој месец тој добива плата, а од него немаме информации што работи. Ако тренира врвни скијачи, нека каже каде, кого тренира. Ние дадовме согласност и писмо тој да оди на ЗОИ заедно со Дардан Дехари – изјави меѓу другото Циговски за весникот „Слободен печат“.

Федерацијата и тренерот на алпинците во клинч

Потоа се огласи и најдобриот македонски скијач Дардан Дехари кој објави дека играл „глув телефон“ со СФМ, односно никој во Федерацијата не одговорил на неговите повици и покани за разговор.

– Замислете, јас како најдобар македонски скијач во моментов, по резултати од мината сезона , не бев ниту повикан, ниту било како исконтактиран од страна на СФМ до денешен ден за било какви активности во врска со репрезентацијата, иако ги имам исполнето сите критериуми да ги бранам боите на Македонија. На неколку наврати се обидов да стапам во контакт со некој од СФМ, а најмногу со претседателот Циговски за да дознаам што е работата, за што ѝ им испратив уредно допис за моите резултати и програма. Ги потсетив кои обврски како СФМ се должни да ги направат за тековната олимписка сезона (бидејки очигледно не ги знаат моите резултати), но од нив немаше ниту трага ниту глас – напиша Дехари.

 

Ставре Јада заврши на 86 место во квалификациите во нордиско скијање

 

Сапуницата денеска продолжи со нова објава на Ристевски во која му одговара на прозивките од Циговски.
„Почитувана јавност, принуден сум на ваков начин да се бранам од клеветите на самопрогласеното водство на СФМ. Многу е тешко да се брани спортот од приучени личности кои немаат допирна точка со тренажен процес и исполнување спортски норми за учество на светски ски натпревари. Недозволиво е Циговски да ги девалвира спортските успеси на македонските репрезентативци. Ај што речиси 1 година не ни прашал каде се и што им треба, па уште и ги навредува и ги нарекува неспособни. Македонија е мала земја која се бори за свое место под олимпискиот оган. Делењето на “мои” и “туѓи” скијачи е уништување на спортот со умисла. Еве ги фактите! Најдобрите наши скијачи во моментов, A-репрезентацијата ,заедно со мене како тренер, во последнава сезона до сега имаме реализирано повеќе од 160 активни денови на физички потготовки, 90 дена на снег со повеќе од 120 дена поминати надвор од Државата. Учествувавме на 22 FIS меѓународни натпревари, од кои 8 во Италија, 2 во Франција, 4 во БИХ и 8 во Црна Гора. Постигнавме одлични резултати и повторно ја исполнивме нормата за алпската А репрезентација на СФМ и олимписката норма за учество на ЗОИ во Пекинг. Сето ова го сторивме со НУЛА денари помош од СФМ! На официјалната интернет страна на FIS лесно се проверуваат резултатите. Јас сум подготвен да преземам одговорност за овој учинок, но клучната дилема е дали Циговски е подготвен да преземе одговорност за своето поведение. Македонскиот спорт видел се’ и сешто изминативе 30 години. За да си на чело на било која спортска федерација треба да го сакаш спортот, да обединуваш и да си спремен да даваш, а не да мислиш само на земање. Каков е тој синдром, да го мразиш успехот на репрезентативците само заради тоа што знаат колку си неспособен? Ние спортистите сме издржале многу, ќе ги издржиме и овие сегашниве залутани епизодисти во спортското скијање. Порано или подоцна вистината секогаш победува“, стои во соопштението на Ристевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот